Во 2021 година, спортскиот директор на Формула 1, Рос Браун, жестоко ја застапуваше идејата трките на релативно здодевните патеки да се направат поспектакуларни.
Беше воведена спринт трка, која технички не беше трка, туку квалификации, но практично не беше ни тоа. Затоа, форматот внесе големи турбуленции во сфератата на статистката, а не предизвика ентузијазам нити кај тимовите. Гран при викендот го загуби својот вообичаен интегритет.
Новите сопственици на Формула 1 од самиот почеток велат дека двочасовниот формат на неделната трка не е погоден за привлекување на млада публика, дека е предолг и ништо не се случува на патеката. Либерти медија ја застапуваше идејата дека е потребно кратко спектакуларно шоу кое меѓу другото ќе може да се гледа и на телефон.
Решението беше најдено во кратка квалификациска трка, именувана како спринт квалификации, да додаде интрига и да го привлече вниманието на неделната трка, но едно е теорија, друго е пракса.
Спринт квалификациите станаа непотребен слој помеѓу квалификациите во петок и неделната трка. Само првите тројца возачи добиваа скромен број на поени, а секој потенцијален инцидент го исфрлаа возачот од понатамошната борба, бидејќи од квалификациите до стартот на трката на болидите е забранета секаква работа.
Никој не разбра зошто е потребен вториот саботен тренинг, ако поставките на болидите не може да се променат. Изговорот на Браун беше дека ако не се обидеме, никогаш нема да дознаеме.
Од Формула 1, по завршувањето на 2021 сезоната, беше највено дека за новата сезона ќе има најмалку 6 спринт викенди. Но, во услови на ограничени буџети, тимовите беа едногласни - Ако сакате толку Спринт викенди треба да ни дозволите дополнителни трошоци.
Во еден момент овој формат беше на работ да биде целосно откажан како неуспешен, но на крај тимовите и Формула 1 се договорија за три тркачки викенди со спринт, и тоа на трките во Имола, Австрија и Бразил, но со одредени измени во правилата.
За тековната 2022 сезона, статистички гледано, возачот кој ќе го забележи најбрзото време на петочните квалификации ја добива Пол позицијата на негово конто, а не како што беше лани на спринт квалификациите. Тие сега се именувани само како СПРИНТ. Победникот од спринтот ќе добие 8 бода, а оној што ќе заврши осми еден. Сите останати правила околу пневматиците и Parc Ferme остануваат исти.
Рано е да се суди за конечниот распоред на силите, но првите три трки потенцираа дека планот на Ферари беше успешен. Тимот потроши две години развивајќи го новиот болид и нова погонска единица, жртвувајќи ги моменталните резултати за иден успех.
Беа ангажирани нови лица во техничкиот персонал, беше изграден нов симулатор(пол погодок), нов воздушен тунел и.т.н. За разлика од нив, Ред Бул и Мерцедес АМГ до последно беа ангажирани во борбата за титулите, трошејќи од ресурсите за финализирање на 2022 болидите.
Резултатот го гледаме на патеката. Ред Бул има очигледни проблеми со издржливоста. Две откажувања на актуелниот шампион во три трки е неприфатливо, па Ферстапен веќе заостанува 46 бода зад лидерот во генералниот пласман на возачите. Секако, овогодинешната сезона е долга, има време за кам-бек, но... Уште едно откажување на Ред Бул може драстично да ги намали нивните шанси, и покрај фактот што последната трка е сè уште далеку.
Главниот проблем за инженерите на Хонда и Ред Бул е што проблемите се секогаш различни. Причината за незавршување на трката во Бахреин беше поинаква отколку во Мелбурн, а дефектите во АлфаТаури се различни отколку тие во Ред Бул, иако сите директно или индиректно се поврзани со нивната погонска единица(Хонда).
Но, ако Ред Бул е само мал чекор зад Ферари и се бори за Пол позиции и Победи, тогаш Мерцедес АМГ воопшто нема таква шанса. Тимот има голем проблем со вертикалните осцилации на нивните болиди.
Тимот испроба многу различни поставки за подесување, неколку модифицирани верзии на подот, но вертикалните осцилации на правците се толку големи што вистинскиот потенцијал на W13 никако не може да дојде до израз.
По трката во Мелбурн, Џорџ Расел изјави дека во блиска иднина нема да се појават посериозни надградби за решавање на овој проблем и дека ќе биде потребно време за целосно разбирање и решавање на проблемите.
Засега повторно имаме само двајца возачи кои ја прават интересна оваа 2022 сезона, Чарлс Леклер и Макс Ферстапен, иако вториот ако ја погледнеме бодовната состојба е далеку зад лидерот.
Моначанецот доби брз болид и се обидува да ги искористи сите шанси. Двете победи му донесоа максимални можни бодови, вклучувајќи го и дополнителен поен за најбрзиот круг. Притисокот во Имола, пред тифозите, ќе биде многу висок, но нели така се познаваат шампионите.
