Серџо Перез ќе стартува од Пол позицијата за Големата Награда на Мајами, по квалификациите кои донесоа стартен редослед со многу изненадувања. Ова е трет пол за Мексиканецот во Формула 1.
Макс Ферстапен направи грешка во Q3, а Чарлс Леклер подоцна заврши во бариерите, нешто што го искористи Фернандо Алонсо за старт од првиот ред.
Карлос Саинц Јр. го имеше третото најбрзо време, а друшто на вториот стартен ред ќе му прави Кевин Магнусен.
Гледавме квалификации со многу изненадувања. Фернандо Алонсо, тешкиот ден за Астон Мартин, со Ленс Строл на П18, го заврши со П2. Мерцедес АМГ имаше слаби перформанси, што значеше дека Луис Хамилтон нема да може да ја помине Q2 сесијата.
Денес најуспешни беа возачите кои останаа смирени на лизгавиот асфалт, додека налетите на ветер "изместија" многу фаворити далеку од нивните вообичани позиции.
Сите овие изненадувања го ставија Кевин Магнусен на четвртата стартна позиција, пред Пјер Гасли и Џорџ Расел. Леклер, по излетувањето беше само седми, Ферстапен, деветти.
Квалификациите можеби беа клучна сесија викендов во Мајами, бидејќи на минатогодишната трка престигнувањето беше доста тешко, а за оваа година ДРС зоните се пократки.
Патеката беше реасфалтирана, па новата површина се покажа доста лизгава. Напуштањето на тркачката линија, речиси сигурно, доведува до излетување или извртување.
Беше неопходно да се комплетира не само брз круг, туку и хируршки прецизен. Во петокот двете тренинг сесии беа прекинати со црвени знамиња, искусните Хулкенберг и Леклер завршија во заштитните бариери, а Ферстапен го имаше најбрзото време со нов рекорд на патеката, кој исто така го подобри на саботниот тренинг.
Холанѓанецот немаше конкуренција според прикажаното, а потврда на големата предност се очекуваше со освојување на Пол позицијата.
Најмеките, црвени, гуми се прегреваа и гранулираа на топлото време, но обезбедуваа забележителна предност во брзина, па станаа природен избор на тимовите во квалификациите.
Во Q1 сесијата, сите се натпреваруваа на нив, работејќи во низа кругови, постепено доведувајќи ги во посакуваниот режим на работа.
На патеката имаше доста сообраќај, што дополнително ги комплицираше работите. Ферстапен го забележа најбрзото време, а од понатамошната борба отпаднаа Норис, Цунода, Строл, Пјастри и Сарџент.
Во Q2 сесија сите возачи повторно ги избраа црвените гуми на Пирели. Макс уште во првиот брз круг забележа нов рекорд на патеката, кој никој не можеше да го подобри по првите обиди, иако Саинц Јр. се доближи многу блиску, губејќи само четири стотинки.
Во вториот брз круг Леклер поведе, но Ферстапен беше уште побрз. Најбрзите десет возачи беа во само една секунда, а квалификациите ги завршија Албон, Хулкенберг, Хамилтон, Гуанју и де Врис.
Во Q3, при првите излегувања на патеката, најбрзото време го имаше Серџо Перез, додека Макс Ферстапен направи грешка при брзиот круг, па реши да се врати во својата гаража по нов сет на црвени пневматици. Чарлс Леклер погреши во 17-от свиок, што можеби навестуваше каков крај ќе имаат денешните квалификации.
Моначанецот беше нестрплив и десетина секунди пред сите реши да го започне вториот и последен обид за забележување на најбрзото време. Но, во седмиот свиок изгуби контрола врз своето Ферари, по што заврши во заштитните бариери.
Сите останати возачи требаше или веќе го имаа започнато својот втор обид, но црвените знамиња ги оневозможија да направат нешто повеќе.
Со минута и пол останато време до крај на сегментот, стјуардите постапија логично и прогласија предвремен крај на квалификациите.
ЧАРЛС ЛЕКЛЕР ВО БАРИЕРИТЕ, ЧЕКО НА ПОЛ ПОЗИЦИЈАТА
5/06/2023 09:37:00 PM
0
Share to other apps