Британското Гран При ни донесе доста интересна трка, а врв беше тројната битка помеѓу Серџо Перез, Луис Хамилтон и Чарлс Леклер. Тоа беше, барем засега, битка на сезоната.
Трката беше возбудлива на сите фронтови. Од старт до финиш. На почетокот, видовме незгоден судир во кој учествуваа неколку возачи, од кои Џоу Гуанју го извлече најдебелиот крај.
За среќа, тој како и останатите возачи дел од овој инцидент останаа неповредени и трката можеше да продолжи.
При вториот старт, повторно блиска борба. Карлос Саинц Јр. го одбрани првото место со максимална пргавост, а потоа следуваше нов дуел на вториот болид на Ферари и двата болиди на Ред Бул. Имаше контакт помеѓу Чарлс Леклер, Макс Ферстапен и Серџо Перез, што предизвика штета на Ф1-75 на Моначанецот и РБ 18 на Мексиканецот.
Но, трката го продолжи својот тек со неколку промени на лидерот, излегување на безбедносниот автомобил, пред се кога Естебан Окон застана на едно од најлошите можни места на патеката.
Тоа им даде нова можност на речиси сите возачи да влезат во бокс по нови гуми, освен Чарлс Леклер. На десет круга до крајот, тој оправдано стравуваше дека ќе биде лесна мета на белите гуми.
Најпрвин тоа го искористи, Карлос Саинц Јр. кој брзо се ослободи од својот тимски колега и тргна кон својата прва победата, но Моначанецот не се даваше лесно против Серџо Перез и Луис Хамилтон и покрај значителната разлика во брзина на гумите.
На наше задоволство тројцата ни приредија спектакуларна битка. Врвот на битката беше кога Луис Хамилтон ја искористи битката тркало до тркало помеѓу Леклер и Перез за да им го украде второто место, но веќе во следните неколку свиоци се најде повторно на 4-то место.
Мексиканецот беше фокусиран на битката со Леклер, за на крај да успее да го престигне со убав маневар низ третиот свиок. Борбата продолжи помеѓу Чарлс Леклер и Луис Хамилтон. Моначанецот успеваше да се задржи на третото место со прилично агресивни маневри, но на крајот Луис ги искористи црвените гуми.
Овие типови на патеки не нудат добри трки случајно. Тоа е вистинската Формула 1, а патеки како Силверстоун, СПА-Франкоршамп, Монца, се патеките кои што се потребни на шампионатот и фановите.
БИТКА НА СЕЗОНАТА - ЛЕКЛЕР, ПЕРЕЗ, ХАМИЛТОН
7/06/2022 08:34:00 PM
0
Share to other apps