Карлос Саинц Јр. го забележа најбрзото време на квалификациите за Големата Награда на Америка, забележувајќи ја третата Пол позиција во неговата Ф1 кариера. Шпанецот ги победи, Чарлс Леклер и Макс Ферстапен во адреналинската финална битка во тешкиот ден за Ред Бул.
Тимот од Милтон Кејнс доби тажна вест непосредно пред квалификациите. Почина Дитрих Матешиц, човекот кој го купи тимот на Јагуар кон крајот на 2004 година, го преименува во Ред Бул Рејсинг, претворајќи го во шампионски тим за само 6 сезони.
Макс Ферстапен и Серџо Перез беа достојни противници, но на крајот Ферарите имаа дополнителни стотинки за да избијат напред. Карлос Саинц Јр. го победи Чарлс Леклер за 65 илјадитинки и Макс Ферстапен за 92 илјадитинки, потврдувајќи колку блиска битка имавме на денешните квалификации.
Ниту Серџо Перез не беше далеку, помалку од три десетинки, со болидите на Мерцедес АМГ во позадина. Од друга страна, Ленс Строл изненади во Q3 со одличен круг за да биде најдобар од останатите, пред Ландо Норис и Фернандо Алонсо кои се претставија на многу високо ниво во текот на квалификациите.
Квалификациите во Остин се одржаа во невообичаено време за нас во Македонија, со почеток точно на полноќ, што значи дека квалификациите и трката се одржуваа во ист ден, недела.
Тоа е така затоа што организаторите на Големата Награда на Америка им понудуваат обемна забавна програма на фановите, така што квалификациите по локално време почнаа доцна, во 17:00 часот, а во 18:52 часот заоѓаше сонцето.
Секој подолг прекин можеше да ја презакаже сесијата за следниот ден. Во петокот, возачите се пожалија дека сончевите зраци кога тоа заоѓа се заслепувачки на некои од свиоците.
Пред почетокот на квалификациите, се дозна за смртта на сопственикот на два тима на Ред Бул, Дитрих Матешиц. Претставниците на Формула 1 и лидерите на тимовите изразија сочувство.
На петочните тренинг сесии најбрзото време го имаше Чарлс Леклер, но на саботниот тренинг Макс Ферстапен беше доминантен.
Како и минатата година, четворица возачи ги започнаа квалификациите знаејќи дека ќе ги загубат своите позиции на стартот на неделната трка. Да потсетиме дека Леклер, Перез, Алонсо и Гуанју имаат казни за промена на делови од погонската единица.
Пирели за викендот во Остин ги донесе C2, C3 и C4 смешите во улогата на бели, жолти и црвени гуми. Во квалификациите, сите ги користеа само црвените пневматици.
Во Q1 сесија, при првите брзи круга на врвот на табелата се најде Карлос Саинц Јр., кој беше половина секунда пред својот тимски колега.
Саинц, Леклер, Ферстапен и Перез се откажаа од вториот обид, останатите продолжија да се борат, но времето на Шпанецот остана како најдобро.
Мик Шумахер имаше извртување на патеката, уништувајќи ги гуми, по што го упропасти брзиот круг. Од понатамошната борба отпаднаа Кевин Магнусен, Даниел Рикиардо, Естебан Окон, Мик Шумахер и Николас Латифи.
Во Q2 сесијата, Пјер Гасли ги блокираше гумите и го прекина брзиот круг, враќајќи се во својата гаража. Во првиот обид Леклер го забележа најбрзото време, возејќи круг пет стотинки побрз од тој на Ферстапен.
На Себастијан Ветел му беше избришано времето поради излегување надвор од границите на патеката.
Леклер, Саинц Јр. и Перез се откажаа од вториот обид, а останатите излегоа на патеката. Ферстапен се врати во боксот без да го комплетира кругот.
На Џоу Гуанју му беше поништен круг поради милиметарско излегување надвор од патеката, што го исфрли од Топ 10 пласманот, но тоа значеше спас за Ландо Норис, кој се врати во најбрзите десет возачи.
Алекс Албон, Себастијан Ветел, Пјер Гасли, Џоу Гуанју и Јуки Цунода не се пласираа во финалниот сегмент од квалификациите.
Во Q3 сесијата Чарлс Леклер го имаше најбрзото време по првите брзи круга, но Карлос Саинц Јр., при вторите излегувања на патеката, имаше извонредно брз круг кој му ја донесе пол позицијата.
КАРЛОС САИНЦ ЈР. НА ПОЛ ПОЗИЦИЈАТА, ТАЖЕН ДЕН ЗА РЕД БУЛ
10/23/2022 02:17:00 AM
0
Share to other apps