Следува Големата Награда на Унгарија, последната трка од првиот дел од 2022 сезоната. Се вози на Хунгароринг, патека домаќин од далечната 1986 година и опстојува веќе 35 години.
Таа се рангира на третото место на листата на патеки кои биле домаќини на најмногу последователни Ф1 трки, а пред неа се само Монако и Монца. Со обезбедување на новиот договор патеката уште долго ќе биде во Формула 1 календарот.
Веднаш по Унгарија, Формула 1 оди на одмор, сите инволвирани страни ги спакуваа своите куфери, хотелите се резервирани одамна. Неколку дена по трката, тимските бази ќе се затворат на задолжителни две недели, а вработените ќе можат да се релаксираат со своите семејства. По еден месец ќе имаме три последователни трки во Белгија, Холандија, Италија, а сезоната ќе финишира со шест трки на "гостински" терен.
Патеката е една од најтешките кога е во прашање ладењето на сопирачките, делумно заради недостаток на правци, и честопати се влошува кога болдите се заглавени во сообраќајот. Хунгаророинг има единаесет точки на сопирање, од кои три се класифицирани како тешки за сопирачките, една е со средна тежина и преостанатите седум се лесни.
Хунгароринг е патека на која многу од Ф1 возачите ја забележале својата Прва Ф1 Победа, Фернандо Алонсо во 2003 година, Џенсон Батон во 2006 година. Дејмон Хил, исто така, ја забележа својата Прва Ф1 Победа во Унгарија, во болидот на Вилијамс, далечната 1993 година. Тој беше првиот син на светски шампион кој Победил на Ф1 трка.
Патеката е физички напорна за возачите, кои често ја споредуваат со Сингапур (физички најнапорната патека во календарот), поради големиот број на свиоци, високите температури, и релативно малото воздушно струење низ болидот.
Трката за Големата Награда на Унгарија се состои од 70 круга и според Пирели не е дефинирана јасна граница која стратегија е побрза, дали едно или две застанувања во бокс.
Многу ќе зависи од температурата и изборот на црвените гуми, кои на петочните тренинг сесии се покажаа како можен избор за трката. Изборот за еден пит-стоп би можел да биде со црвени за почетен стинт, потоа преминување на белите гуми, односно жолти, па бели, избор кој бара помало управување/штедење на гумите.
Меѓутоа, со неможноста за лесно претекнување на Хунгароринг, позицијата на патеката е клучна, така што е голема веројатноста повеќето возачи да се решат за едно застанување за промена на гуми.
Добра стратегија за денешната трка може да биде и со две застанувања за промена на гумите. Во тој случај, очигледниот избор би бил црвени-жолти-жолти, но возможно ќе биде и црвени-жолти-црвени, кога болидите се многу полесни при крајот на трката.
Марио Изола, Пирели: "Честитки до Џорџ за неговата прва пол позиција. Тој имаше идеален круг во вистинскиот момент за да обезбеди старт од П1. Квалификациите не беа лесни поради променливите услови, иако асфалтот беше сув, времето е непредвидливо."
"Патеката се ресетираше како резултат на претходниот дожд, видовме голема еволуција на патеката за време на квалификациите, што значи дека поставувањето брз круг во последниот можен момент беше клучно за да се забавувате."
Во петокот имавме жешко време на Хунгароринг, вчера врнеше силен дожд, кој е можен и за денес. Слаби врнежи на дожд се очекуваат меѓу 8 и 13 часот, но патеката би требало да биде сува до почетокот на трката и до вечер не се очекуваат врнежи.
До 15:00 часот кога е закажан стартот на трката, воздухот ќе се загрее до 22 степени и ќе имаме променливо облачно време и засилен северозападен ветер. Веројатноста за врнежи за време на трката не надминува 10%.
Во тимот на Ред Бул и АлфаТаури се решија за промена на сите делови од погонската единица во болидите на Ферстапен, Перез и Гасли. Лимитот од дозволени делови е надминат само кај Французинот, па затоа следува казна во вид на старт од пит-линијата!
Настаните во 2022 сезоната се развиваат исклучително брзо. Тешко е да се поверува дека во април Леклер беше лидер во шампионатот, 46 поени пред Ферстапен, а три месеци подоцна Макс бега со 63 поени и постои чувство дека судбината на шампионската титула е решена. Уште една погрешна трка на Ферари и Ред Бул може да започне да ги нарачува шампионските дресови, многу порано од последната трка во Абу Даби.
На почетокот на сезоната Макс не забележа поени на две трки, потоа следуваа две незавршени трки за Чарлс и почетничката грешка во Франција. Но, не е се во издржливоста, Мерцедес АМГ го има најсигурниот болид оваа година, но во изминатите дванаесет трки немаат забележано победа.
Клучниот фактор е ефективната работа на тимот, што овозможува да се постигне највисок можен резултат на секоја трка. Ако не постои начин да се победи, тоа сепак треба да бидат највисоките можни места. И ова е главната предност на Ред Бул пред Ферари.
Ферари во овој период од изминатата сезона, целосно се фокусише на 2022 болидот, F1-75, кој е навистина ефикасен и брз на секаков тип на патека, само што тимот сè уште работи на минатогодишното опуштено ниво.
Трите незавршени трки на Леклерк при водство, го чинеа тимот потенцијални 75 поени, но во оние трки каде што двата болиди на Ферари стигнаа до целта, максимален резултат имаа само во Бахреин, каде што нивните ривали не ја завршија трката.
За разлика од нив, Ред Бул забележа три дојни победи. Во 2021 година, пред Унгарското ГП, Ферари беше 141 поен зад Ред Бул во шампионатот за конструктори, а сега заостануваат 82 поени.
Од една страна, напредокот е очигледен. Од друга страна, 82 бода заостанување со останати десет трки до крајот на сезоната, сведочат за разликата во работата на двата тима, чии болиди се речиси еднакви по брзина. Да се надеваме дека лошата работа на Ферари ќе престане со летната пауза и ќе гледаме интересен, и пред се неизвесен продолжеток на 2022 сезоната.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА УНГАРСКОТО ГРАН ПРИ
7/31/2022 11:12:00 AM
0
Share to other apps