Пред почетокот на сезоната, Мерцедес АМГ и Ферари беа оптимисти за нивните перспективи во 2023 година, но Големата Награда на Бахреин покажа дека тие се далеку од победите.
По првиот викенд, во европскиот печат се појавија различни стории за ситуацијата во овие два тимови.
Во однос на Мерцедес АМГ тимот, од наводниот ултиматум што му бил даден на техничкиот директор Мајк Елиот, до одлуката на раководството на Мерцедес во Штутгарт да го фаворизира Астон Мартин.
Кај Ферари се занимаваат со смена или отпуштање на сите раководни позиции и незадоволството на Чарлс Леклер од насоката на каде се движи тимот.
Прес-службата на Мерцедес АМГ објави отворено писмо до нивните фанови, во кое се зборува за моменталната состојба и се нагласува вредноста на единството во актуелната ситуација.
"Трката во Бахреин беше болна за сите нас кои сме решени секоја година да се бориме за титулата. Целиот тим вложи многу труд за да создаде болид кој не ги оправда очекувањата, па нè боли. Знаеме дека и вас фановите ве боли тоа."
"Вашата страст и поддршка се многу важни за да продолжиме напред, чувствуваме заедничка болка. Никој од нас не сакаше да биде во моменталната ситуација, но тоа е реалноста."
"Сега се поставуваат прашања: Што можеме да направиме? Што ќе правиме? Прво, нема да паничиме. Знаете добро дека во Формула 1 сакаат брзо да вперат прст кон некого или да се бараат промени, но во тимот зборуваме за храброст кога не успеваме."
"Неуспехот гради карактер и ни дава сила да ги видиме можностите. Ние сме отворени и крајно искрени за моменталната состојба на работите."
"Тимот веднаш и мирно почна да изготвува план за излез од оваа ситуација, идентификувајќи краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки што треба да се преземат за повторно да почне да победува."
"Веќе имаме нови надградби за претстојните трки, а ќе ги има уште повеќе. Сепак, невозможно е да се поправи ситуацијата преку ноќ, во Формула 1 нема волшебно стапче."
"Второ, ќе ја држиме главата високо и ќе одиме напред чекор по чекор. Ние сме Мерцедес АМГ. Ги знаеме стандардите кон кои се стремиме и никој не се плаши од врвот што треба да го искачиме. Нема да биде лесно, но која е вредноста на лесната победа?"
"Овие времиња градат карактер, тимот станува обединет, решавајќи проблеми и надминувајќи ги тешкотиите. Сите работиме заедно, од Тото, Луис и Џорџ до сите вработени во базите Бракли и Бриксворт. И ние го сакаме овој предизвик."
"Трето, го охрабруваме секој од вас да ја сподели енергијата што ќе му помогне на тимот да оди напред. Можете да критикувате или поддржувате, но важно е да го правите тоа правилно."
"Подготвени сме да работиме напорно за да ги промениме работите во 2023 година. Процесот на закрепнување започна веднаш по трката, и секој во овој процес има своја улога."
"Дали сте подготвени да ни се придружите за да возвратиме? Ако не, нема да ви замериме. Ако одговорот е да, тогаш ајде да го направиме тоа."
Атмосферата во Ферари по Големата Награда на Бахреин е далеку од идеална и тензијата е опиплива во фабриката во Маранело.
Се шпекулира дека Леклер е многу незадоволен откако виде како се одвиваат работите на воведната трка и веќе се обратил до Џон Елкан за да разговара за ситуацијата. Одговорот на претседателот на Ферари бил "трпение и смиреност."
Трката во Бахреин ги разбуди најлошите кошмари на Моначанецот, кој е навистина фрустриран што нема оружје со кое ќе биде способен да се бори против Макс Ферстапен.
Возачот на Ред Бул оди кон третата последователна шампионска титула, еден од неговите големи ривали уште од тркањето во картинг сериите, а тој останува со празни раце.
Оваа ситуација не е лесна за младиот Моначанец, бидејќи моментално нема болид да му се спротивстави. Непобитниот успех на Ферстапен се чини дека нема да стави крај на трпението на Леклер во Ферари, бидејќи Чарлс има на ум само да стигне до врвот облечен во црвено и е многу благодарен за сета поддршка што ја доби од пониските категории.
Неговиот договорот завршува во 2024 година и се зборуваше за интересот на Мерцедес АМГ да го земе во своите редови, но засега се чини дека од тоа нема ништо.
Во Маранело атмосферата е навистина напната и уште повеќе по заминувањето на Давид Санчез, визионерот на концептот SF23. Французинот се чувствуваше несигурен по заминувањето на Матија Биното и ќе се упати во Мекларен, каде неговиот стар пријател, Андреа Стела, го води тимот.
Се разбира, заминувањето на Санчез не е единственото, бидејќи две фигури поврзани со Ферари долги години, како Џино Росато и Џонатан Џакобаци, исто така си заминаа, додека Ињаки Руеда, кој беше исфрлен од пит-ѕидот во "оддалечената" канцеларија во Маранело, е уште еден кој помислил да замине.
Сегашната ситуација, колку што е напната толку е и комплицирана и тоа може да доведе до големо преструктуирање.
На Енрико Кардиле, техничкиот директор, му истекува договорот. Се шпекулира дека тимот може да го напушти и спортскиот директор Лоран Мекис, кој беше десна рака на Матија Биното.
Италијанскиот Сorriere dello Sport пишува дека Васер ставил вето на трансферот на Мекис во ФИА, каде го повикал Стефано Доменикали, а новите должности што му биле понудени во Ферари му одзеле некои од неговите поранешни овластувања, од кои Лоран е многу незадоволен.
НАПНАТА АТМОСФЕРА ВО ТИМОВИТЕ НА МЕРЦЕДЕС АМГ И ФЕРАРИ
3/12/2023 04:04:00 PM
0
Tags
Share to other apps