Во оваа 2023 сезона, планирани се шест тркачки викенди во спринт формат, и тоа трките во Баку, Шпилберг, СПА-Франкоршамп, Катар, Остин и Сао Пауло.
Сопствениците на Формула 1, Либерти Медиа, им предложија на тимовите нов формат за викендот на спринт.
Новиот формат вклучува две засебни квалификациски сесии. Во петок ќе имаме еден тренинг и квалификации во кои ќе се добијат стартните позиции за неделната трка.
Победникот од квалификациите во петок ќе се смета за освојувач на Пол позицијата, но резултатите нема да се земат предвид при поставувањето на болидите на стартот на саботниот спринт.
Во сабота наместо тренинг се предлага да се одржат вторите квалификации на кои ќе се добијат стартните позиции за спринтот.
Во Формула 1 сакаат да го пробаат овој нов формат на Големата Награда на Азербејџан на крајот на април. За ова, за две недели се планира електронско гласање за правење соодветни измени на регулативата.
Либерти Медиа веќе побара поддршка од тимовите, но потенцијалните проблеми може да се појават со Пирели. Италијанските производители на гуми веќе го испратија потребниот број комплети гуми во Баку, и одбиваат да произведат и испратат дополнителни сетови на гуми.
За да се реши овој проблем, Формула 1 нуди голем број опции, така што секој возач би имал доволно комплети на гуми.
Една од опциите е различен формат за саботните квалификации, во кои секој возач ќе може да вози само еден брз круг.
Друга опција е да се преполови времетраењето на секоја од трите петочни квалификациски сесии.
Трета опција е да се ограничи бројот на сетови што возачот може да ги користи во секоја сесија.
Конечната одлука се уште не е донесена, преговорите се во тек.
Но, да се вратиме на викендот во Австралија, па во продолжение ги имате тимските реакции и забелешките на Пирели по петочните тренинг сесии.
РЕД БУЛ
Макс Ферстапен: "Денес, условите на патеката не беа добри, имавме слаб грип, а асфалтот беше доста лизгав. Беше доста тешко да се донесат пневматиците во работна температура, така што беше тешко кога сакате веднаш да нападнете."
"Имаше и доста прекини со црвените знамиња, така што никогаш не влеговме во ритам. Беше тешко да се каже како се чувствува болидот, бидејќи никогаш не добивме вистински работен прозорец со гумите."
"Вечерва ќе ги разгледаме податоците и ќе видиме што треба да направиме утре. Условите треба да бидат подобри до крајот на викендот, па можеме да се фокусираме на тоа."
Серџо Перез: "Имаше проблеми со ГПС системот за време на првиот тренинг и се чинеше дека многу од нас сè уште имаат проблеми со него на попладневната сесија."
"Направивме неколку добри промени од Т1 што можев да ги почувствувам во секторот 1 и секторот 2, но попладне не можев да извозам цел круг поради сообраќајот во секторот 3."
"Бев малку изненаден од влажните услови на патеката, при што не можев добро да го почувствувам болидот, но на суво беше одличен. Има многу податоци за анализа, но сепак имам голема доверба во болидот. Утре ќе видиме каде сме навистина."
АСТОН МАРТИН
Фернандо Алонсо беше побрзиот возач во тимот, а првиот ден во Мелбурн донесе помешани тренинг сесии, на кои беше тешко да се проценат можностите на болидот.
Брзиот круг на Ленс Строл беше прекинат на првиот тренинг, додека на вториот не можеше да нападне поради временските услови.
Утринската сесија беше проблематична поради ГПС системот, додека дождот предизвика проблематична втора тренинг сесија.
Фернандо Алонсо: "Алберт Парк е патека која сите со нетрпение очекуваме да ја возиме. За нас, ова беше добар петок и убаво беше што се вративме во Австралија. На првиот тренинг се концентриравме на тестирање на нови делови и непречено ја комплетиравме нашата програма."
