Чарлс Леклер беше најбрзиот возач на квалификациите за Големата Награда на Италија, победувајќи го Макс Ферстапен за една десетинка и тимскиот колега Карлос Саинц Јр. за две.
Моначанецот ќе стартува од пол позицијата, додека друштво на првиот ред ќе му прави Џорџ Расел по аплицирање на добиените казни. Од вториот ред ќе стартува Ландо Норис, а кој ќе му прави друштво засега не знаат нити стјуардите, па ќе почекаме на официјална потврда на стартниот поредок.
Не е лесно да се престигне во Монца, но квалификациите не се толку важни како на последната трка во Зандворт или следната во Сингапур, па многу возачи тоа го искористија за планирана замена на делови од погонската единица.
Ако пред две недели во Белгија осум возачи беа казнети за такви замени, тогаш во Италија девет возачи пред почетокот на квалификациите знаеја дека ќе загубат позиции на стартот.
Во квалификациите во Монца, сите беа желни да ја искористат предноста на заветрина кога се вози зад друг болид за да добијат брзина на правците, иако со 2022 болидите овој ефект е многу послабо изразен.
Имавме промена на возач во тимот на Вилијамс. Доцна синоќа Алекс Албон доби силни болки во стомакот, а лекарите на ФИА му дијагностицираа воспаление на слепото црево и го испратија во локална болница.
Тајлаѓанецот беше заменет со резервниот возач Ник де Врис, кој ќе дебитира на утрешната трка за Големата Награда на Италија.
Од Пирели, за нивната домашна трка ги донесоа C2, C3 и C4 смешите како бели, жолти и црвени гуми.
Во Q1 сесијата, сообраќајот им пречеше на многумина, некои избраа обиди со еден брз круг, други со два, постепено доведувајќи ги гумите во режим на работа. Во првиот обид Леклер го забележа најбрзото време, но во вториот Ферстапен возеше побрзо.
Во Ферари и Ред Бул се ограничија на еден брз круг, заштедувајќи сет на црвени гуми, а останатите имаа два обиди на патеката. Времето на Ферстапен остана најбрзо, а де Врис во неговите први квалификации успеа да го победи Латифи и влезе во втората сесија.
Од понатамошната борба отпаднаа Николас Латифи, Себастијан Ветел, Ленс Строл, Кевин Магнусен и Мик Шумахер.
Во Q2 сесијата, Саинц Јр. го забележа најбрзото време уште во првото излегување на патеката, а Леклер го прекина најбрзиот круг, бидејќи излета надвор од патеката, но веднаш го започна следниот и заврши втор.
Поради добиената казна, Јуки Цунода не излезе да извози круг во втората сесија. Пјер Гасли беше небезбедно пуштен од својата гаража веднаш пред болидот на Норис. Стјуардите го разгледуваат овој инцидент.
Возачите на Ферари и Ред Бул се решија да го прескокнат второто излегување на патеката, но сите останати не беа во таква можност. Ник де Врис направи грешка при второто излегување, излета од патеката, но без последици по болидот на Вилијамс.
Естебан Окон, Валтери Ботас, Ник де Врис и Џоу Гуанју не се пласираа во финалниот сегмент од денешните квалификации.
Во Q3 сесијата, Карлос Саинц Јр. беше најбрз при првите брзи круга, користејќи помош од својот тимски колега. Фернандо Алонсо го прекина кругот, враќајќи се во својата гаража.
При вторите брзи круга, Чарлс Леклер без никаква помош го постави најбрзото време, додека Макс Ферстапен само успеа да ги раздвои возачите на Ферари. Времињата на Фернандо Алонсо и Пјер Гасли беа избришани поради излегување надвор од границите на патеката.
ЧАРЛС ЛЕКЛЕР ЗА НЕИЗМЕРНА РАДОСТ НА ТИФОЗИТЕ
9/10/2022 06:18:00 PM
0
Share to other apps