Не е тајна дека Порше ќе влезе во Формула 1 во 2026 година како партнер на Ред Бул. Но, сега го имаме првиот релевантен доказ дека проектот во основа е веќе завршен и официјалното соопштение за медиумите е само формален чин.
Доколку гласините што одекнаа во Ф1 падокот се вистинити, Порше ќе купи 50% од акциите на Ред Бул. За да може договорот помеѓу Порше и Ред Бул да биде официјален, двете компании мораа да го пријават својот заеднички проект до антимонополските власти, вклучително и во земји надвор од Европската унија. Законодавството во Мароко, на пример, предвидува дека таквите апликации мора да бидат објавени откако ќе бидат одобрени.
Според гласините заедничкиот проект требало официјално да биде соопштен за време на Големата Награда на Австрија пред три недели. Но, соопштението за медиумите се одложи бидејќи Светскиот совет за моторспорт на ФИА не ги одобри регулативите за 2026 година на 29 јуни. Тоа е основниот услов за Порше официјално да го соопшти својот влез во Формула 1.
Големата непозната сега е да се знае што ќе се случи со АлфаТаури. Една од најреалните опции е да остане подружница на Ред Бул и продолжи со мотори на Порше. Меѓу нереалните е да го купи Хонда за Јапонците да се вратат во Ф1.
Значи Порше не само што ќе влезе во Формула 1 како снабдувач со погонски единици, туку и како рамноправен партнер на Ред Бул. Ова ја има предноста што голем дел од погонската единица ќе може да се развиваат и градат под еден покрив во Red Bull Powertrains во Милтон Кејнс.
Втората марка во групацијата Фолксваген, чиј влез во Формула 1 веќе е одобрен од сите потребни тела, Ауди, не е толку далеку со својот проект како Порше. Според последните информации, компанијата од Инголштад сè уште преговара со сопственикот на Заубер, Фин Раусинг, за стекнување на 75 отсто од акциите на тимот.
Со ова се отфрлаат неодамна појавените сомнежи по оставката на Херберт Дис, извршниот директор на Фолксваген, чија функција од 1 септември ја добива извршниот директор на Порше, Оливер Блум, кој веќе беше еден од големите поддржувачи на програмата Формула 1 на ниво на брендот Порше.
* Сите коментари се прегледуваат пред да се објават.