Со почетокот на 2023 година Формула 1 се подготвува за втората сезона од својата нова ера, со која доаѓаат неколку многу интересни промени на сценографијата и можна борба за шампионските титули од страна на три тима, што буди голем ентузијазам. Иако веќе ја нема таа доза на неизвесност од 2022 година со доаѓањето на новите регулативи, доаѓа возбудлива сезона.
Иако сè уште нема потврдена замена за откажаната трка за Големата Награда на Кина, Формула 1 планира 2023 година да биде најдолгата сезона во нејзината историја, со вкупно 24 трки. Сè ќе започне на 5 Март во Бахреин и ќе трае до крајот на Ноември во Абу Даби, што ќе биде веднаш по големиот новитет на годината, Големата Награда на Лас Вегас.
За сезоната што доаѓа немавме промени во трите водечки тимови, но имаме во шест од преостанатите седум, а Алфа Ромео е единствениот тим која се одлучи за континуитет на нивните двајца возачи.
Фернандо Алонсо започнува нова авантура во Астон Мартин со надеж дека наскоро повторно ќе победува и со целосна доверба во многу атрактивниот проект на легендарниот автомобилски бренд.
Шпанецот се збогуваше со Алпин, кој потпиша со Пјер Гасли за да формира француско возачко дуо со Естебан Окон. Сите во тимот од Енстоун со нетрпение ја очекуваат 2023 година, со цел дополнително да ја намалат разликата со најбрзите тимови и да продолжат смело кон нивната цел: Шампионска титула во 100 трки. Пред нив е клучна година за остварување на поставената цел.
Оскар Пјастри беше главниот лик на летниот распуст, кој не остави никого рамнодушен со целата гужва што се создаваше во врска со неговата иднина. Младиот Австралиец ќе дебитира во Формула 1 со Мекларен, а од другата страна на гаражата ќе го има Ландо Норис, формирајќи го најмладото дуо на гридот и кое предизвикува голем интерес.
Пјастри нема да биде единствениот дебитант оваа сезона, бидејќи неговиот ривал во Формула 3 во 2020 година, Логан Сарџент, исто така ќе направи скок во Формула 1 со тимот на Вилијамс. Либерти Медиа повторно ќе има американски возач на гридот во сезона во која ќе гледаме три трки во оваа земја.
Тие ќе бидат две од четирите нови лица, заедно со Ник де Врис и Нико Хулкенберг.
Со сите овие промени, откриени се сите адути во борбата за шампионските титули. Како и обично, фаворит ќе биде актуелниот шампион. Макс Ферстапен ќе ја бара својата трета последователна титула заедно со Ред Бул кој блескаше во 2022 година, но овој пат ќе има недостаток со помалку часови во воздушниот тунел, нешто што може да ги попречи во нивните намери.
Нивните ривали ќе настојуваат да ја искористат таа предност што ќе ја имаат за дополнително да ја намалат разликата. Ферари не смени возачи, но тимот го промени тимскиот шеф, Фредерик Васер доаѓа на местото на Матија Бинотот во клучната година во која главната цел е да се освои шампионска титула.
Чарлс Леклер има голема мотивација по вицешампионската 2022 година, а Карлос Саинц Јр. исто така со нетрпение ја очекува новата сезона по годината во која ја забележа својата прва победа.
Без сомнение, една од најуспешните приказни во 2022 година беше опоравувањето на Мерцедес АМГ. Од заостанување од една секунда зад најдобриот во Бахреин во март до двојната победа во Бразил во ноември месец. Сребрените стрели ја исполнија својата мисија да го разберат и успешно да го развијат својот W13, а со тоа да размислуваат за титулите во 2023 година.
Луис Хамилтон дефинитвно посакува да го турне рекордот на Михаел Шумахер, и да се пензионира по стапките на НикоРозберг, но Џорџ Расел продолжува да ги изненадува сите.
Дефинитивно, претстои возбудлива сезона, со многу отворени фронтови, повеќе трки од кога било, нова дестинација, или можеби две, и надеж за борба за титулите од најмалку три тима, нешто што не се случило повеќе од една деценија. 2023 ги има сите состојки за да не остави рамнодушен ниту еден фан на Формула 1.
ФИА воведе одредени промени во правилата за 2023 година. Само две од нив, оние кои се однесуваат на висината на подот на болидот и дифузорот, можа да имаат влијание врз перформансите.
ТЕХНИЧКА РЕГУЛАТИВА
Рабовите на подот ќе бидат 15 милиметри повисоки отколку во 2022 година. Ова е мерка преземена во борбата со вертикалните осцилации на новата генерација на Ф1 болиди.
Мерка која беше најавена во средината на 2022 година, но која можеби повеќе нема да биде потребна, со оглед на тоа што скоро сите тимови успеаја да го минимизираат споменатиот ефект.
Висината на дифузорот ќе биде поголема, што е поврзано со издигнувањето на рабовите на подот. Исто така, цврстината на рабовите на дифузорот ќе биде биде поголема, за да се избегне играње со нивната флексибилност.
На 2023 болидите ќе биде инсталиран сензор за мерење на вертиланите осцилации.
Безбедносната структура над главата на возачите е значително редизајнирана како би се заштитиле возачите во случај на превртување. Гледајќи напред кон 2024 година, отпорот на овој елемент исто така ќе биде зголемен, не само вертикално туку и надолжно.
Големината на ретровизорите е зголемена за да се подобри прегледноста на возачите за тоа што се случува зад нив.
СПОРТСКИ ПРОПИСИ
Ќе имаме само три тест дена пред почетокот на сезоната, од 23 до 25 февруари во Бахреин, односно една недела пред првата трка. Со други зборови, ако се откријат проблеми, тие ќе бидат тешко брзо да се анулираат.
Пирели ќе воведе шеста смеша за нивните гуми, за подобро да го покрие опсегот на можни избори за секоја трка, на која повторно ќе има избор од три понудени за суво време. Новата смеша ќе биде поставена помеѓу сегашните C1 и C2.
Нов начин на користење гуми во квалификациите ќе биде тестиран на две трки. Наместо 13 сетови по трка, возачите ќе имаат 11. Во квалификациите трите смеши ќе треба да се користат на следниот начин: Најтврдата смеша во Q1, медиумот во Q2 и најмеките во Q3, секако ова нема да важи во случајот да имаме влажна патека.
За пет милиони долари се намалува годишниот Ф1 буџет на тимовите и сега тој ќе изнесува 127 милиони.
Бројот на спринт настани е двојно зголемен, од три на шест.
Се разгледува одвојување на спринтот од останатиот дел на тркачкиот викенд, односно стартниот поредок на трката да не биде според пласманот на спринт настанот. Но, ова допрва треба да се прецизира и можеби нема да важи до 2024 година.
Тимовите ќе добијат дополнителна компензација од 300.000 долари за секој спринт, од 150.000 долари во 2022 година. Штетата предизвикана на болидите во спринт настаните нема да се пресметува во ограничениот буџет.
На крајот на годината спроведуваме традиционална анкета за македонските Ф1 фанови. Секогаш е интересно да се направи ревизија на сезоната, да се разбере кои трки и возачи оставиле најголем впечаток.
ЛИНК
Колку повеќе фанови учествуваат, толку сликата ќе биде пообјективна, затоа споделете ја анкетата до вашите пријатели.
По новогодишните празници ќе ги објавиме резултатите.
Ф1 2023 СЕЗОНА: ШТО НЕ ОЧЕКУВА?
1/01/2023 01:50:00 PM
0
Share to other apps