"Попладнето очигледно беше под влијание на дождот, така што има уште работа за утре. Треба да дознаеме повеќе за гумите и долгорочното темпо на болидот бидејќи немаше многу време за тоа денес. Досега, се чини дека болидот се однесува добро. Прогнозата за утре не предвидува дожд, и би сакале патеката да остане сува."
Ленс Строл: "На Т1 тестиравме нови делови што ни дава многу податоци за разбирањето на AMR23. Поради дождот, не комплетиравме онолку кругови колку што би сакале за време на Т2, но тоа е нешто со што сите тимови ќе имаат проблем. За среќа, времето изгледа дека ќе се подобри утре, но денес беше прилично непредвидливо, па никогаш не се знае што да очекуваме!"
ФЕРАРИ
Од тимот на Ферари велат дека петочните тренинг сесии за Големата Награда на Австралија ги поминале работејќи според програма насочена кон извлекување на сите перформанси од SF23 во тркачко темпо, но сепак без да се занемарат подготовките и за квалификациите.
Се обидоа да дознаат повеќе за болидот со различни поставки, притоа овозможувајќи им на возачите повторно да се запознаат со патеката во Алберт Парк. Тие ги процениле сите смеши за суво време што Пирели ги стави на располагање, како и зелените, интермедија, гуми во втората дождлива сесија.
На Т1, Леклер и Саинц Јр. беа петти и шести најбрзи, почнувајќи со бели гуми пред да се префрлат на црвените на средината од сесијата со кои ги забележаа најбрзите времиња.
Во последниот дел од сесијата, откако беа разавеани првите црвени знамиња, Леклер и Саинц Јр. на патеката излегоа со полн резервоар гориво, иако тоа не донесе многу корисни податоци бидејќи сесијата беше предвреме завршена, откако Логан Сарџент застана на патеката во секторот 3.
Дождот влијаеше на програмата во вториот час на патеката. Двајцата возачи стартуваа со жолтите пневматици. По околу 20 минути, дождот пристигна на Алберт Парк, а сите возачи останаа извесно време во гаражите.
Кога се чинеше дека условите се подобрија, Чарлс и Карлос пробаа круг на црвените гуми, но беше премногу влажно и тие се префрлија на Интермедија. Откако комплетираа неколку круга, тие се вратија во своите гаражи бидејќи немаше поента во понатамошното возење, особено затоа што не се предвидува повеќе дожд во остатокот од викендот.
МЕРЦЕДЕС АМГ
Ендрју Шовлин: "Оваа патека е слична на Џеда во неколку аспекти, па ние не направивме значителни промени на болидот. Затоа, дојдовме овде очекувајќи дека ќе мора да се справиме со истите проблеми со кои се занимававме на последните две трки."
"Беше малку несмасен ден со црвено знаме на првиот тренинг кога откажаа ГПС системите и дождот попладне. Најдовме неколку добри насоки во однос на подесувањето, но тоа не значи дека ги добивме сите добри страни на болидот. Па така, имаме работа да ги анализираме наодите од различните експерименти, но тоа е само нормален дел од петочната вечер."
"Условите ќе бидат уште постудени утре, така што температурата во гумите може да биде предизвик во квалификациите. Треба да имаме релевантни услови на последната тренинг сесија за да ги разбереме проблемите."
АЛПИН
Пет Фрај, технички директор: "Денешната акција на патеката беше строго ограничено со црвените знамиња и дождот. Тоа значи дека нашата програма беше под влијание и податоците за подесувањето на болидиот и однесувањето на гумите при различни оптоварувања со гориво е поограничено од вообичаеното, иако тоа е исто за сите тимови."
"Саботниот тренинг ќе биде клучна сесија за фино нагодување на болидите. Со оглед на денешните прекини, секој круг ќе биде важен и мораме да го максимизираме нашето време на патеката и нашето знаење за време на сесијата."
