Макс Ферстапен забележа нова победа на хаотичната Голема Награда на Австралија, со три периоди на црвени знамиња. Холанѓанецот, кој загуби неколку позиции на стартот против Мерцедес АМГ, го искористи лошиот ден за Џорџ Расел и ја оствари својата 37-ма победа во Формула 1.
Гледавме трка полна со емоции, нешто што не можеше да се очекува по доминацијата на Ред Бул на првите две трки од сезоната. Џорџ Расел и Луис Хамилтон го "изедоа" Ферстапен на стартот, а тоа беше добар тек на настаните за возбудлива трка, но несреќното излетување на Алекс Албон промени сè.
Неговата грешка значеше излегување на безбедносното возило, а тоа го искористија Џорџ Расел и Карлос Саинц, меѓу другите, за да го направат својот пит-стоп. Сепак, набргу потоа имаше црвено знаме и сите што останаа на патеката од губитници во стратегија, се претворија во добитници.
Од тој момент, и по претекнувањето на Хамилтон кој беше беспомошен без ДРС-от на неговиот тимски колега, Макс имаше слободна патека до победата.
Но, она што Ферстапен не го очекуваше беше дека ќе следуваат уште две црвени знамиња во самиот финиш од трката и повторно мораше да се соочи со непредвидливите моменти по секој стоечки старт со Луис Хамилтон зад себе.
Сепак, по последниот хаос, Макс победи на трката и ја зголеми својата предност во шампионатот во однос на Серџо Перез кој од П20 успеа да се искачи само до петтото место.
Луис Хамилтон и Фернандо Алонсо одржуваа ментална битка со баланс на менаџирање на пневматиците и перформанси на свооте болиди, во која победник излезе Британецот, додека Шпанецот може да се радува и на третото место, бидејќи по последниот старт имаше инцидент со сонародникот од Ферари, Карлос Саинц Јр., по кој се чинеше дека ќе заврши надвор од пласман кој носи поени.
Тој контакт за Карлос Саинц Јр. резултираше со казна од пет секунди и, на крајот на трката под безбедносното возило, од П3 се најде на П12, последното место во поредокот.
На крајот, Ленс Строл беше четврти, пред Серџо Перез, Ландо Норис, Нико Хулкенберг, Оскар Пјастри, Џоу Гуанју, Јуки Цунода и Валтери Ботас.
Стартот на трката беше еден од поинтересните на Ф1 трките во последните години. Џорџ Расел се нафрли на Макс Ферстапен во првите метри и беше прв, додека Луис Хамилтон го стори истото во третиот свиок и беше втор.
Холанѓанецот падна на третото место, а Карлос Саинц Јр. се искачи на четвртото, пред Фернандо Алонсо кој беше блокиран од Хамилтон.
Поназад во поредокот Чарлс Леклер имаше контакт со Ленс Строл, по кој се изврте и ја заврши трката во чакалот покрај патеката.
Алекс Албон изненади со пласманот на шестото место на стартот и дури се чинеше дека има шанси да го претекне Фернандо Алонсо. Ленс Строл беше седми, со Пјер Гасли, Нико Хулкенберг и Јуки Цунода зад себе.
Инцидентот на Чарлс Леклер предизвика период на безбедносното возило кое траеше до четвртиот круг.
При рестартот на трката Џорџ Расел се одбрани од својот тимски колега, кој пак не беше под закана на Ферстапен.
Болидите на Ред Бул, како и на Астон Мартин имаа проблеми со доведување на пневматиците во работна температура. Нешто што им одговара на жеките патеки и ги штеди нивните гуми, овде се покажа како слаба точка, па затоа имавме интересен развој на настаните.
Додека во Ред Бул чекаа Пирели гумите да започнат да работат како треба, Алекс Албон имаше опасно излетување на излезот од шестиот свиок, по што безбедносното возило повторно мораше да излезе на патеката.
Џорџ Расел и Карлос Саинц Јр. го искористија овој период од неколку круга за да направат пит-стоп, но кога излегоа на патеката тркачкиот директор реши да ја прекине трката, да се исчисти патеката и проверат заштитните бариери.
