Денес, 29 Ноември 2022, Ферари официјално го потврди заминувањето на Матија Биното од позицијата тимски шеф на 31 декември. Тимот моментално бара негова замена, а новиот шеф на тимот се очекува да биде именуван на почетокот на 2023 година.
Матија Биното: "Со жалење решив да го прекинам партнерството со Ферари. Го напуштам тимот што го сакам и на кој дадов 28 години од мојот живот. Се чувствувам смирено затоа што сум убеден дека вложив максимални напори за да ги постигнам моите цели. Заминувам од тесно поврзан и тим кој се развива."
"Тимот е силен и сигурен сум дека може да ги постигне највисоките цели. Им посакувам се најдобро во иднина. Сметам дека е исправно да го преземам овој чекор, иако тоа е тешка одлука за мене. Му благодарам на целиот персонал во Gestione Sportiva кој ја сподели оваа авантура со мене, не само полна со тешкотии, туку и со големо задоволство."
Бенедето Виња , извршен директор: "Сакам да му се заблагодарам на Матија за неговиот придонес во Ферари во изминатите 28 години, а особено што го врати тимот на конкурентно ниво минатата година."
"Како резултат на тоа, ние сме добро позиционирани да се вратиме во борбата што ја чекаа нашите неверојатни фанови ширум светот и да ја освоиме врвната награда во мотоспортот. Сите во Скудерија и во пошироката заедница на Ферари му посакуваат на Матија се најдобро во иднината."
Во Ферари е започнат процес на избор на нов тимски шеф, за кој се надеваат дека ќе заврши до крајот на оваа година, т.е. до божиќните празници. Гласините за заминувањето на Биното беа постојани во последните недели и неколку кандидати се позиционираа како наследници.
Ферари се обиделе да ги привлечат Кристијан Хорнер и Андреас Зајдл, но и двајцата ги одбија. Се провлекуваше и името на Рос Браун, но тој на крајот од годинава заминува во пензија и најави дека следната година Формула 1 ќе ја гледа од својот кауч во неговата дневна соба.
Водечкиот кандидат е Фредерик Васер. Актуелниот тимски шеф на Алфа Ромео, кој сам се понудил, е фаворит според италијанскиот печат и веќе има искуство да води Ф1 тим. Покрај тоа, тој има блиски односи со Чарлс Леклер. Ако се избере оваа опција ќе значи дека Моначанецот е поголем од тимот, тогаш Ферари навистина паднал на најниски можни гранки!
Антонело Колета е уште еден кој се поврзува со улогата на тимски шеф. Италијанецот е одговорен за GT програмата на Ферари, па тоа би било интерна промоција. Исто така, во Ферари размислуваат да го назначи Бендето Виња за привремен тимски шеф, кој ќе го води тимот додека не се реши наследникот на Биното.
Со ова работата на претседателот на Ферари, Џон Елкан се натрупува. Кризата во Формула 1 тимот се приклучува кон кризата на Јувентус, каде синоќа оставка поднесе целиот управен одбор.
Причината може да биде вмешаноста на управниот одбор во истрагата што ја отвори јавното обвинителство во Торино, познато по името Призма, за обвинение за лажно сметководство.
Што понатаму за Матија Биното? Според гласините, четири тима веќе контактирале со Швајцарецот од Лозана, меѓу кои се и Астон Мартин, Алпин и еден врвен тим, најверојатно Мерцедес АМГ.
Речиси три децении е во италијанскиот тим и под негов надзор се прават навистина конкурентни болиди. Тој се уште ги раководи состаноците за 2023 болидот, а тоа значи дека има многу вредни податоци за секој друг тим.
Секако дека треба да помине период на задолжително отсуство, се шпекулираат 6 месеци, во случај да сака да се придружи на друг Ф1 тим, што е релативно мал период.
Се истакнува дека не се исклучува и други инженери да го напуштат тимот за да го придружуваат Матија Биното во неговата нова авантура.
ОФИЦИЈАЛНО: МАТИЈА БИНОТО ГО НАПУШТА ФЕРАРИ
11/29/2022 10:54:00 AM
0
Share to other apps