Макс Ферстапен доминираше на квалификациите за Големата Награда на Белгија. Казната што му следува не го поколеба да ги победи своите ривали на легендарната патека Спа-Франкоршамп.
Згора на се, на Холанѓанецот му требаше само еден обид во Q3 да биде најбрз и тоа за шест десетинки во однос на Карлос Саинц Јр. кој утре ќе стартува од Пол позицијата.
На првиот ред друштво ќе му прави Серџо Перез, додека Фернандо Алонсо и Луис Хамилтон се пласираа на вториот, Расел и Албон на третиот.
Гледавме квалификации на кои "казнетите" им помагаа на своите тимски колеги креирајќи заветрина, нешто во што од Ферари се посрамотија.
Ако по утрото се познава денот, Италијанците ќе продолжат по старо. Грешки во стратегија, грешки на "преферираниот" возач.
Во Алпин успеаја да го победат Мерцедесот АМГ, но трката е друга приказна и Фернандо ќе има тешка задача да ги задржи ривалите зад себе.
Треба да се напомене дека Алекс Албон помина во Q3 и го имаше деветото најбрзо време, дури и пред Мекларен.
Со толку многу казни, британскиот тајланѓанец утре ќе има добра можност за освојување поени, со старт од 6-тата позиција, но многу брзи болиди се зад него.
Квалификациите на СПА-Франкоршамп не се од суштинско значење, затоа што претекнувањето на патеката во Белгија е практично изводливо и најлесно во споредба со преостанатите трки до крајот на 2022 сезоната, така што повеќето тимови ги заменија моторите и останатите делови од погонската единица, обезбедувајќи си резерва за следните тркачки викенди.
Ако минатата година овие замени не доведоа до казни, досега шест возачи беа казнети со старт од последниот ред, меѓу кои и лидерите во шампионатот, Ферстапен и Леклер, а покрај нив Норис, Окон, Ботас, Шумахер, на кои треба да им се придружи и Џоу Гуанју.
Почетокот на квалификациите беше одложен за 25 минути за да се поправи заштитната бариера кај Фагнес шиканата, оштетена за време на квалификациите во Суперкупот на Порше.
Во Q1 сесијата, Макс Ферстапен го имаше најбрзото време уште при првиот негов обид. Повеќето возачи имаа доволно гуми само за еден брз круг, Мерцедес АМГ се обиде да работи во серија кругови за постепено да ги доведе гумите во нивната работна температура.
За Ферстапен, Саинц Јр., Перез и Леклер немаше потреба за второ излегување на патеката, останатите продолжија да се борат. Ботас се врати во својата гаража без да заврши брз круг. Јуки Цунода погреши во последниот свиок и го уништи својот брз круг.
Најбрзото време на Макс не можеше да биде надминато, а од понатамошниот тек на квалификациите отпаднаа Ветел, Латифи, Магнусен, Цунода и Ботас.
Во Q2 сесијата, најбрзото време по првите брзи круга, повторно му припадна на Ферстапен, а неговиот тимски колега беше за седум стотинки побавен, а останатите им фалеше над една секунда.
Ферстапен и Перез се откажаа од вториот обид, а останатите продолжија да се борат. Чарлс Леклер го забележа најбрзото време, а Алекс Албон успеа се пласира во квалификациското финале за прв пат оваа сезона за тимот на Вилијамс.
Од борбата отпаднаа Рикиардо, Гасли, Гуанју, Строл и Шумахер.
Во финалниот сегмент, Леклер излезе многу подоцна од останатите за својот брз круг, доби погрешен сет на пневматици, и додека се објаснуваше со тимот неговиот обид за брз круг или пак круг наменет за помош на тимскиот колега беше уништен.
Најбрзото време го забележа Макс Ферстапен по што се повлече во својата гаража и ги остави другите да пробаат да го надминат неговото време. Да напоменеме дека и Ландо Норис не излезе на патеката за втор брз круг со оглед дека и двајцата имаат казни за утрешната трка.
На крај немаше промени на врвот на табелата и покрај обидот на Ферари да го победат најбрзото време, едноставно нивниот болид немаше квалификациско темпо.
ШАМПИОНОТ ШАМПИОНСКИ, НО ОСТАНУВА БЕЗ ПОЛ ПОЗИЦИЈА
8/27/2022 06:15:00 PM
0
Share to other apps