Развеани беа црвените знамиња по што возачите мораа да се упатата кон пит-линијата. Тоа значеше дека Хамилтон го презеде водството, пред Ферстапен, Алонсо, Строл, Гасли и Хулкенберг, Расел беше седми, а Саинц Јр. единаесетти.
По секое црвено знаме следува стоечки старт, освен во случај ако тркачкиот директор не процени дека постојат опасни услови на патеката, на пример дожд.
Вториот старт беше без инциденти. Првите тројца стартуваа добро и, иако Алонсо беше практично паралелно со Ферстапен, тие ги задржаа позициите.
Поназад, Пјер Гасли се пласираше на четвртото, а Џорџ Расел на петтото, со Ленс Строл на шестото место и Нико Хулкенберг на седмото место.
Карлос Саинц Јр. веќе беше десетти и не му требаше долго за да биде деветти откако го престигна Ландо Норис. Серџо Перез во тие моменти беше шеснаесетти.
Кога ДРС беше дозволен, Макс Ферстапен, во 12-от круг од трката, "прелета" покрај Мерцедесот на Луис Хамилтон кој немаше можност за никаква одбрамбена реакција и го презеде водството на трката.
Набргу потоа, Џорџ Расел, исто така, го мина Пјер Гасли за П4, додека Карлос Саинц Јр. продолжи со својот посебен кам-бек и веќе беше седми.
Макс Ферстапен започна да гради разлика со останатите и веќе беше јасно дека никој ништо не му може на патот кон победата. Битката помеѓу Мерцедес АМГ и Алонсо само што започна. Во 15-от круг Карлос Саинц Јр. веќе беше на седмото место, откако го престигна Ленс Строл со касно сопирање на влез во третиот свиок.
Во 18-от круг, Мерцедесот на Џорџ Расел започна да губи брзина, а пламени јазици излегуваа од задниот дел на неговиот болид. Тој беше принуден да се повлече од трката, оставајќи го болидот на излезот од боксевите, предизвикувајќи период на виртуелно безбедносно возило. Еден од ретките дефекти на Мерцедес моторот!
Трката беше рестартирана два круга подоцна, а Алонсо беше во домет на ДРС-системот со Луис Хамилтон пред себе. Откако не успеа да добие шанса за напад, Шпанецот се повлече, за да ги зачува пневматиците за подоцна во трката.
Серџо Перез, пак, ги престигна Окон, Пјастри и Цунода за да дојде до деветтото место на кое имаше чиста патека пред себе и можеше да форсира непречено кон следното место во поредокот.
Карлос Саинц Јр. по неколку неуспешни обиди успеа да го претекне Пјер Гасли со спектакуларен маневар и не само што се искачи на П4, туку и се доближи на само две секунди зад Фернандо Алонсо. Шпанецот го имаше убедливо најдоброто претекнување во досегашниот дел од сезоната.
На половина од трката, Ферстапен ја имаше целоната контрола врз првото место, но се очекуваше "жешка" борба за второто место помеѓу Хамилтон, Алонсо и Саинц Јр. Гасли се обидуваше да ги задржи Строл и останатите, но Чеко се приближуваше со брзо темпо.
Ситуацијата за овие возачи остана тензична, секоја грешка можеше да чини многу, но иако сите ги притискаа своите болиди, следуваше досаден период без поголеми придвижувања. Единствено, Серџо Перез успеа да стигне до седмото место и пред себе го имаше Ленс Строл.
Кога веќе се чинеше дека трката е завршена, ненадејно, во 54-от од 58 круга Кевин Магнусен се судри со ѕидот на излезот од вториот свиок и предизвика излегување на безбедносно возило, што пак резултирапе со прекин на трката и развејување на црвените знамиња.
Црвеното знаме беше во согласност со барањата на фановите, тркачкиот директор што помалку ја завршува трката со безбедносно возило на патеката!
Со два круга до крајот, повторно следуваше поредување на возачите на пит-линијата и подготовки за нов стоечки старт. Сите возачи ги избраа црвените гуми.
Можеше да се насети хаосот кој следува!
