Откако ја купи Формула 1, Либерти Медиа речиси веднаш почна да зборува за зголемување на бројот на трки кои ќе се одвиваат на американско тло.
Во 2016 година, извршниот директор Грег Мафеј ги наведе приоритетите, монетизација на дигитални преноси, проширување на календарот и долгорочни договори за домаќин на трки во Мајами и Лас Вегас. Ветено, исполнето. Оваа сезона ќе гледаме трка во Мајами и во Лас Вегас.
Мајами е најголемата метрополитенска област во југоисточниот дел на САД и еден од најважните финансиски центри.
Најпрво беше планирано да се одржи трка низ улиците на Мајами, но градските власти не сакаа да помогнат во организација и финансиска подршка. Одлуката за реализација на проектот беше неколку пати одложувана.
Во есента 2019 година, во областа каде што се наоѓа стадионот Хард Рок, се појави нов проект за изградба на патека, независен од градските власти. Сопственикот на стадионот Стивен Рос беше подготвен да ја финансира изградбата и трошоците за одржување на трката.
Но, организаторите веднаш беа тужени, од најразлични организации и граѓани. Во Америка адвокатите заработуваат најмногу во целиот свет! Конфигурацијата на патеката мораше да се промени, ограничена само на територијата на стадионот. Таа повеќе не излегуваше во градот, а времето за одржување на трките беше забрането да се поклопува со локалните настани.
На 18 април 2021 година, Големата Награда на Мајами беше официјално вклучена во календарот за 2022 година. Договорот е потпишан за период од десет години. Мајами интернационалниот автодром е слична патека со таа на Алберт Парк во Мелбурн. Патеката во Мајами е објект од привремен карактер, а нејзината изградбата започна во летото 2021 година.
Должината на патеката е 5.41 километар, кругот вклучува 19 свиоци (12 леви и 7 десни), три правци и три ДРС зони. Максималната брзина е над 340 км/ч. Проектот вклучува три места каде што е можно претекнување, и тоа на влез во 1-от, 11-от и 17-от свиок. Нешто што во пракса се покажа помалку остварливо.
Помеѓу свиоците 13 и 16 има елевациски промени, каде патеката се спушта и се издигнува додека минува неколку слепи вртења, замислени од дизајнерите на патеката како "генератори на грешки".
Важно е да се обезбеди ефикасно забрзување во делниците каде бавните свиоци се претвораат во долги правци. Патеката е замислена да ја фаворизира максималната брзина, бара мало ниво на потисна сила и голема моќност на погонската единица. Спак, гумите на Пирели може да играа улога во овие поставки.
Оптоварувањето на сопирачките е просечно, три зони на сериозно сопирање кои се поврзани со сегменти со средна брзина, каде што сопирачките имаат време да се изладат.
Трката во Мајами требаше да биде замена на Монако, но наесен се ќе се смени, нов миленик на Либерти Медиа ќе биде трката во Лас Вегас. Само трет пат во историјата на Формула 1 една иста земја ќе биде домаќин на три трки.
Ова се случуваше и порано во САД, во 1982 година имаше трки во Лонг Бич, Детроит и Лас Вегас. Во 2020 година, во Италија се одржаа три трки во Монца, Муџело и Имола, но тоа беше пред се благодарение на пандемијата и строгите здраствени прописи.
По трката во Баку, тимовите веднаш заминаа во САД, каде што, се вративме на стандардниот тркачки викенд со три тренинг сесии, но со невообичаен временски редослед, па така нити еден од нив не започна во времето кога ќе се одржува трката.
Пред една година, Чарлс Леклер и Ферари дојдоа во Мајами како лидери во генералниот пласман на возачи и конструктори, но, подоцна во сезоната загубија поголем дел од предноста добиена на почетокот на сезоната.
Минатата недела во Баку, Леклер загуби 21 секунда во финишот од Перез, и тоа и покрај фактот што безбедносното возило ги елиминираше разликите во првата третина од трката.
Минатата година Серџо Перез победи на две трки во целата сезона, Монако и Сингапур, на петнаесет други победи ги забележа Макс Ферстапен.
Сега, по четири трки скорот е нерешен, по две победи за Чеко и Макс. По синоќешниот пех на Холанѓанецот, Перез има реални шанси да поведе во дуелот со неговиот тимски колега.
Како што беше случај минатата година, најбрзата стратегија на трката е со едно застанување во бокс, почнувајќи жолти и премин на белите гуми помеѓу круговите 12 и 20.
Вреди да се размисли и за две замени на пневматиците, старт на жолти, префрлување на белите помеѓу 10 и 16-от круг, и потоа финиш на жолти помеѓу 35-43-от круг. Алтернатива може да биде завршен стинт на црвените гуми, во траење од 11-16 круга.
Тимовите ќе треба да ја разгледаат големата веројатност за излегување на безбедносно возило, со оглед на тоа што минатата трка за Големата награда на Мајами беше прекината двапати, како и временските услови, кои најавуваат одредени шанси за дожд.
Марио Изола, Пирели: "Квалификациите беа и возбудливи и драматични, со тројца возачи од шпанско говорно подрачје на првите позиции, Серџо Перез, Фернандо Алонсо и Карлос Саинц Јр.."
"Како што се очекуваше, времето за пол беше многу побрзо од минатата година, со подобрување од скоро две секунди (точно 1.955), што можеби ќе беше уште поголемо доколку Q3 сесијата се одржеше до самиот крај."
"Црвените гуми покажаа добри перформанси, тие беа брзи не само во првиот брз круг, туку исто така можеа да го одржат максимумот и по еден или два круга за ладење, давајќи им на возачите шанса да ги подобрат своите позиции."
"Досегашните собрани податоци сугерираат дека со стратегијата со еден пит-стоп од жолти на бели е најдобриот теоретски начин за комплетирање на трката. Малото скратување на пит-линијата отвора можност за две застанувања во бокс, но видовме гранулација на црвените гуми на подолг рок."
"Ова е случај ако времето остане стабилно, но прогнозите ветуваа одредени шанси за дожд, кој може да влезе во игра, било пред или за време на трката. И како што сите знаат, ако врне, се може да се случи…"
Трката ќе започне во 15:30 часот по локално време, 21:30 по македонско. Временската прогноза најавува околу 26 степени и налети на ветер на кој новите болиди се многу сензитивни.
Во ноќта помеѓу сабота и недела имаше значителни врнежи од дожд, па патеката повторно е измиена од наталожената гума. За време на трката шансите за дожд се околу 30%.
Пред почетокот на Големата Награда на Мајами, Ферари замени неколку делови на болидот на Чарлс Леклер по инцидентот во квалификациите.
Моначанецот доби нов под, ново задно крило и нов менувач, што е веќе трет од четирите дозволени за сезоната. Сите нови делови се со иста спецификација како и претходните, така што нема дополнителни грид казни.
Ден претходно третиот менувач го доби и лидерот на шампионатот Макс Ферстапен.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА ГН МАЈАМИ
5/07/2023 04:35:00 PM
0
Share to other apps