Макс Ферстапен ја понижи конкуренцијата на квалификациите за Големата Награда на Шпанија. Холандскиот возач немаше расположен ривал за борба, па дури и си дозволи луксуз да го прекине својот последен брз круг.
Незгодните услови на патеката Каталуња одеа во корист на Карлос Саинц Јр. кој пред домашната публика покажа "заби" и си обезбеди старт од првиот ред.
Бевме сведоци на многу изненадувачки квалификации. Асфалтот, иако сув, на места беше влажен по дождот кој паѓаше половина час пред почетокот, а тоа значеше последен стартен ред за Чарлс Леклер и отпаѓање на Џорџ Расел и Серџо Перез во Q2 сесијата.
Во меѓувреме, двократниот шампион, не се исплаши од комплицираните услови и без никакви проблеми во сите квалификациски сесии доминираше над сите останати возачи.
На крајот, Макс ја обезбеди неговата 24-та Пол позиција во кариерата и 4-та оваа сезона и цели кон победата на утрешната трка. Карлос Саинц Јр. понесен од домашната публика беше втор, пред Ландо Норис, Пјер Гасли и Луис Хамилтон.
Да, квалификациите беа толку чудни што Британецот успеа да го стави својот Мекларен на третата стартна позиција. Фернандо Алонсо, пак, направи грешка во Q1, имаше излетување од патеката и со оштетениот болид можеше да заврши само деветти, па утре ќе мора да се пробива низ поредокот.
Во Q1 сесијата сите возачи излегоа на патекарта за дуел со црвените гуми. Веќе во подготвителниот круг на излезот од 10-от свиок, Цунода ги блокираше тркалата, болидот се лизгаше стотина метри, но Јапонецот успеа да избегне катастрофално излетување, по што успеа да продолжи.
Во петтата минута најпрвин излетаа Алонсо, а потоа Ботас и Албон, а де Вриес се изврте неколку пати. Набрзо беа развеани црвените знамиња. Сите инциденти завршија без последици, но имаше чакал на патеката, кој требаше да биде изчистен.
Седум возачи успеаја да го комплетираат кругот, а најбрзото време го имаше Пјер Гасли, по бришењето на брзиот круг на Нико Хулкенберг. Пет минути подоцна, квалификациите продолжија.
Макс Ферстапен во првиот брз круг забележа нов репер, 1:13.660 и се повлече во својата гаража. Пјер Гасли го попречи Карлос Саинц Јр. во неговиот брз круг, а стјуардите го разгледуваат овој инцидент по квалификациите.
Ник де Врис повторно беше во чакалот покрај патеката, но успеа да се извлече и продолжи да се обидува да забележи што побрзо време.
Патеката постепено стануваше побрза, па како резултат на тоа, Луис Хамилтон успеа да го забележи најбрзото време, додека Макс реши дека нема потреба од ново излегување во акција.
Валтери Ботас, Кевин Магнусен, Алекс Албон, Чарлс Леклер и Логан Сарџент отпаднаа од понатамошната борба. Моначанецот од Ферари се пожали на својот тркачки инженер дека нешто не е во ред со неговиот болид. (Но, најверојатно не беше до болидот, туку до неговите можности.)
Во Q2 сесијата, асфалтот беше целосно сув. Ферстапен веќе во првиот обид го извозе најбриот круг. Најблиску до него се доближи Хамилтон, губејќи две десетинки.
Во вториот обид Серџо Перез излета надвор од патеката, помина низ чакалот, продолжи да напаѓа, но не можеше да се подобри, па втори квалификации по ред не успева да се пласира во финалниот сегмент.
Времето на Холанѓанецот остана како најбрзо, а веднаш зад него се доближи Ландо Норис, губејќи за само 16 илјадитинки. Џорџ Расел во својот подготвителен круг на стартно целниот правец мораше да го претекнува болидот на Ферари, но не го очекуваше тимскиот колега покрај себе.
Луис Хамилтон искористувајќи ја неговата заветрина започна да го претекнува, но Џорџ не го виде својот тимски колега и го истера надвор од патеката, при што имаше контакт, по што Луис заврши со оштетено предно крило.
Серџо Перез, Џорџ Расел, Џоу Гуанју, Ник де Врис и Јуки Цунода не се пласираа во финалниот сегмент.
Во Q3 сесијата, Макс Ферстапен возеше уште побрзо. Подот на болидот на Алонсо долго беше прегледуван од неговите механичари, тој го пропушти првиот обид и имаше само еден брз круг.
Никој од најбрзите 10 возачи не можеше да го надмине резултатот на Макс Ферстапен, а најблиску до лидерот се доближи Карлос Саинц Јр. кој загуби речиси половина секунда.
ДОПОЛНУВАЊЕ: Пјер Гасли е казнет со две казни од по три стартни места за попречување на брзите кругови на Карлос Саинц Јр. и Макс Ферстапен во квалификациите. Французинот со тоа ќе стартува шест места подолу, и од првобитната четврта позиција, падна на десеттата.
По аплицирањето на казните за Гасли, шест возачи добиваат една позиција. Луис Хамилтон добива најмногу и утре ќе стартува од вториот ред со што значително си ги подобрува шансите за пласман на победничкиот подиум.
МАКС И РЕД БУЛ ЈА ПРЕГАЗИЈА КОНКУРЕНЦИЈАТА
6/03/2023 03:42:00 PM
0
Share to other apps