Матија Биното, тимскиот шеф на Ферари, во интервју за BILD am Sontag ги даде своите согледувања за почетокот на 2022 сезоната, за шансите на тимот, за соработката со Михаел Шумахер.
- Дали те болат мускулите на десната рака?
"Што сакаш да кажеш со тоа?"
- По првата трка од сезоната, ги подигнавте победничките пехари, кога вашите возачи му обезбедија двојна Победа на тимот. На втората трка, се пласиравте на второ и трето место. Долго време не бевте во можност да кренете толку многу пехари...
"Дефинитивно, пехарите беа потешки отколку што очекував! Иако, се разбира, одлично е што повторно успеавме."
- Зошто одлучивте да се искачите на победничкиот подиум во Бахреин и да го примите победничкиот трофеј за конструктори? Дали тоа беше некаков знак?
"Обично не го правам тоа, тоа не е мој стил. Долго размислував пред да го направам ова, но потоа се принудив себеси да се искачам на подиумот. Затоа што мислев дека тоа е најдобриот начин да го претставиме нашиот тим."
"На крајот на краиштата, ако испратевме некој од одделот за аеродинамика, или пак ПЕ, тие ќе претставуваат само дел од тимот. Но, сакав да покажам дека оваа двојна победа ни припаѓа на сите нас!
- Дали тоа беше спонтана идеја или се беше однапред испланирано?
"Размислив за тоа една недела пред трката, а одлуката беше донесена по финишот на трката."
- Членовите на вашиот тим беа пред победничкиот подиум со развеани знамиња на Ферари и сите гласно ја пееја химната. Што помисливте кога ги видовте?
"Toa дава дополнителна мотивација. Сите во Ферари ја чекаа новата сезона, за која вложивме многу труд и сета наша страст. Знаевме дека имаме добар болид, но до првата трка не беше јасно колку е добар. Успехот донесе вистинско олеснување за сите."
- Како го прославивте успехот?
"Доцна се вративме во хотелот, а рано наутро требаше да летаме за Маранело, па немаше време да го прославиме успехот. Но, кога ги испорачавме освоените пехари до базата на тимот и ги видовме среќните лица на сите наши вработени, тоа беше сосема доволно."
- Во Саудиска Арабија, Ферари исто така се бореше за врвот. Дали сте задоволни од резултатите на таа трка или сеуште сте вознемирени што ја испуштивте победата?
"Најпрво, морам да кажам дека сите видоа прекрасен спектакл што ни го пружија Чарлс Леклер и Макс Ферстапен кога се бореа за победата. Резултатот од трката не беше онаков каков што сакавме, но повторно бевме конкурентни и тоа е најважно."
"На две трки забележавме 78 поени од 88 можни, тоа се многу поени, па затоа сме задоволни."
- Пред почетокот на сезоната, и вие и тимот се трудевте да бидете скромни и го минимизираа нивото на очекувања. Но, по двојната победа, Карлос Саинц Јр. изјави дека сега Ферари е на нивото на кое треба да биде. Дали сте подготвени да ја дадете истата изјава?
"Не знам дали стигнавме до тоа ниво или не. Но, тркањето и победите се дел од нашата ДНК. За тоа зборувавме. Ја започнавме сезоната со добри резултати."
- Дали овие резултати ни дозволуваат да кажеме дека имате намера да се борите за шампионските титули?
"Способни сме да се бориме за победа на секоја трка."
- Ферари e со голема предност во двата шампионати. Очекувавте ли ваков старт на сезоната?
"Подготвувајќи се за новата сезона, сите во нашиот тим работеа многу напорно. Се разбира, не знаевме точно како стоиме во однос на другите тимови. Едноставно е невозможно да се предвиди толку висок резултат на првата трка."
"Во Бахреин постигнавме највисок можен резултат, а во Саудиска Арабија се потврди дека нашиот болид е конкурентен. Но, знаеме и каде треба да се фокусираме во наредните месеци."
- На што?
"Во втората половина од сезоната од клучна важност ќе биде надградбата на болидот. Драго ни е што добро го започнавме шампионатот и сме подготвени да се бориме за високи резултати на секоја трка, притоа јасно разбирајќи дека минатогодишните шампиони остануваат меѓу фаворитите."
- Кој е вашиот главен адут во борбата за победи?
"Во Бахреин извојувавме двојна победа, а во Саудиска Арабија двајцата возачи на Ферари се искачија на подиумот. Имаме многу силен тим, одлични возачи, механичари, инженери и многу други специјалисти. Во моментов сме во многу добра позиција."
- Велат дека сте во предност поради фактот што започнавте да го развивате 2022 болдиот пред конкурентските тимови?
"Не, тоа е сосема погрешна претпоставка. Според правилата сите тимови можеше да започнат со работа во воздушните тунели и на симулатори од 1 Јануари 2021 година. Минатата година можеби имавме повеќе часови за подготовки за оваа сезона од другите, но почнавме да работиме истовремено со сите тимови. Ние само направивме добра работа. Сепак, не мислам дека имаме некоја предност пред другите. Кој што точно успеал да постигне, ќе стане јасно дури по првите пет трки."
- Спомнавте дека Ферари има победнички менталитет. Тоа е она што отсекогаш го одликуваше Михаел Шумахер, седумкратниот шампион со кој имавте можност да соработувате и...
"Тоа беше фантастично време. Горд сум што ме поврзувате со тој славен период. Но, не е само тоа. Научив многу од Михаел, пред сè, усвојувајќи го тој став и способноста да водам тим. Тоа никогаш нема да го заборавам."
БИНОТО: МНОГУ НАУЧИВ ОД МИХАЕЛ ШУМАХЕР
4/03/2022 10:20:00 PM
0
Share to other apps