Макс Ферстапен е победник на Големата Награда на Холандија, возена на патеката во Зандворт, која беше обоена во портокалова боја, во чест на миленикот на домашната публика.
Шампионот најпрво се избори со возачите на Ферари, а потоа и со дуото на Мерцедес АМГ за втор последователен триумф на домашната за него трка. Ова е неговата 30-та Ф1 победа и веќе заостанува една зад Најџел Менсел и две зад Фернандо Алонсо.
Патот до победата не беше лесен. Ферстапен се соочуваше со "закани" од сите страни, особено во последните фази од трката кога возачите на Мерцедес АМГ ги разделија своите стратегии по излегувањето на безбедносниот автомобил.
Но, стратезите на Ред Бул ја изменаџираа ситуацијата на најдобар можен начин и излегоа како победници. Па така, локалниот идол забележа уште една победа, задржувајќи ги Џорџ Расел и Чарлс Леклер зад себе.
Луис Хамилтон по одличната трка од негова страна беше четврти откако доби стратегија која се покажа како погрешна. Трката на Карлос Саинц Јр. беше уништена со неверојатниот пит-стоп од 12.7 секунди, и добиената казна од пет секунди на крајот од трката, за небезбедно ослободување од бокс, па тој падна на осмото место.
Фернандо Алонсо, од своја страна, направи добар напредок од П13 до шестото место за повторно да биде најдобар од останатите, пред Ландо Норис, Карлос Саинц Јр., Естебан Окон и Ленс Строл.
Билетите за Големата Награда на Холандија беа распродадени уште пред почетокот на сезоната, плус одреден бтој од нив отидоа кај оние навивачи кои поради ограничувањата на пандемијата не можеа да присуствуваат на трката во 2021 година.
Овој пат немаше ограничувања, и сите три дена, од петок до недела, трибините беа преполни. Портокаловото море го чекаше успехот на Макс Ферстапен, а љубовта на луѓето кон својот миленик, понекогаш ги преминуваше границите. Квалификациите мораа да бидат прекинати кога еден од нив фрли димна бомба на патеката.
Ред Бул не влезе веднаш во ритам, во петокот Ферстапен го пропушти првиот тренинг поради проблеми со менувачот, а Чарлс Леклер во вториот го забележа најбрзото време. Моначанецот, исто така, беше во водство на саботниот тренинг, но Ферстапен ја освои Пол позицијата, 0.021 делови од секундата пред Леклер, што беше најмала разлика помеѓу првото и второто место оваа сезона.
Ферстапен и Леклер го зазедоа првиот стартен ред, Саинц Јр. и Хамилтон вториот, Перез и Расел третиот. Пирели за оваа трка ги домеше најтврдите смеши C1, C2 и C3 во улога на бели, жолти и црвени гуми. Хамилтон, Расел, Норис, Шумахер, Албон и Магнусен стартуваа на жолтите, а останатите ги избраа црвените за првиот стинт.
На стартот, Ферстапен го задржа водството, а Луис Хамилтон го нападна Ферарито на Саинц Јр., болидите се допреа, но двајцата ја продолжија трката без последици. Ландо Норис успеа да излезе пред Расел, Мик Шумахер загуби две места.
На почетокот од вториот круг, Кевин Магнусен излета во свиокот еден, за малку избегна контакт со заштитните бариери, но се врати на последното место во поредокот.
Мекларенот беше немоќен да остане пред Мерцедес АМГ, па веќе во четвртиот круг, Џорџ Расел го врати шестото место од Ландо Норис. Хамилтон го притисна Саинц Јр., но разликата во брзината не беше доволна за напад.
Возачите кои стартуваа на црвените гуми многу рано во трката се најдоа во проблеми, па веќе од 11-от круг некои се упатија кон боксевите за промена на гуми. Тоа беше случај со Ветел, Гасли, Рикиардо, Алонсо, Џоу, Шумахер, Цунода и Латифи.
