На патеката во Сахир привршуваат подготовките за претсезонската тест сесија во Формула 1, која започнува овој четврток. Контејнерите со опрема веќе се донесени на лице место, а механичарите ги привршуваат работите на инсталација и монтажа за целосно фунционирање на тимските гаражи.
Првиот ден тестовите ќе се одржуваат зад затворени врати, а во петок и сабота гледачите ќе бидат пуштени на патеката, а доколку некој е желен да ги види новите болиди во акција, тоа може да го направи со купување на билет кој чини околу 1000 денари.
Таквиот билет нема нумерирани седишта и дава права да се седне на главната трибина, лоцирана спроти боксевите и тимските гаражи. Временската прогнозата за втората половина од неделава, за Бахреин најавува дека температурите ќе се приближат до 30 степени.
Доколку сакате подобро да се запознаете со тимовите, достапни се и Падок пропусници, со кои веќе сега можете да пристапите до Ф1 Падокот. Се разбира, цената на овие пропусници е значително повисока.
Организаторите на Големата Награда на Бахреин известуваат за голема побарувачка на билети за трката која ќе се одржи на 5 март, а сите места на главната трибина се веќе распродадени.
Во исто време, управата на автодромот издаде посебно предупредување за можни случаи на шпекулации, па дури и за продажба на лажни билети.
"Ги повикуваме Ф1 фановите да купуваат билети само од овластени трговци на мало. Со оглед на тоа што бројот на билети за трката е ограничен, очекуваме дека може да има диви продавачи кои ќе се обидат да ги продадат билетите по напумпани цени."
"Меѓународната патека во Бахреин не може да се смета за одговорна за билетите купени преку неовластени канали бидејќи не постои гаранција дека тие се оригинални."
Претсезонската тест сесија е време кога тимовите ќе ги дознаат можностите на своите нови болиди, но дали тоа ќе биде забележливо и за нас ќе видиме.
Доколку некој тим има очигледни и сериозни проблеми, како на пример Мекларен минатата година, времето и условите за маневрирање се ограничени.
Ова ќе биде втора година од новата Ф1 ера, што значи дека тимовите имаат многу повеќе податоци за анализа и споредба.
Сепак, претсезонските тест сесии, се време кога сите влегуваме во нова територија, иако концептите на Ф1 болидите и нивните проблеми се попознати.
Сите нови болиди се еволуција на минатогодинешните, со мали модификации кои би требало да се решат проблемите, па ќе видиме дали нешто се променило, или трите најбрзи тимови повторно ќе бидат недостижни.
Формула 1 тимовите имаат само еден болид на располагање во текот на трите тест дена, така што возачите мора да ги поделат часовите за тестирање.
БАХРЕИН Е ПОДГОТВЕН ДА ГИ ПРЕЧЕКА Ф1 ТИМОВИТЕ
2/21/2023 11:08:00 AM
0
Share to other apps