Ферари денес објави дека го продолжиле договорот на Карлос Саинц Јр. за следните две сезони. Значи Италијанците ќе ја задржат тековната возачка постава, Чарлс Леклер и Карлос Саинц Јр., барем до 2024 година. Тандемот се смета за еден од најсилните во тековниот Формула 1 ростер.
Карлос Саинц Јр.: "Среќен сум што го продолжив договорот со Ферари. Се чувствувам многу мотивиран по ова обновување, бидејќи тоа ја покажува довербата што Ферари ја има во мене. Секогаш сум велел дека нема подобар Формула 1 тим и по повеќе од една година со нив, можам да потврдам дека сите мои очекувања се надминати."
"Да се тркам и да го претставувам овој тим е голема чест и со нетрпение очекувам да продолжам да уживам во нашето заедничко патување. Мојата прва сезона во Маранело беше силна и конструктивна. Кога му се приклучив на тимот во 2021 година, целта беше да му помогнам на Ферари да се врати на вистинскиот пат и да се бори за шампионските титули."
"Сега Ф1-75 се покажува како фаворит во битката за титулите, што навистина ни дозволува да се стремиме кон овие цели. Сега сакам да седнам во болидот, да го дадам најдоброто од себе за Ферари и да им понудам многу успеси за славење на неговите тифоси."
Продолжувањето на договорот не беше изненадување, туку нешто што изгледаше сосема логично по одличната 2021 сезона на Шпанецот. Карлос, исто така, ја започна 2022 година со два пласмани на подиумот, помагајќи му на тимот од Маранело да го преземе водството во генералниот пласман на конструктори. Сепак, тој е чекор зад Леклер, кој подобро се прилагоди на Ф1-75 во изминатите три трки, во кои забележа две победи.
Според гласините, договорот бил потпишан пред повеќе дена, но Ферари сакал да го објави на патеката Имола, не само што таа е блиску до нивната база, туку и поради тоа што патека го носи името на Енцо и Дино Ферари, основачот на Скудерија Ферари и неговиот син.
Следниот чекор во кариерата на Карлос Саинц Јр., со веќе загарантирана иднина, е да се обиде да ја забележи првата победа во Формула 1 и тоа да го направи оваа година. За да го направи тоа, тој ќе мора што побрзо да се прилагоди на Ф1-75.
ОФИЦИЈАЛНО: КАРЛОС САИНЦ ЈР. ПРОДОЛЖУВА СО ФЕРАРИ
4/21/2022 11:24:00 AM
0
Share to other apps



