Формула 1 се враќа во Европа, а Шпанското ГП го означува почетокот на враќањето на класичните патеки. Од сега до Италијанското ГП во септември, со исклучок на Канада, Европа ќе биде домаќин на шампионатот.
Како што беше често случај, трката на патеката Каталуња го сигнализира почетокот на новата фаза од сезоната, во која тимовите воведуваат поголеми надградби врз основа на нивните наоди од првите неколку трки.
Ферари во Шпанија пристигнува по двојниот пласман на подиумот во Мајами. Секако, по неговото трето место на Флорида, Карлос Саинц Јр. се надева дека ќе се снајде добро на неговата домашна патека и пред неговите фанови, од кои 3500 ќе ја пополнат трибината "Grada CS55".
- Патеката на која ќе се вози вашата домашна трка е многу добро позната на сите возачи, со оглед на тоа што редовно се користи за зимските тест сесии. Кои се нејзините главни карактеристики и кој дел најмногу ви се допаѓа?
Карлос Саинц Јр.: "Ова е дефинитивно патека што ја знаеме многу добро и мислам дека сите возачи уживаат на неа. Конфигурацијата на патеката нуди мешавина од свиоци со голема, средна и мала брзина што го прави предизвик да се постигне вистинскиот баланс на болидот во текот на целиот круг."
"Мислам дека свиоците 3 и 9 се највозбудливите. Во брзиот трет свиок, дејствува голема Г сила од влезот до излезот, а деветтиот свиок е одличен брз свиок со нагорнина и кој што очекуваме да го поминеме без пуштање на педалот за гас, барем на квалификациите."
"Патеката има многу карактер и со нетрпение очекувам да го возам овој нов болид овде во услови на трка."
- Во Шпанија пристигнувате од трката во Мајами каде го обезбедивте вашиот најдобар настап во квалификациите и вашиот деветти подиум во кариерата. Која е вашата цел за Големата Награда на Шпанија?
Карлос Саинц Јр.: "Целта, како и на секој друг тркачки викенд, е да го извлечеме максимумот од нашиот болид и да се обидеме да победиме на трката. Фактот дека тоа е моја домашна трка ја прави уште поспецијална поради сите фанови и поддршката што ја добиваме таму, но во однос на целите, ние треба секогаш да напаѓаме и да се бориме за најдобриот можен резултат."
- Ова е уште една трка на која повторно ќе биде дозволено целосно пополнување на трибините, а ќе биде отворена и трибината "Grada CS55". Што очекуваш од твоите фанови и што планираш да направиш за нив?
Карлос Саинц Јр.: "После две години со малку или без фанови на патеката, многу сум среќен што оваа година патеката е целосно распродадена."
"Знам дека ќе добиеме огромна поддршка од секоја трибина на патеката и можам да им гарантирам на фановите максимална посветеност од моја страна и од целиот тим, да им дадам причини за навивање!"
"Се надеваме дека ќе имаме одличен тркачки викенд во Шпанија и секој ќе може да ужива во возбудувањата на трката!"
Карлос Саинц Јр. покажа како ќе изгледа дизајнот на неговата кацига за викендот на патеката Каталуња. Шпанецот пред домашната публика ќе атакува на неговата прва Пол позиција и/или прва победа во Формула 1.
Возачот од Мадрид секогаш завршувал во поени на неговите претходни седум Шпански Гран При трки, и тоа помеѓу шестото и деветтото место. Тој е убеден дека сè уште може да се бори за шампионската титула во 2022 година, правејќи фудбалска паралела со неговиот омилен тим.
КАРЛОС ЌЕ АТАКУВА НА СВОЈАТА ДЕБИ ПОБЕДА ВО ФОРМУЛА 1
5/19/2022 10:35:00 PM
0
Share to other apps