МЕКЛАРЕН
Андреа Стела: "Имавме пристоен тренинг ден во Алберт Парк, кој ни даде можност да го тестираме болидот на интермедија гумите. Ова беше особено корисно за Оскар, бидејќи тој првпат има контакт со овие гуми на Ф1 болид."
"Во однос на конкурентноста, се чини дека сме во позиција слична на онаа што ја имавме во Саудиска Арабија, што значи дека имаме добри шанси да влеземе во Q3 и да освоиме поени на неделната трка."
АЛФАРОМЕО
Променливите временски услови додадоа уште една променлива на патеката која традиционално е незгодна во петок.
Тимот ги искористи двете сесии за да ги процени новите делови донесени на оваа трка, додека во исто време го разви сетапот што ќе се користи на утрешната квалификациска сесија.
Црвените знамиња и врнежите придонесоа за намалување на релевантните податоци, обезбедувајќи дополнителен предизвик за инженерите на патеката и во Хинвил.
ХАС
Возачите на Хас, Нико Хулкенберг и Кевин Магнусен имаа непријатна утринска сесија прекината со два прекини.
Хулкенберг го започна денот на жолтите пневматици, пред да се префрли на црвените, со кои го забележа најбрзиот круг, доволен за П13 на табелата.
Магнусен се одлучи за белите гуми, пред и тој да се префрли на најмекатаб смеша. Данецот не можеше да добие чист брз круг поради проблемот со ГПС-от, и беше последен на табелата.
Попладневниот тренинг беше прекинат од дождот. Почетното возење на Магнусен, додека патеката беше сува, беше попречено со проблем со телеметријата. Дождот штотуку почна да паѓа кога Магнусен го постави својот најдобар круг, доволен за П19.
Хулкенберг претходно извозе круг на белите гуми, со време доволно за П9, непоседно пред дождот. Двата болида подоцна се префрлија на интермедија гумите за да добијат чувство за патеката во влажни услови.
АЛФАТАУРИ
Џонатан Едолс, главен тркачки инженер: "Во Мелбурн имавме незгоден петок. Првиот тренинг започна според планот, со двата болиди на жолтите гуми и некои нови аеро компоненти на болидот на Јуки."
"Како што е секогаш случај овде, нивото на грип значително се подобруваше за време на сесијата и времињата се подобруваа круг по круг. Нашите перформанси изгледаа за почит, па ги поставивме црвените гуми очекувајќи да најдеме уште еден чекор напред, но и двајцата возачи се мачеа со нив и не се подобрија."
"Јуки имаше неочекуван удар кога влезе во првиот свиокот, загуби контрола врз болдиот и при ударот на рабниците го оштети подот, што значеше крај на неговата сесија, бидејќи немаше доволно време да се поправи."
"Направивме голем број промени во поставките за вториот тренинг и новите аеро компоненти ги преместивме на болидот на Ник де Врис. Со најавениот дожд, мисливме дека ќе можеме да извозиме неколку кратки стинтови, при што најпрво излрговме на белите, а потоа на црвените гуми."
"Но, дождот дојде порано, така што не успеавме да имаме релеватно возење на црвените гуми со ниту еден болид. Интензитетот на дождот се зголеми, така што тоа беше крај на возењето на сув асфалт."
"На крајот од сесијата со Јуки направивме неколку круга на зелените гуми, само за да го зголемиме нашето разбирање за таа смеша, додека на болидот од Ник забележавме мал механички проблем и тој не излезе на патеката."
"Имаме доста податоци за анализирање како подготовка за утре и за трката. Не успеавме да ја покриеме целата планирана работа, па очекувам утре напорен саботен тренинг, за да ги пополниме празнините што ги имаме."
ВИЛИЈАМС
Дејв Робсон, шеф за перформанси: "Уште еден измешан петок со многу позитивни страни, но и проблем што го чинеше Логан многу време за патеката. Неговиот болид застана на патеката кон крајот на Т1 со проблем со хибридниот дел на ПЕ. И покрај напорната работа, не успеавме навреме да го поправиме болидот за Т2."
