Карлос Саинц Јр. беше најбрзиот возач на првиот тренинг за Големата Награда на Белгија, Чарлс Леклер заврши како втор, а Макс Ферстапен трет. Сесијата беше прекината поради дефект на болидот на Кевин Магнусен, што им одзеде многу време на возачите, за потоа се да заврши со дожд во последните минути.
Минатата зима, патеката СПА-Франкоршамп претрпе поголема реконструкција, и иако конфигурацијата на патеката не е променета, зоните за излетување беа сериозно изменети.
На првата тренинг сесија, возачите имаа можност по прв пат да ги проценат овие промени. По минатогодишното фијаско, кога трката беше прекината од дождот, веќе во петок трибините беа преполни, а организаторите приредија многу интересни настани.
На почетокот од тренингот патеката беше малку влажна, па одредени возачите излегоа на патеката со зелените интермедиа гуми, но речиси веднаш се префрлија на гуми за суво време.
Во АлфаТаури се случи привремена замена, членот на младинската програма на Ред Бул, Лијам Лосон седна зад воланот на болидот на Пјер Гасли, со што дебитираше на официјалната Ф1 сесија.
На почетокот на сесијата, болидот на Валтери Ботас неколку пати имаше контакт со асфалтот, оставајќи забележителни траги, па Финецот беше повикан во боксот за промена на поставките на амортизацијата, но повеќе не се врати назад на патеката.
Естебан Окон мораше да се врати во својата гаража поради проблеми со Рено ПЕ и го напушти болидот по само пет круга.
Во 36-тата минута беа развеани црвени знамиња, поради тоа што болидот на Хас, т.е. Кевин Магнусен застана на излезот од првиот свиок со технички дефект на Ферари ПЕ.
Поради небезбедност на хибридниот дел и опаснот од струен удар, маршалите не беа во можност да го отстранат неговиот болид. Мораше да се почека тоа да го направат механичарите на Хас.
Возачите се вратија на патеката по пауза од 15-тина минути, но тогаш започна да врне и дожд по што повеќето возачи се вратија во своите гаражи.
Леклер излета од патеката без никакви последици по болидот, а Рикиардо, Норис и Алонсо ги испробаа интермедија гумите. Акцијата на патеката СПА-Франкоршамп продолжува во 17 часот за кога е закажан вториот тренинг.
Пред официјалниот почеток на викендот, на болидите на повеќе возачи беа заменети делови од погонските единици. Веќе пишувавме за казната за замена на погонската единица што ќе ја добие Леклер, но очекувано не само тој ќе биде казнет.
Макс Ферстапен, Ред Бул, Ландо Норис, Мекларен и Естебан Окон од Алпин ќе ги добијат своите четврти мотори и останати делови од соодветните ПЕ.
На болидите на Ферстапен и Окон ќе се менува и MGU-K. Во случајот на Ботас, тој ќе добие петти мотор, и шести MGU-H.
Алпин ќе ги смени и акумулаторите за складирање на електричната енергија и контролната електроника, а тоа ќе бидат трети такви елементи заменети од почетокот на сезоната.
Засега, на болидот на Мик Шумахер е заменета само контролната електроника.
Сите наведени замени го прекршуваат членот 28.2 од Спортските правила за 2022 година и сите овие возачи ќе бидат соодветно казнети.
ФЕРАРИ СО 1-2 ПЛАСМАН НА ПРВИОТ ТРЕНИНГ
8/26/2022 03:34:00 PM
0
Share to other apps