Порано во Формула 1 важеше правилото дека сезоната започнува со трката за Големата Награда на Шпанија. Годините зад нас и промените во календарот малку не отргнаа од ова, но сезонава повторно се враќаме на старо и може да се надеваме на ребаланс на силите во Ф1 шампионатот.
Патеката ги апострофира сите позитивни и негативни аспекти на еден Ф1 болид, што дополнето со податоците од пред сезонската тест сесија за тимовите е перфектна шанса за надградба на своите 2022 машини.
Во понатамошниот тек на статијава следуваат повеќето гласини за новите надградби што ќе ги донесат тимовите. Кои од нив ќе се покажат како точни, официјално ќе дознаеме во петок кога секој тим е должен да ги наведе сите донесени новитети.
Од Ферари постојано повторуваа дека подготвуваат сериозна надградба на болидот и очекуваат да ја вратат водата на својата воденица. Шпекулациите се дека станува збор за нова конфигурација на страничните отвори на воздух, обезбедувајќи помалку отпор, што ќе ја зголеми максималната брзина и ќе го компензира заостанувањето на правците.
Во Шпанија ќе биде донесен и нов под, а ќе бидат модифицирани и задното крило и дифузорот. Повеќето тимови работат и на намалување на тежината на своите болиди, а Ферари како една од мерките за да го направи тоа се реши да го елиминира лакот кој даваше светликавост на црвената боја. Ова ќе донесе намалување на тежината од 700 грама, што во комбинација со други мерки ќе донесе ослабување на Ф1-75 од околу 2 килограми.
Според италијанскиот печат, Ферари се надева дека ќе надокнади три десетинки. Болидот на Ферари беше многу брз и издржлив од самиот почеток на сезоната, благодарение на што тимот веднаш го презеде водството во двата поредоци на шампионатот и по пет трки ги држи овие позиции, иако тимот се уште нема воведено забележителни технички новитети.
Тимот на Астон Мартин имаше големи очекувања, но новата ера на Формула 1 ја започнаа неуспешно. По пет трки се на претпоследното место на табелата кај конструкторите, па тимот одлучи да подготви нова верзија на болидот. Работата на тоа се одвива веќе подолго време, но поради недостаток на делови во Шпанија ќе биде претставена само една нова шасија, која би требало да ја добие Ленс Строл.
Шпекулациите сугерираат дека во однос на аеродинамиката, новата шасија на Астон Мартин ќе биде копија на Ферари. Болидот на Себастијан Ветел ќе биде готов малку подоцна, а овој викенд тимот ќе спроведе директна споредба на двете верзии.
Алпин ќе дебитира со ново задно крило на Шпанското Гран При, за кое инженерите од Енстоун се надеваат дека ќе биде поефикасно од последното што го испробуваа во Барселона и дека ќе им овозможи да добијат повеќе перформанси за битката во средината на табелата, поредок кој е доста изедначен на почетокот на сезоната. Новото задно крило ќе биде тестирано на двата болида.
Надградбите во Барселона се само еден мал дел од поголема целина, која ќе продолжи следниот месец во Баку и ќе заврши на почетокот на јули во Силверстоун.
Мерцедес АМГ е уверен дека ќе направи нов чекор напред во Шпанија. Тимот ги искористи информациите од Мајами за нови надградби, за кои се надеваат дека ќе им помогнат да напредуваат овој викенд.
Барселона е тест мека за сите тимови. Затоа тоа е дестинацијата што многумина ја избираат за да донесат надградби на своите болиди.
Кога сме кај овој тим, да напоменеме дека од Мерцедес засега се откажаа од продажбата на својата третина акции и поради зголемената популарност на шампионатот ќе го продолжат своето учество најмалку до 2026 година.
Во Мекларен не се задоволни од постигнатиот резултат на трката во Мајами, но тимот секако беше целосно фокусиран на надградбите што ќе ги донесе на двете последователни европски патеки, почнувајќи од викендот во Барселона. Во план се голем број на нови делови, но за што станува збор се уште нема доволно релевантни гласини.
Од тимот на Ред Бул стигнуваат гласини дека во Барселона ќе бидат донесени постојни делови од болидот кои се со намалена тежина што конечно ќе им овозможи да ја постигнат оптимална тежина на РБ18. Директна последица на тоа се дополнителни перфоманси и намалена потрошувачка.
Во Алфа Ромео сметаат на техничките иновации кои ќе бидат претставени во Барселона, а кои ќе ја зголемат ефикасноста на веќе добрата шасија C42. Тоа го потврдува и фактот што Ботас на четири од петте одржани трки се пласираше во Q3 сегментот на квалификациите, а во Мајами стартуваше од високата 5-та позиција, иако не можеше да остане на неа.
Тимот на Хас е можеби единствениот кој пристигнува на Шпанското ГП без никакви надградби. Американскиот тим верува дека тоа не им е потребно и претпочитаат да почекаат уште четири или пет трки за да направат подобрувања на својот болид. Засега се уверени дека ќе имаат добар викенд на патеката на која беа добри во минатото.
2022 СЕЗОНАТА ЌЕ СЕ РЕСЕТИРА ВО БАРСЕЛОНА?!?
5/17/2022 07:14:00 PM
0
Share to other apps





