Утринава ФИА свика виртуелен состанок со Ферари и стјуардите на Австралиското Гран При, на кој беше разгледано барањето за ревизија на казната од 5 секунди за Карлос Саинц Јр. доделена во финишот на трката во Мелбурн, Австралија.
Ферари го искористи своето право на ревизија, сметајќи дека казната е неправедна, но стјуардите на Австралиското Гран При не ги прифатија поднесените докази, т.е. телеметријата од болидот на Саинц Јр., сведочењето на самиот возач, како и изјави на други возачи, помеѓу кои беше и Фернандо Алонсо, дека казната е преголема за таков тип на инцидент.
"Стјуардите имаат пристап до многу податоци. Податоците дадени од Ферари во најдобар случај се двосмислени и, според нас, не го ослободуваат Саинц Јр., туку само ја потврдуваат нашата одлука дека тој е целосно виновен за судирот."
"Тој тврди дека посилно сопирал, но не можел да го запре болидот поради ладни гуми. Тој понатаму тврди дека бавниот круг за загревање придонел за ниските температури на гумите."
"Прво, дури и ако е тоа точно, приказот на телеметријата што го покажува неговото забавување не е значаен нов елемент. Второ, условите на патеката и температурата на гумите секој возач мора да ги земе предвид. Со обидот да забави подоцна, возачот ризикуваше да ја загуби контролата над болидот, што доведе до судир за кој беше досудена казна."
"Што се однесува до одлуката на стјуардите да не го слушнат Саинц Јр. по трката, мислиме дека е излишно да се слушне Саинц Јр. или кој било друг возач само за да се потврди дека тој е целосно виновен за судирот."
Така, казната од пет секунди е задржана и, како последица на тоа, Саинц Јр. не освојува поени на трката за Големата Награда на Австралија. Ова е прва нула годинава за Шпанецот со што тој останува на шестото место во шампионатот на возачи.
Во Ферари не се задоволни од одлуката на ФИА, верувајќи дека доказите што беа обезбедени се значајни, но сепак:
"Ја признаваме одлуката на ФИА да не ни даде право на ревизија во однос на казната изречена на Карлос Саинц Јр. на 2023 Големата Награда на Австралија. Секако, ние сме разочарани и чувствуваме дека обезбедивме доволно значајни нови елементи до ФИА за да се преиспита одлуката, особено во контекст на конкретните услови и повеќекратните инциденти што се случија при последното рестартирање."
"Сепак, го почитуваме процесот и одлуката на ФИА. Сега со нетрпение очекуваме да влеземе во пошироки дискусии со ФИА, Ф1 и сите тимови, со цел дополнително да го подобриме надзорот на нашиот спорт, за да обезбедиме максимум високо ниво на правичност и доследност што нашиот спорт го заслужува."
ФИА: ОДБИЕНО БАРАЊЕТО ЗА РЕВИЗИЈА ОД ФЕРАРИ
4/18/2023 03:43:00 PM
0
Share to other apps