Цела Италија од Ферари очекува Победа и ништо помалку. Исто така, Ред Бул би сакале да победат на домашната патека на нивните конкуренти. Со оглед на тоа треба да очекуваме интересен викенд пред нас.
Да ги погледнеме деталите на НОВИОТ ФОРМАТ НА ТРКАЧКИОТ ВИКЕНД:
Најпрво од аспект на Пирели.
Наместо вообичаените 13 сета на пневматици по возач, за време на овие викенди ќе бидат достапни 12 и тоа:
- 6 Црвени
- 4 Жолти
- 2 Бели
Во случај на влажна патека:
- 4+3 сета на интермедиа(зелени) и 3 сета за дожд(сини). Секој возач ќе има дополнителен сет од зелените пневматици доколку Тренинг 1, Тренинг 2 или квалификациите се одржат во влажни услови. Друг сет на зелени пневматици ќе биде достапен ако Спринтот се вози на влажна патека.
ПЕТОК
ТРЕНИНГ 1
Првата тренинг сесија, останува како што беше и досега. На првиот тренинг, секој возач мора да употреби два сета на пневматици, од која било смеша и да ги врати на Пирели на крајот од сесијата.
КВАЛИФИКАЦИИ
На местото од втората тренинг сесија ќе се одвиваат квалификации како и досега, со Q1, Q2, Q3 сегмент, на кои ќе се одредува стартниот поредок за саботниот СПРИНТ.
Возачите може да ги користат само црвените гуми, најмногу до пет сета. Од нив, еден може да се користи само во Q3, ако возачот се пласира во тој сегмент.
За разлика од минатата година возачот кој што ќе го има најбрзото време СТАТИСТИЧКИ ја добива ПОЛ ПОЗИЦИЈАТА, која што ќе се брои на негово конто.
И повторно статистички ХАОС, а оваа категорија некако ја губи својата поента, поради тоа што во овој случај освојувачот на Пол позиција не значи дека ќе стартува од неа на трката.
Ниту еден од возачите нема да има обврска да ја стартува неделната трка на сетот гуми со кој го забележал своето најдобро време во Q2. Наместо тоа, возачите ќе стартуваат со гуми по слободен избор.
САБОТА
ТРЕНИНГ 2
Програмата ќе започне со вообичаениот саботен тренинг, кој сега е втор по ред. Секој возач може да користи онолку сетови на пневматици колку што сака во рамките на нивната распределба.
СПРИНТ
Попладнето на програмата ќе биде 100 километарска спринт трка. Резултатите од оваа трка ќе го одредат стартниот редослед за неделната трка. Возачите кои ќе ги освојат првите осум позиции ќе добијат дополнителни поени според шемата "8-7-6-5-4-3-2-1".
Секој возач има слободен избор на пневматици. На крајот од спринт трката, возачите ќе го вратат сетот на кој што комплетирале најмногу кругови. За разлика од неделната трка, НЕМА ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ПИТ-СТОП.
Ако спринтот се одвива во влажни услови, секој возач мора да врати на Пирели сет од сините или зелените пневматици по завршување на истата. Пирели ќе ги замени овие со дополнителен сет на нови пневматици, доколку официјалната метеоролошка служба најави дожд за неделната трка.
НЕДЕЛА
ГЛАВНА ТРКА
Откако ќе ја стартуваат трката на гуми по нивни избор, без потреба да се користи сетот на гуми на кој што го забележале најдоброто време во Q2, секој возач може да ја следи својата претпочитана стратегија.
Правилата кои ги обврзуваат да користат минимум две смеши и да направат барем еден пит-стоп, остануваат да важат.
Исто така, останува да важи и правилото дека секој возач мора да користи еден од двата задолжителни сета номинирани од Пирели за трката.
Промена на правилата и прописите кога болидите се наоѓаат во Parc fermé:
Од почетокот на квалификациите во петок, болидите ќе се наоѓаат во Parc fermé, и ќе биде забранета промена на главните компоненти со три цели:
- Да се оневозможи подесување на болидите само за квалификации.
- Да се ограничи бројот на часови потребни за подготовка на болидите за следниот ден.
- Да се овозможи доволен простор за реконфигурација на болидот за тимовите да имаат корисен саботен тренинг.
По стартот на спринт квалификациите, болидите повторно ќе бидат во Parc fermé.
- Ограничен број компоненти ќе можат да се променат по квалификациите.
- Може да се промени балансот на болидите.
- Ќе може да се прилагодат отворите за ладење на ПЕ и менувачот, доколку официјалниот давател на временска прогноза, назначен од ФИА, еден час пред почетокот на квалификациите и еден час пред почетокот на спринт трката декларира дека амбиенталната температура варира за 10 или повеќе степени целзиусови.
ПРВ ВИКЕНД СО САБОТЕН СПРИНТ
4/22/2022 11:40:00 AM
0
Share to other apps








