Макс Ферстапен победи на Големата Награда на Мајами со својата трета победа сезонава, негова 38-ма во кариерата, израмнувајќи се со Себастијан Ветел со најмногу победи за Ред Бул.
Неговиот тимски колега, Серџо Перез, заврши на второто место, обезбедувајќи ја 26-тата 1-2 Победа на тимот во историјата. На третото скалило на подиумот се искачи Фернандо Алонсо.
По две недели, борбата ќе продолжи во Имола, каде започнува серија од три трки по ред.
Во текот на викендот, патеката во Мајами покажа незгоден карактер. Организаторите поставија нов асфалт, кој се покажа дека е мазен и лизгав. Некои тимови се снајдоа во оваа ситуација, други назадуваа во поредокот.
Поточно, и двајцата возачи на Мекларен испаднаа од борбата веќе во првиот сегмент од квалификациите, а Луис Хамилтон ја заврши борбата во вториот. Притоа, остана минатогодишниот главен проблем, добриот грип беше само на тркачката линија.
Чарлс Леклер, двапати заврши во бариерите, еднаш на тренинг сесијата, вториот пат во квалификациите, што доведе до предвремено завршување на Q3 сесдијата под црвени знамиња.
Резултатите беа неочекувани, и не ја одразуваа моменталната форма на возачите и нивните болиди. Серџо Перез стартуваше од пол позицијата, а неговиот тимски колега Макс Ферстапен, кој беше далеку најбрз, од деветтата позиција.
Перез и Алонсо ја започнаа трката од првиот стартен ред, Саинц Јр. и Магнусен од вториот, Гасли и Расел од третиот.
Пред почетокот, беше поставена бина на главниот правец, донесен цел оркестар, а раперот LL Cool J имаше задача да ги претстави возачите на публиката. Комерцијализација на американски шунд начин.
Во трката, Окон, Ферстапен, Хулкенберг, Хамилтон, Гуанју, Цунода и Строл стартуваа на белите, Норис и Пјастри на црвени, останатите на жолтите гуми.
На стартот, Серџо Перез го задржа водството по првиот свиок, додека Кевин Магнусен загуби три позиции, Ботас излезе пред Окон и Ферстапен.
Подолу во поредокот, Оскар Пјастри напредуваше пет места на црвените гуми, а Норис загуби три по контактот со де Врис.
Топ десет пласманот во 2-от круг беше: Перез, Алонсо, Саинц Јр., Гасли, Расел, Леклер, Магнусен, Ботас, Ферстапен, Окон.
На изненадување на сите Кевин Магнусен даваше достоен отпор на Ферарито, па Леклер имаше тешки проблеми да го претекне болидот на Хас. Во еден момент, тоа го искористи летечкиот Холанѓанец, престигнувајќи ги двајцата за 6-тото место.
Коцката на возачите на Мекларен со црвените гуми, не се исплатеше, трката имаше чист почеток без инциденти и без излегување на безбедносното возило, па веќе во 6-от круг мораше за се упатат кон боксот по нови гуми.
Во 9-от круг, Ферстапен го престигна Расел, а во 10-от и Пјер Гасли за четвртото место. Ова го искористи Џорџ Расел кој успеа да излезе пред Французинот во тимот на Алпин со број 10.
Веќе во 14-от круг, Макс беше пред Саинц Јр. на третото место, а неколку моменти подоцна го престигна и Фернандо Алонсо за второто место. Се понатаму беше да се види дали Перез на жолти, или Ферстапен на белите е на добитна стратегија.
Како што одминуваше трката праксата покажа дека белите се подобрата тркачка гума за Мајами, додека жолтите бележеа зголемен грејнинг, што значеше губење на првото место од страна на Мексиканецот.
Затоа, Ферстапен беше последниот возач кој остана на патеката со почетниот сет на пневматици, бели, кои влезе да ги замени за жолти дури во 46-от круг, враќајќи се на патеката една и пол секунда зад Перез.
Во 48-от круг, Холанѓанецот беше пред Перез за да го врати водството на трката. На крај Макс ја забележа третата победа сезонава, при тоа забележувајќи го најбрзиот круг во трката и сега има 14 поени предност во однос на Перез во генералниот пласман на возачи.
Еден чекор поназад, одлична трка имаше и Фернандо Алонсо. Разликата помеѓу болидите на Ред Бул и останатите беше очигледна, но Шпанецот успеа да заврши на помалку од 21 секунда зад нив во трка без излегување на безбедносното возило, и исто така, ги остави зад себе Џорџ Расел и Карлос Саинц Јр., кој заработи казна од 5 секунди поради брзо возење низ пит-линијата.
Луис Хамилтон, по стартот од 13-тата позиција, со добриот избор на белите гуми за почетниот стинт, успеа да стигне до шестото место, пред Чарлс Леклер кој помина повеќе од половина од трката борејќи се против Кевин Магнусен кој на крајот беше десетти зад двата возачи на Алпин.
МАКС ФЕРСТАПЕН ПОБЕДНИК, РЕД БУЛ ДОМИНАНТЕН ВО МАЈАМИ
5/07/2023 08:58:00 PM
0
Share to other apps