Пред почетокот на 2023 сезоната, ФИА ја заврши реорганизацијата на одделите одговорни за Формула 1 и воведе нова управна структура на шампионатот.
Николас Томбазис, кој го водеше техничкиот тим на ФИА за Формула 1 од 2018 година, беше промовиран на посестраната позиција директор на шампионатите каде се тркаат болиди едноседи.
Нему директно ќе му одговараат: спортски, технички, финансиски и директор одговорен за стратегија и операции.
Стив Нилсен се пресели од ФОМ во ФИА како спортски директор. Тој ќе биде одговорен за сите спортски работи во Формула 1, вклучувајќи го и управувањето со трките и финализирањето на спортските прописи.
На позицијата технички директор е унапреден Тим Гос, кој беше заменик на Николас Томбазис од 2021 година.
Федерико Лоди стана нов финансиски директор на Формула 1. Претходно, тој беше одговорен за финансискиот оддел на ФИА од нејзиното основање.
Поранешниот спортски директор Франсоа Сикард ќе ја преземе новосоздадената позиција на директор за стратегија и операции во Ф1. Тој ќе биде одговорен за долгорочно планирање, клучни активности на патеката и логистика.
Мохамед бин Сулејем, Претседател на ФИА: "Посветивме многу време и напор за да направиме значајни и свесни промени во нашиот Формула 1 тим со цел да ја создадеме вистинската структура со вистинските луѓе за да го регулираат спортот во иднина."
"Уверен сум дека со развивање и зајакнување на луѓето во нашата организација, како и со внесување на знаење и искуство однадвор, ги создаваме најдобрите услови да продолжиме напред заедно со нашите партнери од ФОМ и Формула 1 тимовите."
Николас Томбазис, директор на шампионатите со болиди едноседи: "Голема чест ми е што ја преземам мојата нова позиција во ФИА и многу сум благодарен на претседателот за довербата што ми ја даде."
"Имаме група на исклучително талентирани и посветени луѓе кои работат напорно за да го обезбедат нивото на контрола што Формула 1 го бара и заслужува. Уверен сум дека новата структура ќе ги однесе нашите ресурси на следното ниво и ќе овозможи континуирано подобрување."
Стив Нилсен, спортски директор: "Со текот на годините во оваа професија, работев во многу тимови и структури на Формула 1, а сега едвај чекам да отворам ново поглавје во ФИА. Сакам да им се заблагодарам на претседателот и Стефано Доменикали за довербата што ми ја дадоа."
"Ги разбирам и прифаќам уникатните предизвици да се биде регулатор."
"Со текот на годините тесно соработував со многумина во ФИА и сега со нетрпение очекувам да преземам нови предизвици. Формула 1 е во одлична форма и ние сме одговорни за иднината на спортот кој е во срцето на сè што правиме."
Од 2017 година, тој работеше како спортски директор на Формула 1 и беше подреден на Рос Браун, но неговата кариера во шампионатот започна во 1986 година. Во младоста, Нилсен работеше како обичен возач на камион за MSL, кој обезбедуваше угостителски услуги на тимовите.
Но, набрзо тој беше поканет во Лотус, каде што прво беше еден од возачите, а потоа стана нивни координатор на одделот за резервни делови. После тоа, Нилсен работеше на различни позиции во Тајлер, Ероус, Бенетон.
Во тимот од Енстон остана долго време и кога тој доби фабрички статус, менувајќи го името во Рено Ф1. Таму стигна до позицијата спортски директор, а пред да се пресели во раководството на Формула 1, работеше и во тимовите на Катерхам, Торо Росо и Вилијамс.
Секако, со ваквото богато искуство тој одлично ги знае законите по кои живее и се развива овој комплексен спорт и не е чудно што сега Нилсен кариерата ќе ја продолжи во ФИА.
Назначување на Нилсен го поддржуваат и Формула 1 тимовите.
"Стив е многу почитуван, сите го знаат и има одличен однос со сите во боксот", коментира Зак Браун, извршен директор на Мекларен. "Тој ги исполнува сите услови и мислам дека ниту еден од тимовите нема да се сомнева во исправноста на одлуката за негово назначување."
Според BBC Sport, Нилсен двапати одбил слични понуди во минатото, прво по ненадејната смрт на Чарли Вајтинг, а потоа по отказот на Мајкл Маси. Но, сега тој се согласи да стане спортски директор на федерацијата, сфаќајќи дека тоа е во интерес на целата Формула 1.
Меѓу другото, ова го поздравува и Гинтер Штајнер, тимскиот шеф на Хас: "Бидејќи Стив толку долго работи во Формула 1, тој е добро упатен во историјата, знае што се случувало во одредени ситуации."
"Главниот проблем на некои луѓе кои работеа во шампионатот е што не ја знаат историјата од последните 20 години. Па така е многу е тешко да се донесуваат вистинските одлуки."
"Ова не значи дека тоа се лоши луѓе, но едноставно го немаат потребното искуство. Стив има и искуство и знаење, тој е свесен што се случило и кога. Подобро е кога такво лице зазема таква позиција, тоа ќе помогне да се избегнат двосмислени одлуки."
На крајот на 2022 година истече спонзорскиот договор на Формула 1 со авиокомпанијата Емирати од Дубаи, која веќе неколку години е глобален партнер на шампионатот.
Со доаѓањето на Големата Награда на Катар, авиокомпанијата Qatar Airways ќе биде новиот партнер на Формула 1. Официјалната соработка треба да биде објавена во текот на првата трка од сезоната во Бахреин.
Во моментов Aramco, AWS, Crypto.com, DHL, Heineken, MSC Cruises, Pirelli, Rolex и Salesforce имаат статус на глобален партнер на Формула 1.
ФОРМУЛА 1 СО НОВА РАКОВОДНА СТРУКТУРА И НОВ АВИОПРЕВОЗНИК
1/18/2023 04:30:00 PM
0
Tags
Share to other apps