"За жал, ова го чинеше време на патеката, што е нова за него и исто така го оневозможи да ги проба интермедија пневматиците на Пирели. Алекс имаше многу поедноставен ден со ветувачко темпо во текот на денот. Тој беше прилично задоволен со болидот и на сува и на влажн патека."
"Испробавме неколку нови делови на болидот, па вечерва ќе ги процениме нивните перформанси, пред да одлучиме дали ќе се посветиме на нив до крајот на викендот."
ПИРЕЛИ
- Првата тренинг сесија беше прекинувана неколку пати и заврши порано од предвидените 60 минути, што им даде на тимовите малку повеќе работа.
- Макс Ферстапен беше најбрз со време од 1:18.790 секунди, со возачот на Мерцедес АМГ, Луис Хамилтон 0.433 секунди зад него, а вториот Ред Бул на Серџо Перез беше трет.
- Двајцата најбрзи возачи ги забележаа своите времиња на црвените, додека Мексиканецот ги користеше жолтите гуми.
- Времињата на Т1 беа околу една секунда побрзи од минатата година, во слични временски услови. Понатаму, смешата од кои беа изградени најмеки гуми во 2022 година беше C5, додека оваа година е C4.
- Додека Ферстапен беше најбрз на црвените во првата тренинг сесија, возачот на Астон Мартин, Фернандо Алонсо, ги искористи жолтите гуми за најбрзото време на вториот тренинг.
- Најбрзото време на белите гуми, 1:19.672, го имаше возачот на Мерцедес АМГ, Џорџ Расел, на вториот тренинг.
- Кога патеката беше влажна, локалниот херој на Мекларен, Оскар Пјастри, беше најбрз на патеката со интермедија гумите, поставувајќи репер од 1:28.110.
- Најбрзите времиња беа поставени на жолтите гуми, непосредно по почетокот на сесијата во 16 часот по локално време, а Алонсо забележа време 1:18.887, следен од Чарлс Леклер со 1:19.332 и Ферстапен со 1:19.502.
Марио Изола: "Имавме променлив ден. Како и секогаш во Алберт Парк, условите на асфалтот се менуваат многу брзо, особено во раните сесии, а денес не беше исклучок."
"Почна да врне кратко по почетокот на Т2 во попладневните часови и тоа ја комплицираше претставата за поредокот, бидејќи не беше можно да се изведат тркачки симулации, потребни за целосна проценка на гумите."
"Тоа значи дека целата подготвителна работа направена пред Мелбурн добива дополнително значење, особено кога станува збор за стратегии. Од она што можеме да го видиме досега, триото смеши за овој викенд се однесува како што очекувавме, исто така и во однос на рзликите во перформансите."
"Сите три типа гуми се валидни опции за трката, нудејќи широк спектар на можни стратегии. Видовме мала гранулација на жолтите и црвените во Т1, на "зелена" патека и релативно ниски температури, додека Т2 значеше дека возачите можеа да добијат барем првичен впечаток за интемедија гумите."
"Останува уште една тренинг сесија пред квалификациите што ќе им даде шанса на возачите да комплетираат тркачки симулации кои денес немаа можност да ги направат. Тоа е уште еден интересен фактор што треба да се земе предвид во продолжение на викендот во Австралија."
Времето потребно за да се направи пит-стоп во Мелбурн е околу 21 секунда од почеток до крај, едно од најбрзите во календарот. Тоа е во голема мера поради тоа што пит-линијата во Алберт Парк е долга само 281 метар.
Како градска патека, постои и релативно висока веројатност за излегување на безбедносно возило, што значи дека ќе биде важно да се процени вкупната загуба на време од влезот до излезот од боксот, вклучувајќи го и времето на мирување, што е околу 2.5 секунди, под период на безбедносното возило.
ТИМСКИ РЕАКЦИИ ПО ПЕТОЧНИТЕ ТРЕНИНГ СЕСИИ
3/31/2023 04:04:00 PM
0
Share to other apps