Оваа недела, Формула 1 и ФИА ја проверуваат патеката Кјалами, како дел од тековните преговори за враќање на Големата Награда на Јужна Африка во календарот на шампионатот.
Стив Нилсен, спортскиот директор на Формула 1, како и инженерите Крег Вилсон и Ричард Спрингет ја посетија патеката вчера, додека денес е закажана посетата на Стјуарт Робертсон, кој е одговорен за безбедноста на тркачките патеки со ФИА лиценци.
Целта на инспекциите е да се открие колкава работа треба да се направи, за да може патеката Кјалами да добие сертификат од 1 степен, што ќе овозможи да биде домаќин на трки во Формула 1.
Патеката моментално поседува лиценца од втор степен, и мора да се реновира како би била домаќин на Ф1 трки. Како примарна цел е проширување на безбедносните зони за излетување, прилагодување на конфигурацијата на неколку свиоци и правење голем број измени во областа на падокот и гаражите како би биле во можност да ги примат сите тимови и официјални лица.
Реконструкцијата, неофицијално, се проценува на 4-6 милиони долари, а конечниот биланс ќе зависи од конкретните препораки на Формула 1 и ФИА. Начинот на обезбедување на овие средства засега е непознат.
Тоби Вентер, сопственикот на патеката, би сакал Големата Награда на Јужна Африка да се врати во Кјалами, но не е подготвен да плати пари за тоа. Покрај него и владата на јужноафриканската република одби директно да учествува во овој проект.
Преговорите се во тек, при што Антон Ру, претседател на националната федерација за мотоспорт на Јужна Африка, минатата недела во Шпилберг бил пречекан од претседателот на ФИА, Мохамед бин Сулејем и извршниот директор на Формула 1, Стефано Доменикали.
Сепак, новинарите запознаени со вистинската состојба на работите сугерираат дека би било пореално да се одложи враќањето на ЈАР во Ф1 календарот за 2024 година. Трката во Кјалами треба да го заземе местото на Белгиското Гран При, а од резултатите од овие преговори зависи и дали следната година ќе гледаме Ф1 трка на патеката СПА-Франкоршамп.
* Сите коментари се прегледуваат пред да се објават.