Џорџ Расел го забележа најбрзото време на квалификациите за Големата Награда на Унгарија, освојувајќи ја неговата прва Пол позиција во кариерата и прва за Мерцедес АМГ во оваа сезона.
Карлос Саинц Јр. беше многу блиску до првата позиција, ја имаше по првите брзи круга, но, на крај му недостигаа 44 илјадитинки од Расел.
Леклер беше трет, речиси две десетинки зад најбрзото време, но пред Ландо Норис кој беше најдобар од останатите.
Фернандо Алонсо мораше да се задоволи со шестата позиција. Шпанецот во последниот сегмент од квалификациите не успеа да го пронајде вистинскиот ритам, забележа побавно време од тоа во Q2, па беше претекнат од Естебан Окон во последните моменти за петтата позиција.
Луис Хамилтон не беше на нивото на својот тимски колега, имаше технички проблеми при вториот брз круг, од кој се откажа, но успеа да ги победи Валтери Ботас и Даниел Рикиардо.
На крај, Макс Ферстапен заврши десетти откако имаше проблеми со погонската единица. Возачите на Мерцедес АМГ се чинеше дека се во друг свет на тренинг сесиите, но во Q1 покажаа дека брзината е тука и успеаја да ја задржат до крајот на квалификациите.
Џорџ Расел и Карлос Саинц Јр. ќе го делат првиот стартен ред на гридот, Леклер и Норис ќе стартуваат од вториот, Окон и Алонсо од третиот.
Квалификациите на Хунгароринг се клучната сесија викендов. Тешко е да се престигне на патеката во Унгарија дури и со ДРС, стартната позиција сериозно влијае на резултатот, нема опции за стратегија, ако утре нема дожд, сите ќе се обидат да ја возат трката со еден пит-стоп.
Три дена од викендот, три различни временски услови. Во петокот беше жешко, а возачите на Ферари самоуверено водеа на тренинзите, но собраните податоци и пронајдените поставки на болидите, денеска, речиси и да не беа од никаква корист.
Утринава заврна силен дожд, донесувајќи свежина и измивајќи го асфалтот. На саботниот тренинг, Николас Латифи го имаше најдоброто време, но само затоа што последен извозе брз круг на патеката која брзо се сушеше.
Температурата на асфалтот во квалификациите беше дваесет степени пониска од претходниот ден, па односот на силите се промени. За утре е најавено потопло време, без врнежи.
Астон Мартин успеа да го поправи болидот на Себастијан Ветел, заменувајќи го подот, менувачот и предното крило, оштетени при инзциденто на третиот тренинг.
Во Q1 сесијата, возачите побрзаа на патеката за да направат брз круг пред евентуален дожд. Ферари реши да ги пропушти првите пет минути, избегнувајќи ја гужвата ма патеката.
Најбрзото време го забележа Луис Хамилтон, и веднаш се виде дека драстично поладното време ќе одговара на болидот на Мерцедес АМГ. На Пјер Гасли му беше избришано време поради излегување надвор од границите на патеката во петтиот свиок. Тоа беше крај на надежите за Французинот, како и за Цунода, Албон, Ветел и Латифи.
Николас Латифи го имаше најбрзиот прв сектор, постави личен рекорд во вториот, но во последниот свиок ја утна работата, во она што наместо П20, можеше да биде круг за самиот врв на табелата.
Многумина ја започнаа Q2 сесијата на стар сет на црвените гуми, оставајќи ги новите за следниот обид. Хамилтон ги блокираше предните тркала и се врати во боксот.
На Перез му беше избришано првото време, поради надминување на границите на патеката во денес фамозниот петти свиок. Подоцна, стјуардите се решија да му го вратат избришаното време, откако увиделе дека погрешиле.
Во првите обиди, Ферстапен го забележа најбрзото време, а најблиску до него се приближи Алонсо, заостанувајќи само две десетинки.
При вторите брзи круга, Ферстапен не се подобри, а Леклер го забележа второто време со задоцнување од 0.065 секунди. Серџо Перез при вториот брз круг беше побавен, но преку тимското радио се пожали дека бинл попречен од Кевин Магнусен.
Тоа во корелација со лошата одлука на стјуардите, го чинеше пласман во Топ 10 поредокот, а битката беше завршена и за Џоу Гуанју, Кевин Магнусен, Ленс Строл и Мик Шумахер.
Во Q3 сесијата, Ферстапен, Леклер, Алонсо и Саинц Јр. излегоа на нов сет на црвени гуми, останатите го имаа својот прв обид на старти сетови. Карлос Саинц Јр. го имаше најбрзото време за провизорната Пол позиција. Макс Ферстапен погреши во вториот свиок и беше само седми.
При вториот брз круг, Ферстапен се пожали на губење на моќта од Хонда ПЕ, но продолжи да се обидува. Луис Хамилтон се повлече од брзиот круг поради проблеми со ДРС системот.
Карлос Саинц Јр. успеа да се подобри, но, најбрџото време на крај му припадна на Џорџ Расел. Како и на денешната тренинг сесија, најбрз беше возачот што последен го комплетираше својот круг. Перфектен тајминг за Марцедес АМГ
ЏОРЏ РАСЕЛ - ОД НИГДЕ, НИКАДЕ, ДО ПРВАТА ПОЛ ПОЗИЦИЈА
7/30/2022 05:50:00 PM
0
Share to other apps