Матија Биното рече дека Ферари SF-23 не е негов болид, туку дека тоа е болид на Ферари. Поранешниот шеф на тимот не негираше дека бил вклучен во проектот, нешто што е очигледно, но сакаше да нагласи дека се работи за тимски проект.
SF-23 за тифозите е познат како "наследството на Биното", но италијанскиот инженер верува дека, без разлика дали ќе оди добро или лошо, тоа е одговорност на сите.
"Во Ф1 не може да се зборува за поединци, туку за група. Овој болид беше дизајниран минатата година, кога јас бев дел од групата, но тоа не е мој болид, тоа е болид на Ферари."
За Матија Биното возачот е една од клучените елементи во резултатите, иако не и одлучувачки. Во неговите последни изјави се гледа дека е многу разочаран од своите пулени во минатата година и мисли дека не биле на потребното ниво, покрај останатите ситници кои значеа пораз.
Без вистинкиот возач, добриот болид не може да го изрази својот целосен потенцијал. Но, ако болидот не е добар, малку може да се направи.
"За да се победува, неопходно е да се има најдобриот болид. Возачот е тој што ја прави разликата во последните две десетинки. Тој ја прави разликата благодарение на неговиот талент, неговите возачки способности и неговиот менталитет."
"Тој мора да има харизма што го турка целиот тим да продолжи да се подобрува. Длабоко во себе тој е еден од најважните луѓе во тимот, главниот лик, оној кој зборува со медиумите, со претседателот, со неговите механичари и инженери."
"Мислам дека возачот не е само важен на патеката, туку и поради неговата способност да го подобри менталитетот и работата на тимот."
Според повеќето аналитичари, новиот SF-23 е можеби најреволуционерниот болид во споредба со минатата година, повеќе од Астон Мартин, повеќе од Мерцедес АМГ, повеќе од промите во Алпин.
Италијанците лани потврдија дека ја надминаа разликата со Ред Бул, но дека е потребно нешто повеќе за да ги поминат: иновираат, ризикуваат. Едноставно тоа е вистинскиот пат до успехот.
По F-Duct и S-Duct за кои се зборуваше во претходните сезони, сега доаѓа нивниот Duct(канал) кој Џорџо Пиола и останатите "техничари" за Ф1 болидите го нарекоа Bypass-Duct (Бајпас канал), само за да се разликува од претходните.
Првите фотографии од Ферари веќе открија некои изненадувачки доводи за воздух помеѓу кок-питот и страничните отвори за ладење на ПЕ, како и "издувни отвори" во горниот дел од кокпитот.
Тоа е еден вид S-Duct, но не е во носот, туку во странично-централните делови на болидот, каде што има одредени слободи за толкување на правилата. Тоа се детали кои немаше да бидат видливи, доколку од Ферари не се решеа да го презентираат вистинскиот болид на патеката во Фиорано.
Но, како што изјави Фернандо Алонсо, со кој потполно се согласуваме, разочарувачки да се види како Ред Бул презентираше шоу-кар болид со налепници на тимските спонзори.
Шпанецот верува дека Ф1 фановите сакаат да ги видат вистинските болиди и поради оваа причина, тој е горд што Астон Мартин, како и Ферари, го презентираше вистинскиот болид.
Но, да се вратиме на Бајпас каналот на Ферари. Теоријата е дека протокот на ладен воздух ќе овозможи подобро отстранување и насочување на топлиот воздух што излегува низ "жабрите" на каросеријата.
Одлична аеродинамична работа, која ќе мора да се провери на патеката, иако и Карлос Саинц Јр. и Чарлс Леклер делуваа многу задоволни по нивниот филмски ден.
Веднаш потоа следуваа првите гласини помеѓу Ф1 заедницата. Можно е да се претпостави дека Ферари се консултирал со ФИА за ова прашање, но тоа нема да биде ставено под инспекција до проверките во Бахреин кога ќе се разјасни неговата законитост.
Доколку системот функционира, сигурно ќе биде протестиран, како што беше првично концептот на нулти отвори за ладење на Мерцедес АМГ, кој престана да биде интересен затоа што не функционираше, потоа задното крило на Астон Мартин, забрането оваа година или предното крило што Мерцедес АМГ никогаш не го примени и од кое Ферари, верува дека направил правно издржана верзија, благодарение на малата варијација во формулацијата на правилото.
Хелмут Марко, Кристијан Хорнер, и особено Тото Волф, нема да престанат да преиспитуваат сè што Ферари ќе направи. Се надеваме дека Фредерик Васер и Виња, не се толку "питоми" како Биното.
МАТИЈА БИНОТО - ФЕРАРИ SF23 НЕ Е МОЈ БОЛИД
2/19/2023 01:32:00 PM
0
Share to other apps