Серџо Перез е победник на Големата Награда на Азербејџан за 2023 година.
Мексиканецот беше подобар во дуелот со тимскиот колега и тековен шампион, Макс Ферстапен, кој го изгуби првото место благодарение на безбедносното возило.
Чарлс Леклер го комплетираше победничкиот подиум, а Фернандо Алонсо беше четврти.
На возачите на Ред Бул не им требаше многу време да се ослободат од Чарлс Леклер кој трката за започна од Пол позицијата, прво Макс Ферстапен го презеде водството, а неколку круга подоцна лесна задача имаше и Серџо Перез.
Холанѓанецот имаше можност прв да бира кога ќе влезе во бокс, и тоа го направи непосредно пред влегувањето на безбедносното возило на патеката, што значеше дека го загуби водството од својот тимски колега, но и Чарлс Леклер.
Сепак, за кратко време врати на второто место, но разликата од секунда и поливина, што Чеко ја направи во меѓувреме, двократниот шампион не беше во можност да ја анулира во текот на целата трка.
Чарл Леклер, како што кажа и самиот, ја имаше една од најдосадните трки за него, и мораше да се задоволи со третото скалило на подиумот, откако бе беше во можност да ги нападне возачите на Ред Бул, но и тој беше безбеден пред Фернандо Алонсо со Астон Мартин.
Шпанецот при крајот се обиде да направи нешто повеќе, но Моначанецот ја имаше контролата врз трката.
Фернандо Алонсо имаше одлична трка, по неочекуваните проблеми со болидите на Астон Мартин, заврши четврти, пред Карлос Саинц Јр., Луис Хамилтон и Ленс Строл.
Местата кои носат поени ги комплетираа Џорџ Расел, кој го забележа најбрзиот круг по влегувањето во бокс и ставање на црвените гуми, Ландо Норис и Јуки Цунода.
Четвртата трка од 2023 сезоната на Формула 1 шампионатот беше првата која се возеше со новиот спринт формат. Моравме да се навратиме на петочните квалификации каде беше формиран стартниот редослед за трката.
Тоа подразбираше дека Чарлс Леклер стартува од Пол позицијата, а Макс Ферстапен му правеше друштво на првиот ред. Победникот на спринтот, Серџо Перез беше трет, со Саинц Јр. покрај себе, Хамилтон и Алонсо зад нив.
Најдобрата стратегија, според Пирели, беше едно застанување во бокс. Вообичаено, на трките на кои сите очекуваме многу инциденти на стартот излегува баш спротивното, па тоа беше случај и денес.
Стартот на трката беше многу чист. Чарлс Леклер имапе уште еден добар старт и ги задржа Макс Ферстапен и Серџо Перез зад себе, додека Карлос Саинц Јр. го задржа Луис Хамилтон зад себе.
Фернандо Алонсо се обиде да го нападне Британецот, но не можеше да го претекне, па остана на шестото место, а зад него се најде Ленс Строл кој освои две места. Ландо Норис беше осми, пред Џорџ Расел, кој од П11 се најде на П9.
Темпото на Макс Ферстапен во првите два круга беше многу високо. Позициониран само половина секунда зад Ферарито на Леклер, Холанѓанецот се чинеше дека е во состојба да го престигне Моначанецот и без ДРС-системот.
Но, тој беше активиран веќе во следниот круг, па Макс лесно прелета покрај Чарлс на стартниот правец. Чеко, од своја страна, го изведе истиот маневарот, на истото место, неколку круга подоцна.
Со почетокот на шестиот круг, Макс Ферстапен беше во водство на трката, со Серџо Перез речиси секунда и пол заостанување, а Леклер повеќе од две секунди. Карлос Саинц веќе заостануваше речиси две секунди зад својот тимски колега и беше многу блиску до Луис Хамилтон, Фернандо Алонсо, Ленс Строл и останатите возачи.
Ленс Строл, кој беше биску до Фернандо, по тимското радио јави дека нема намера да го нападне и дека шпанецот може да се концентрира на борбата со болидите пред себе.
Во осмиот круг, Перез влезе во ДРС зоната на Ферстапен, додека Фернандо Алонсо тргна во напад на Луис Хамилтон, кој пријави проблеми со пневматиците. Шпанецот само што се подготвуваше да го престигне Британецот со помош на ДРС-системот на стартниот правец, стратезите на Мерцедес АМГ решија да го повикаат Хамилтон во бокс.
