Болидите од новата генерација, очекувано, се поинфериорни кога е во прашање издржливоста од минатата генерација на болиди, но тоа е и очекувано, ова е прва нивна сезона.
На петтиот тест ден од вкупно шест, малкумина возачи поминаа без проблеми. Тимовите традиционално планираа да одржат симулација на квалификации и трка, но одново и одново мораа да влегуваат во боксот поради црвените знамиња, а денот се покажа како рекорден во однос на нивниот број.
Наутро и навечер патеката е побрза отколку во текот на денот. Алпин го подели денот на четири дела. Окон беше зад воланот на А522, прво возеше краток стинт на меките гуми, забележувајќи го најбрзото време на утринската сесија, а потоа се префрли на подолги стинтови.
Во попладневните часови, сè беше спротивно, програмата започна со долги стинтови, а заврши со кратки. За Французинот ова е последен ден на тестирање, утре програмата на тимот ќе ја комплетира Фернандо Алонсо.
Во Вилијамс, пожарот настанат од сопирачките на болидот на Николас Латифи во утринскиот дел од сесијата, иако беше оценет како минорен од страна на тимот, не им дозволи да комплетираат повеќе од 12 круга.
Проблемите од здравствен карактер за Даниел Рикиардо придонесоа тој да не се појави во гаражата на Мекларен, па тимот ја смени програмата и Ландо Норис седна зад воланот на MCL36.
Најновата вест е дека Австралијанецот по кој знае колкав број на тестови конечно на еден од нив е позитивен на коронавирусот. Тоа значи дека Ландо Норис продолжува да тестира за Мекларен.
Тој вели дека веќе се чувствува подобро и дека ќе биде подготвен за следниот викенд и трката за Големата Награда на Бахреин.
Поради проблеми со прегревање на сопирачките Ландо изгуби многу време, успеа да комплетира кругови колку што трае една трка, но далеку од посакуваниот и планиран просек на тимот.
Во Хас, Мик Шумахер не беше во можност да излезе од својата гаража со почеток на сесијата, поради истекување на масло, а потоа предвреме ја заврши поради проблеми со издувниот систем.
Во попладневните часови тој беше заменет од Кевин Магнусен, кој се врати зад воланот на Ф1 болид по една година пауза. Болидот во негови раце работеше посигурно и денот го заврши со најбрзото време.
Мерцедес избегна проблеми, но заостануваат со брзина. Сепак, нивната тактика е добро позната, секогаш имаат строго зацртана програма, на која се држат без поголемо оптоварување на болидот.
Утрото Расел извозе растојание на една цела трка, а попладне Хамилтон изгуби еден час во својата гаража и на крајот комплетираше помалку кругови од планираното.
Тест сесијата беше стопирана во повеќе наврати. Прво, поради тоа што Вилијамсот на Николас Латифи се запали, потоа поради истекување на хидраулична течност на болидот на Валтери Ботас, запирањата на патеката од страна на Естебан Окон и Ландо Норис и уште два пати, за тестирање на новиот софтвер на ФИА во случај на стопирање на трката, стоечки старт и дополнителен формациски круг.
Според досегашните резултати, многумина(не сите) го сметаат Ферари за фаворит за победата на првата трка од сезоната, но останува да го почекаме и последниот тест ден. Карлос Саинц Јр. го заврши регуларниот дел со најбрзо време, со предност пред Ред Бул и Мерцедес АМГ.
Сепак, по завршувањето на дополнителниот еден час за тимот на Хас, кој им беше дозволен поради логистичките проблеми, Кевин Магнусен го забележа најбрзото време серија од кратки стинтови.
Утре во Бахреин ќе се одржи последниот тест ден, а веќе следната недела ќе ја имаме првата трка од 2022 сезоната на истата оваа патека.
Во меѓувреме тимовите се согласија минималната тежина на Формула 1 болидите да се зголеми од 795 на 798 килограми. Причината за зголемувањето на тежината се должи на обидите на инженерите да го решат проблемот со вертикалните осцилации кои болидите ги имаат на правците.
Овој договор помеѓу тимовите треба да биде одобрен и од Комисијата на ФИА за Формула 1 и Светскиот совет за моторни спортови, кои ќе се состанат на 18 Март.
КЕВИН МАГНУСЕН - ПРЕРАНО МЕ ОТПИШАВТЕ ОД ФОРМУЛА 1
3/11/2022 07:49:00 PM
0
Share to other apps