По три години во подем, тимот на Мекларен во новата ера на Формула 1 болиди има застој во својот напредок на почетокот на 2022 сезоната. Се чини дека новите правила значително ги погодија, иако тест сесијата во Барселона не го најавуваше тоа. Каде настана пробемот?
Релативно ладното време во Барселона ги маскираше нивните проблеми, кои дојдоа во полн израз во Бахреин. Со едноставни зборови предниот дел на MCL36 не е погоден како треба, што доведува до негово прегревање, кое најмногу се манифестира на тркалата и сопирачките.
Инженерите на тимот напорно работат на надминување на проблемите со дисбалансот и одредија датум кој би бил пресвртница кон подобри резултати за нивниот болид - викендот за Големата Награда на Шпанија.
Мекларен и досега постигна извонреден напредок од Бахреин, каде што стартуваа на 13-та и 18-та позиција, а на трката беа 15-ти и 16-ти. Веќе во Џеда работите тргнаа кон подобро, иако Рикиардо мораше да се повлече од трката, Норис беше седми, а во Австралија завршија петти и шести.
Резултат што беше изненадување за Ландо Норис, кој рече дека болидот е ист како на првата трка. Овој напредок е поврзан со разбирање на MCL36, и грешките во негово подесување.
Исто така, пласманот на овие две трки, кој можеби се должеше и на проблемите на Хас, Алфа Ромео, па дури и Алпин, помогна да се маскираат, а не да се решат примарните проблеми, кои се нивото на потисна сила на предната оска и прегревање на сопирачките.
За воведување на позначителни надградби не случајно е одбрана патеката Каталуња.
Во Имола ќе имаме викенд со Спринт формат, каде има само две тренинг сесии, на кои нема доволно време за тестирање на нови делови, факт кој го потенцираа и од тимот на Ферари.
Потоа следува трката во Мајами, која е нова патека во календарот, и каде ќе треба да се посвети поголемо време на "запознавање" и подготовки за неделната трка.
Барселона беше домаќин на првата тест сесија и затоа ќе овозможи директна споредба на резултатите. Каталуња е патека која е најдобро запозната од сите инженери и возачи, и патека за која тимовите имаат најмногу податоци.
Патеката, со своите различни типови на свиоци, не е лесна за претекнување, барем така беше во минатата ера на Ф1 болидите. Но, за возврат ја истакнува вредноста на болидите. По кој знае кој пат ќе ја повториме изреката, ако сте добри во Барселона, тогаш имате болид за добра сезона.
MCL36 ЌЕ БИДЕ ЗНАЧИТЕЛНО НАДГРАДЕН ВО БАРСЕЛОНА
4/14/2022 01:17:00 PM
0
Tags
Share to other apps