Макс Ферстапен доминираше на вториот тренинг за Белгиското Гран При. Холанѓанецот беше осум десетинки побрз од Чарлс Леклер, кој беше втор, и повеќе од една секунда од останатите.
Првиот тренинг на СПА-Франкоршамп заврши со силен дожд, но до почетокот на вториот асфалтот беше речиси целосно сув, па возачите веднаш заминаа во акција. Болидите на Ботас, Окон и Магнусен беа поравени, по проблемите на првата денешна сесија.
Тимовите ја разработија традиционалната програма за оптимизирање на поставките и оценување на перформансите на гумите на кратки и долги серии на кругови. Но, поради ладното време, не сите можеа да ги доведат гумите до нивниот работен опсег, што влијаеше на резултатите.
Болидот на Перез имаше проблем со ДРС-сисиемот. Леклер, Хамилтон, Расел и Саинц Јр. имаа излетување надвор од патеката, но без последици по нивните болиди. Излетувањето на Пјер Гасли во чакалот покрај осмиот свиок резултираше со двојни жолти знамиња, но тој успеа да се извлече и да се врати на патеката.
При крајот на сесијата, дождот повторно почна да врне. Тоа предизвика излетување на Мик Шумахер во чакалот покрај седмиот свиок, при тоа избегнувајќи контакт со заштитните бариери.
Болидите се лизгаа на гумите за суво, па возачите претпочитаа да се вратат во своите гаражи. Во последен момент, сите се решија да излезат на патеката за да имаат можност да ја испробаат стартната процедура.
Промоторите на трката за Големата Награда на Јужна Африка и сопствениците на патеката во Кјалами не успеале да се договорат, преговорите се прекинати, па затоа нема шанси Формула 1 да се врати во Јужна Африка во 2023 година.
Тоа значи дека Големата Награда на Белгија ќе остане во календарот и следната година, иако долгорочните изгледи за оваа трка се уште не се целосно јасни, а гласините се дека таа ќе се менува со трка на некоја друга европска патека.
Нацрт-календарот за 2023 година се очекува утре да биде објавен, но финалната верзија треба да биде одобрена во октомври на следниот состанок на Светскиот совет за моторни спортови на ФИА.
Прелиминарната верзија на календарот има 24 трки, вклучително и Големата Награда на Кина.
МАКС ДОМИНАНТЕН НА СПА-ФРАНКОРШАМП
8/26/2022 07:03:00 PM
0
Share to other apps