Со само еден круг акција, сите сакаа да ризикуваат и тоа доведе до контакт помеѓу Карлос Саинц Јр. и Фернандо Алонсо, што предизвика неколку инциденти, а двата болиди на Алпин завршија со сериозен инцидент на излезот од вториот свиок.
Ферстапен и Хамилтон, единствените кои имаа чиста патека ги задржаа своите места и набрзо следуваше нов прекин.
Како што беше случај во Силверстоун, возачите немаа комплетирано нити еден сектор од кругот пред развејување на црвените знамиња, па трката беше рестартирана според редоследот од претходниот круг, колку да се рече дека не завршила со црвено знаме.
Поредокот беше ресетиран на Ферстапен, Хамилтон, Алонсо, Саинц Јр., Строл, Перез, Норис, Хулкенберг, Пјастри, Џоу, Цунода и Ботас.
При претпоследнто црвено знаме најголеми губитници излегоа возачите на Алпин, бидејќи физички не беа во можност да се вратат на своите позиции.
Последниот рестарт на трката пак беше кобен за Карлос Саинц Јр., кој доби казна од пет секунди за предизвикување и испадна од топ 10 пласман. Во негов случај, трката да не беше продолжена, на добиената казна ќе имаше можност за приговор, вака тоа не е возможно!
На крај, Макс Ферстапен помина низ целната линија како Победник, со Хамилтон и Алонсо на подиумот, додека останатите поени се поделени меѓу Строл, Перез, Норис, Хулкенберг, Пјастри, Џоу и Цунода.
Додека го пишувавме извештајот за трката, се разгорела дебата за поставеноста на болидот на Макс Ферстапен при вториот стоечки старт, кога беше забележано (не од системот на старт, кој е доста прецизен во скенирањето на поредокот на болидите), но и она што е поважно пријавено то тркачкиот директор (стјуардите не ни помислуваа да го разгледаат ова нешто) дека Холанѓанецот е неправилно наместен на стартната позиција.
Секако се заврши без казна! Објаснувањето е едноставно. Трката во Алберт Парк имаше три рестартирања поради црвени знамиња. При второто рестартирање на трката, кое се одвиваше преку стоечки старт, Ферстапен започна од П1 позицијата, а по бројните слики кои "наводно" покажуваат дека РБ19 е поставен пред жолтата линија, многумина загрижени души бараа стјуардите да доделат казна!
Како прво жолтите линии немаат никакво влијание, да повториме ама баш никакво влијание врз поставеноста на болидот, туку се само помошна референца за возачите.
Спортските регулативи велат, конкретно точка Ц од член 48, дека ќе се смета за прекршок ако кој било дел од контактната зона на предните гуми е надвор од белите линиите во моментот на тргнување.
На фотографиите се гледа дека дел од тркалата на болидот на Ферстапен се понапред од белата линија, но контактната површина на гумите, која што обично е центрирана во однос на предната оска, никогаш не беше надвор од белата линија.
На овој начин, болидот на Макс беше правилно поставен, иако на самата граница, нешто што Холанѓанецот можеше и да го избегне.
Сепак, кога победникот е решен и пред почетокот на трката, за Ф1 шампионатот се добри и овие "контравези" да се задржи вниманието, и по цена на негативни реакции кон ФИА, тркачкиот директор и стјуардите.
"Закочив малку доцна, не ја гледав референтната линија, мислев дека имам уште простор и отидов малку понапред од планираното. Бев на граница, но границата е граница. Тоа не ги прекшува правилата."
Тимот на Хас поднесе приговор на резултатите од трката за Големата Награда на Австралија.
Хас е незадоволен од тоа што при последното рестартирање возачите ги зазедоа позициите на патеката по редоследот што важеше при претходното рестартирање на трката, минус оштетените болиди, поради што Нико Хулкенберг се пресели од четвртото на осмото место.
Не веруваме дека нешто ќе промени, но на стјуардите им е потребно многу време да донесат одлука и да го отфрлат овој приговорф!
МАКС КОНЕЧНО ГО ОСВОИ МЕЛБУРН, ХАОС ПРЕД ФИНИШ НА ТРКАТА
4/01/2023 11:43:00 PM
0
Share to other apps