Макс Ферстапен со помош на фанатичната домашна публика го забележа најбрзото време и ги победи возачите на Ферари со најмалата разлика во оваа нова ера на Ф1 болиди. Ова е седумнаесетта Пол позиција во кариерата и втора последователна на патеката во Зандворт.
Бевме сведоци на супер интересни квалификации за Големата Награда на Холандија и блиска борба до самиот крај. Актуелниот шампион изгледаше како јасен освојувач на Пол позицијата по Q1 и Q2 сесиите, но Ферари успеа да се вмеша во битката во финалниот сегмент, не дозволувајќи му на Макс во нити еден момент да помисли дека се е готово.
Сепак, Леклер во последниот обид заостана 21 илјадитинки зад Ферстапен, а Саинц Јр. 92 илјадити. Моначанецот имаше лош втор сектор, па повторно по своја грешка, најверојатно му избега пласман на првата стартна позиција. Но, кога форсираш грешките се реални, што на своја кожа го искуси Серџо Перез.
Од друга страна, и Мерцедес АМГ беа брзи, но на крајот беа погодени од развеаните жолти знамиња предизвикано по извртувањето на Серџо Перез. Луис Хамилтон за среќа го извозе првиот брз круг на нов сет пневматици, но Џорџ Расел ја немаше таа среќа. Разликата помеѓу нов и старт сет на црвените гуми на Пирели се проценува на половина секунда.
Па така, Луис Хамилтон беше четврти, со Перез на петтото место. Џорџ Расел со забележано време на старти гуми ја освои шестата стартна позиција. Што се однесува до останатите, Ландо Норис беше најдобар од нив на седмата позиција, следен од Мик Шумахер и Јуки Цунода.
Ленс Строл, за разлика од својот тимски колега, изгледаше дека денес има добро темпо, но техничките проблеми со неговиот Астон Мартин го спречија да настапи во финалниот сегмент од денешните квалификации и тој мораше да се задоволи со десеттата стартна позиција.
Во Зандворт квалификациите се клучната сесија викендов, претекнувањето на тесна патека е речиси невозможно дури и во јуниорските шампионати, но борбата за стартниот редослед секогаш излегува спектакуларна, а најмалите грешки значат многу изгубено време.
Пирели ги донесе најтврдите смеши во Холандија и тоа C1, C2 и C3 во улога на бели, жолти и црвени гуми. Публиката одлично се забавуваше на бројни настани во текот на денот, а до почетокот на квалификациите трибините беа целосно исполнети.
Во Q1 сесијата, некои возачи веднаш излегоа на патеката, додека други чекаа во своите гаражи за да избегнат гужва на патеката, која неколку возачи ги чинеше добар пласман.
Во првиот обид, Ферстапен го забележа најбрзото време и повеќе не излезе на патеката. Механичарите на Мекларен го ослободија Норис веднаш пред болидот на Цунода, инцидент кој стјуардите го разгледуваат по квалификациите.
Времето на Ферстапен никој не можеше да го победи, иако Луис Хамилтон се доближи на само 14 илјадитинки. Себастијан Ветел беше во зоната на испаѓање по првите брзи круга, во вториот нападна со сите сили, имаше најбрз прв сектор, но го уништи кругот излетувајќи во чакалот покрај тринаесеттиот свиок.
На вака кратка патека, резултатите секогаш се блиски еден до друг, но годинава тоа беше повеќе изразено, па битката за секоја позиција беше неверојатно интересна. Петнаесетте возачи кои поминаа во следната сесија беа во разлика од само половина секунда.
Од понатамошната борба отпаднаа возачи на пет различни тимови: Валтери Ботас, Кевин Магнусен, Даниел Рикиардо, Себастијан Ветел и Николас Латифи.
Q2 сесија беше прекината во првите секунди, кога еден од фановите фрли портокалова димна бомба на средината на патеката. Според холандските новинари тој веднаш бил приведен и изнесен од трибините. Сесијата продолжи по шест минутна пауза.
По првите брзи круга, кој друг ако не Макс Ферстапен го имаше најбрзо време, и тоа со старт сет на гуми. Луис Хамилтон доцнеше една и пол десетинка на нови гуми, останатите губеа повеќе.
Холанѓанецот се откажа од вториот обид, останатите сите излегоа повторно на патеката, обидувајќи се да го најдат вистинкото место во вистинското време. На крај, Карлос Саинц беше најбрз, стотинка пред Расел.
Од понатамошната борба отпаднаа Пјер Гасли, Естебан Окон, незадоволниот од сообраќајот Фернандо Алонсо, Џоу Гуанју и Алекс Албон.
Во Q3 сесијата, Макс Ферстапен постави нов репер во првиот обид, 1:10.515, победувајќи го својот тимски колега за половина секунда. Сепак Чарлс Леклер возеше уште побрзо и се најде на провизорната Пол позиција со време 1:10.456.
Ленс Строл, не учествуваше во финалиот сегмент поради проблеми со својот болид.
Во вторите брзи круга Леклер возеше уште побрзо, 1:10.363, но на задоволство на трибините Макс Ферстапен успеа да биде побрз со време од 1:10.342. Речиси веднаш потоа се појавија жолти знамиња, кога Перез се изврте на излезот од 13-от свиок, така што останатите немаа можност да го подобрат својот резултат.
СУПЕР МАКС НА ПОЛ СО НАЈМАЛАТА РАЗЛИКА ЗА ОВАА СЕЗОНА
9/03/2022 04:59:00 PM
0
Share to other apps