Мик Шумахер изгуби осум секунди во пит-стоп поради проблеми со монтажата на задното лево тркало. Џоу ја надмина брзината во боксот и доби казна од пет секунди.
Во 15-от круг гуми менуваа Саинц Јр., Перез и Магнусен. Саинц Јр. мораше да почека додека не се донесе задното лево тркало и имаше неверојатен пит-стоп од 12.7 секунди. Перез помина со задното тркало преку пневматскиот клуч на Ферари, инцидент кој стјуардите го разгледуваат по крајот на трката.
До 22-от круг сите беа во боксот, освен возачите на Мерцедес АМГ. Во 28-от круг, Ферстапен го престигна Расел за второто место. Дури во 30-от круг Луис Хамилтон смени гуми, во 32-от Џорџ Расел.
Топ десет пласманот по ова беше: Ферстапен, Леклер, Перез, Хамилтон, Расел, Саинц Јр., Норис, Строл, Алонсо, Окон.
Откако го добија белите гуми, возачите на Мерцедес АМГ го зголемија темпото, разменувајќи ги најбрзите кругови и ја намалуваа разликата до лидерот. Во 37-от круг, Хамилтон го престигна Перез за третото место, неколку круга и Џорџ Расел лесно го претекна вториот Ред Бул.
Во 44-от круг, Јуки Цунода застана покрај патеката веднаш по излегувањето од бокс, му се чинеше дека нешто не е во ред со тркалата. По неколку секунди продолжи да се движи, но во меѓувреме успеал да го одврзе сигурносниот појас, па повторно се упати во боксот за да се врзе.
Враќајќи се на патеката, Цунода повторно, по команда од боксот, го запре болидот паркирајќи го покрај излез за евакуација. Тркачкиот директор објави режим на виртуелен безбедносен автомобил.
Норис, Алонсо, Ферстапен, Хамилтон, Расел, Шумахер, Магнусен, Рикардо и Ветел менуваа гуми. Топ десет поредокот зад ВБА беше: Ферстапен, Хамилтон, Расел, Леклер, Перез, Окон, Саинц Јр., Норис, Алонсо, Строл.
Трката беше рестартирана во 50-от круг. Хамилтон и Расел добија жолти гуми за последниот стинт, Ферстапен го доби бели. До крајот имаше 22 круга, а разликата помеѓу возачите на Мерцедес АМГ и Макс Ферстапен се намалуваше.
Но, 5 круга подоцна Валтери Ботас реши уште повеќе да ја зачини трката, запирајќи го болидот на Алфа Ромео на стартно/целниот правец. Овој пат на патеката излезе безбедносниот автомобил.
Сите возачи ги сменија гумите, префрлувајќи се на црвените за краткиот последен стинт, но Хамилтон и Перез останаа на побавните жолти гуми. Карлос Саинц Јр. беше ослободен од боксот, точно пред болидот на Алонсо, кој мораше нагло да сопира. Шпанецот за овој инцидент доби казна од пет секунди.
Топ десет поредокот зад безбедносниот автомобил беше: Хамилтон, Ферстапен, Расел, Леклер, Перез, Саинц Јр., Алонсо, Норис, Окон, Строл.
Трката беше рестартирана во 60-от круг со 12 круга до финиш. Ферстапен веднаш нападна и го претекна Луис Хамилтон за водство во трката. Карлос Саинц Јр. го претекна Перез во борбата за петтото место.
Во 64-от круг Расел го престигна Хамилтон за второто место, а два круга подоцна Хамилтон го изгуби пласманот на подиумот, откако беше престигнат од Ферарито на Чарлс Леклер. Со ова завршија сите возбудувања и трката имаше мирен финиш без промени во поредокот.
ФЕРСТАПЕН ГО ПОБЕДИ МЕРЦЕДЕС АМГ ПРЕД ДОМАШНАТА ПУБЛИКА
9/04/2022 06:16:00 PM
0
Share to other apps