Долги години по ред, од тимските шефови се бара да ги именуваат најдобрите десет возачи за изминатата сезона во Формула 1. Карактеристично е што може да гласаат и за своите возачи.
Изборот од 1-10 носи поени како и на секоја Формула 1 трка, од 25 за првиот до еден поен за десеттиот.
Оваа година гласаа сите тимски шефови и тоа: Матија Биното, Јост Капито, Кристијан Хорнер, Мајк Крак, Андреас Зајдл, Гинтер Штајнер, Отмар Шафнауер, Франц Тост, Фредерик Васер и Тото Волф.
Сигурно Топ 3 пласманот никого нема да изненади, бидејќи Макс Ферстапен беше во една друга лига по перформанси, како и пласманот на Чарлс Леклер и Џорџ Расел, кои го комплетираа победничкиот подиум.
Иако конечниот поредок е јавен, поединечните оценки се тајни, па ќе останеме без да знаеме како поединечно гласале тимските шефови.
Во меѓувреме официјалниот сајт на Формула 1 објави уште едно признание за Макс Ферстапен, кој беше избран за најдобар возач на 2022 сезоната и од своите колеги.
Гласањето се одвиваше по истиот принцип како и кај тимските шефови. Како и во претходните години, правилата им дозволуваат на возачите да гласаат за себе, а поединечните гласови се тајни.
Ферстапен уште еднаш го победи ривалот за титулата и возач на Ферари, Чарлс Леклер. Дуото на Мерцедес АМГ, освои ист број поени за третото место и го делат последното место на овој подиумот.
Возачот на Мекларен, Ландо Норис, единствениот возач кој се искачи на победничкиот подиум, а да не е возач на Ред Бул, Мерцедес АМГ или Ферари беше изгласан за петти од неговите колеги, едно место повисоко од рангирањето на тимските шефови.
Фернандо Алонсо, беше шести, едно место пред сонародникот Карлос Саинц Јр. во обратно позиционирање на рангирањето од тимските шефови.
Фантастичната изведба на Алекс Албон во неконкурентниот болид на Вилијамс ги импресионираше неговите ривали, па британскиот тајланѓанец го дели осмото место со Серџо Перез и Себастијан Ветел.
Во гласањето учествуваа сите возачи, освен "самобендисаниот": Алекс Албон, Фернандо Алонсо, Валтери Ботас, Пјер Гасли, Николас Латифи, Чарлс Леклер, Кевин Магнусен, Ландо Норис, Естебан Окон, Серџо Перез, Даниел Рикиардо, Џорџ Расел, Карлос Саинц Јр., Мик Шумахер, Ленс Строл, Јуки Цунода, Макс Ферстапен, Себастијан Ветел, Џоу Гуанју.
ТИМСКИТЕ ШЕФОВИ И ВОЗАЧИТЕ ГО ИЗБРАА НАЈДОБРИОТ ЗА 2022 СЕЗОНАТА
12/28/2022 12:02:00 PM
0
Share to other apps