Британецот доби нови бели гуми на пет круга пред планираниот временски опсег од Пирели, т.е. 9-от круг од трката. Во тие моменти и Макс Ферстапен, се жалеше на однесувањето на жолтите гуми, па беше повикан да влезе во бокс, баш кога Ник де Врис заврши во заштитните бариери по што на патеката излезе безбедносното возило.
Со тоа Хамилтон и Ферстапен излегоа најголемите губитници на трката, додека сите останати го искористија безбедносното возило да променат гуми.
Серџо Перез стана лидер во трката, со Чарлс Леклер на второто место, Макс Ферстапен беше трет пред Саинц Јр., Алонсо, Расел, кој го претекна Строл на влез во боксевите, Строл, Окон, Хулкенберг и Хамилтон.
Рестартот на трката, иако летечки, донесе многу поголеми возбудувања. Серџо Перез "повлече" многу доцна и прв стигна до првиот свиок. Макс Ферстапен се нафрли на Леклер во третиот свиок, нешто што го искористи Алонсо и го престигна Саинц Јр. во следниот свиок со многу доцно кочење од внатрешната страна.
Поназад, Ленс Строл го претекна Џорџ Расел од внатрешната страна на вториот свиок, а Луис Хамилтон претекна неколку болиди за да се најде зад својот тимски колега, и веќе во следниот круг го помина и Расел.
Кога повторно беше дозволен ДРС-системот, Ферстапен заостануваше повеќе од една секунда зад Перез, па не можеше да го отвори. Леклер падна на повеќе од две секунди за само неколку круга, а Алонсо се наоѓаше нешто повеќе од една секунда зад Моначанецот и со Карлос Саинц Јр. само осум десетинки заостанување.
Ленс Строл заостануваше нешто повеќе од една секунда зад Ферарито, но залепен зад зад него се најде болидот на Мерцедес АМГ, по што следуваше битка во која Канаѓанецот погреши и мораше да го предаде 6-тото место на Луис Хамилтон.
Напред, виолетовите сектори не престануваа да се појавуваат во тајмингот помеѓу Перез и Ферстапен. Со разлика од нешто повеќе од една секунда помеѓу нив трката изгледаше добро и се надевавме на битка за првото место.
Останатите возачи започнаа да заостануваат далеку зад болидите на Ред Бул, кои водеа жестока борба, што се гледаше и од малите допири со заштитните бариери и на Чеко и на Макс. Во тие моменти никој не попушташе под притисокот и високото тркачко темпо.
Битката траеше до 31-от круг, кога на Макс му стана јасно дека нема да може да нападне за првото место, по што разликата се зголеми на нешто повеќе од две секунди, да ги зачува и излади пневматиците како и Хонда ПЕ.
Позади нив, Чарлс Леклер го контролираше Фернандо Алонсо зад себе во иста таква разлика од две секунди, додека Саинц Јр. веќе заостануваше повеќе од пет секунди и зад себе ги имаше Хамилтон, Строл и Расел, кои беа подготвени да ја искористат секоја негова грешка.
Тензијата во трката ја одржуваа само Саинц Јр. и Хамилтон, кој беше залепен зад болидот на Ферари, додека останатите возачи во последните моменти од трката се фокусираа на поенот за најбрзиот круг во трката.
Во најдобра позиција беше Џорџ Расел кој единствен имаше доволно предност да влезе во бокс по нови црвени гуми со кои лесно забележа време за најбрз круг на денешната трка за Големата Награда на Азербејџан.
На крај, Серџо Перез прв помина низ целната линија, забележувајќи ја својата шеста победа во Формула 1 и повторно победувајќи го Макс Ферстапен. Чарлс Леклер, повторно по подолг период се врати на победничкиот подиум, пред Фернандо Алонсо.
Карлос Саинц Јр. се одбрани од нападите на Луис Хамилтон и успеа да заврши на петтото место. Ленс Строл беше седми, пред Џорџ Расел, Ландо Норис и Јуки Цунода.
СЕРЏО ПЕРЕЗ НЕПОБЕДЛИВ, ГО ОСВОИ БАКУ, ФЕРАРИ СЕ ВРАТИ НА ПОДИУМОТ
4/30/2023 12:20:00 PM
0
Share to other apps