Серџо Перез победи на трката за Големата Награда на Монако забележувајќи ја неговата трета победа во кариерата.
Карлос Саинц Јр. се искачи на второто скалило на подиумот, Макс Ферстапен заврши на третото место, зголемувајќи ја предноста во поединечниот пласман.
Чарлс Леклер по прв пат во Формула 1 ја заврши домашната за него трка, но Пол позицијата ја претвори само во четврто место.
За две недели борбата ќе продолжи на друга градска патека, во Баку, Азербејџан.
Многу пред почетокот на викендот сите велеа дека 2022 болидите не се соодветни за патеката во Монте Карло. Широки, тешки, кои генерираат потисна сила со помош на подот, што бара минимална висина и крута амортизација.
Возачите ја чувствуваа секоја нерамнина на патеката, секој удар. Крутата амортизација ги правеше болидите нестабилни, а некои кога минуваа низ рабниците завршуваа со тркалата во воздух, а возачот во бариерите.
Но, сепак ова е Монако и сето тоа само го зголемува интересот на публиката. На тренинг сесиите во петокот, Леклер беше во водство, во саботата Перез го предводеше поредокот.
Квалификациите завршија под црвени знамиња, кога најпрвин Перез удри во бариерите пред тунелот, а неколку секунди подоцна Саинц Јр. удри во него. Возачите не беа повредени, но болидите мораше да се поправат.
Чарлс Леклер беше самоуверен и ја освои Пол позицијата, а Саинц Јр. ја потврди брзината на Ферари во еден круг обезбедувајќи го првиот стартен ред. Возачите на Ред Бул стартуваа од вториот, со Перез вторпат сезонава пред Ферстапен, па лидерот во шампионатот ја започна трката од четвртата позиција.
Во петокот и саботата во Монако беше многу топло, а на денот на трката стана постудено. Прогнозата ветуваше голема веројатност за дожд, но тој ги изненади сите на десет минути пред стартот, кога болидите веќе беа на гридот и со монтирани гуми за суво време.
Тимовите не знаеа што да прават, тркачкиот директор ја одложи стартната процедура и прогласи влажна трка. Прво, на сите им ставија интермедија, потоа на гуми за дожд, кои се единствена можна опција кога трката е прогласена за влажна.
Безбедносниот автомобил, 16 минути по закажаното време за старт, ги поведе возачите во формациски круг, но интензитетот на дождот се засили, по што беа развеани црвените знамиња.
Возачите ги паркираа своите болиди на пит-линијата. Во 16:05 часот, повеќе од еден час од закажаното време за старт, возачите излегоа на патеката зад безбедносниот автомобил со сините гуми за дожд, по што трката започна со летечки старт.
Правилата велат дека по црвено знаме следува стоечки старт, но кога имаме нерамноправни услови за возачите тоа се поништува со одлука на тркачкиот директор.
Во првиот круг, Латифи удри во бариерите покрај најбавниот свиок во календарот, но успеа да продолжи. Ленс Строл имаше контакт со бариерите, при кој заработи дупната гума и мораше во боксот, менувајќи гуми. Николас Латифи го смени предното крило.
Во 3-от круг, безбедносниот автомобил ја напушти патеката, по што топ 10 поредокот остана непроменет. Возачите од подолните места, Пјер Гасли и Николас Латифи се решија да ризикуваат на интермедија гумите.
По 14-от круг, Пјер Гасли започна да поставува репрезентативни времиња на патеката со интермедија гумите, дури и забележа неколку претекнувања, што беше знак за останатите возачи да побрзаат во бокс.
Во 16-от круг Хамилтон се префрли на интермедија гуми, во 17-от круг Перез, во 18-от круг Норис, Леклер и Ферстапен. Карлос Саинц Јр. ги одби своите механичари за интермедија гуми и реши да почека неколку круга за веднаш да премине на гуми за суво.
Хамилтон го стигна Окон и нападна, но болидите се допреа, задржувајќи ги своите позиции. Подоцна, стјуардите го казнија Естебан со казна од пет секунди.
Шпанецот во тимот на Ферари во 20-от круг беше повикан во бокс за гуми за суво. Веднаш по него, по тимското радио беше повикан и неговиот тимски колега, но тркачкиот инженер на Моначанецот изненадно се реши да го откаже повикот, но Чарлс Леклер веќе сврти за влез во боксевите.
По пит-стопот, Леклер, кој беше во водство, на патеката излезе на 4-тото место. Магнусен го паркираше болидот во својата гаража и се повлече од трката. Топ десет пласманот по 25 круга беше: Перез, Саинц Јр., Ферстапен, Леклер, Расел, Норис, Алонсо, Хамилтон, Окон, Строл.
Во 27-от круг Мик Шумахер имаше тежок инциден, сличен на тој на Даниел Рикиардо со болидот на Мекларен. Изгиби контрола над рабниците во 13-от свиок, неколку пати удри во бариерите, по што болидот на Хас се распадна на два дела и заврши во Тек-Про бариерите покрај 15-от свиок.
Иако глетката беше застрашувачка, Мик сам го напушти кок-питот, но беше испратен на превентивен преглед во медицинскиот центар. На патеката излезе безбенодсниот автомобил, но во 30-от круг, трката беше прекината.
Возачите повторно се упатија кон пит-линијата, каде механичарите сменија гуми. Ферстапен, Перез, Расел, Алонсо, Цунода, Џоу, Хамилтон, Окон, Латифи и Албон добија жолти, а останатите останаа на белите гуми. Паузата траеше дваесет минути.
Возачите ја напуштија пит-линијата зад безбедносниот автомобил по следниот редослед: Перез, Саинц Јр., Ферстапен, Леклер, Расел, Норис, Алонсо, Хамилтон, Окон, Ботас.
Трката беше рестартирана во 32-от круг, при што Перез го задржа водството, но имаше свој момент со блокирање на предното тркало. Подолу во поредокот, сите возачи ги задржаа своите места.
Во 39-от круг беше овоможен, по прв пат на оваа трка, ДРС-системот, но и со негова помош претекнувањето беше невозможно.
Фернандо Алонсо се обиде да ги задржува болидите зад себе за две секунди по круг, а потоа го зголеми темпото, забележувајќи го најбрзото време во 51-от круг. Целта беше да му се помогне на Естебан Окон, кој доби казна од пет секунди, но на крајот, планот не успеа.
Во 52-от круг, Ландо Норис смени гуми за атак на најбрзиот круг на трката, нешто што му појде од рака неколку круга подоцна.
Во последните кругови од трката првите четворица возеа блиску еден зад друг, но немаше можности за претекнување. Финишот беше објавен откако истече ограничувањето од два часа, за кое време возачите успеаја да комплетираат 65 круга од предвидените 77. Еден круг беше одземен поради дополнителниот формациски круг на почетокот на трката.
ЧЕКО ГО ОСВОИ КНЕЖЕСТВОТО, ФЕРАРИ ДЕЛУВАА ИЗГУБЕНО
5/29/2022 06:54:00 PM
0
Share to other apps










