Познатиот рели возач и пред се каскадер, Кен Блок, загина во сообраќајна несреќа на 55-годишна возраст. Трагедијата се случи на 2 јануари во Јута, САД.
Според локалните власти, Блок возел по стрмна угорнина кога моторната санка се превртела и паднала врз него. Возачот на релито бил во група, но бил сам во моментот на несреќата. Од здобиените повреди починал на лице место.
Американецот беше особено познат по неговата веб-серија Gymkhana, со која започна да го рекламира својот бренд, DC Shoes, и која собра милиони прегледи. Во неа Блок возеше по опасни патеки и терени со пречки.
Во моментов тој беше пилот на Ауди, бренд со кој ја создаде Electrickhana, истиот концепт како неговите подвизи, но со електрични возила во главна улога.
"Со најдлабоко жалење потврдуваме дека Кен Блок почина во несреќа со моторни санки", се вели во соопштението на неговиот тим Хуниган.
"Кен беше визионер, пионер и икона. Но, што е најважно, тој беше татко и сопруг. Многу ќе им недостига."
Едно од првите сочувствa до семејството на Кен Блок го изрази Ф1 шампионот од 2009 година Џенсон Батон: "Шокиран сум од веста за смртта на Кен. Тој е талент кој направи многу за мотоспортот."
"Тој беше вистински визионер со својот уникатен стил и заразна насмевка. Мотоспортот загуби еден од најдобрите претставници, но, уште поважно, одлична личност."
* Сите коментари се прегледуваат пред да се објават.