Вообичаено, трката за Големата Награда на Белгија го отвораше вториот дел од сезоната, но оваа година го комплетира првиот, а се тоа поради дождот, но тој повторно не потсети дека е заштитен знак на СПА-Франкоршамп.
Од понеделник, тимските шефови започнуваат со летниот одмор, а за некои ќе биде и продолжен, како на пример Отмар Шафнауер, кој доби црвен картон од раководството на Рено Групацијата.
Последната пауза на целиот персонал на Ф1 тимовите, беше за време на божиќните и новогодишните празници, сега добиваат нова шанса да се видат со своите најмили.
Ова е една од неколкуте патеки кои ја задржаа магијата на нивниот оригинален изглед и преку новиот, модернизиран и скратен распоред, благодарение на своите легендарни делови како Eau Rouge, Pouhon и Blanchimont.
Патеката во СПА-Франкоршамп беше подложена на сериозна реконструкција, па познатата вила во Eau Rouge, со прекрасен поглед на тркачката патека, мораше да се сруши, се наоѓаше на локација што беше одлучено да се ослободи за да се прошири безбедносната зона.
Во последните години тука имаше неколку сериозни инциденти, еден од нив беше смртта на Антоан Хуберт во 2019 година. Но, и по зголемување на безбедносните аспекти, трагичните настани не сопреа.
Патеката останува особено опасна за возење при дожд и намалена видливост од прскањето на болидите. Затоа стјуардите и тркачкиот директор на Ф1 трките не дозволуваат одржување на сесиите и при најмала опасност по возачите.
Искачувањето преку Eau Rouge до облаците надвиснати над дрвјата од шумите на Ардените е една од повеќето незаборавни глетки во овој мотоспорт. СПА-Франкоршамп се карактеризира со долг круг од седум километри, кои се поминуваат со голема брзина, големи промени на елевацијата, брзи свиоци и променливи временски услови.
Белгиското Гран При е трка каде што може да се случат многу неочекувани пресврти, со висока шанса за безбедносното возило, до неочекувана промена на времето, па стратегија на тимовите е многу значајна, т.е. нивната способност да ги прочитаат овие услови и да реагираат најбрзо што можат.
СПА-Франкоршамп, го претставува најтешкиот тест за Погонските единици во сезоната. Времето поминато под полн гас е на нивото на Монца, но свиоците и промената во елевацијата ја зголемуваат нивната оптовареност.
Статистички гледано, Пол позицијата не е многу значајна на оваа патека, бидејќи таа е една од најлесните во календарот кога претекнување е во прашање, а тоа, исто така, е важен фактор при избор на тркачката стратегија.
Eau Rouge и Raidillon се едни од најпознатите свиоци во Формула 1, но предизвикот за нивно минување се менуваше со годините. Со сегашната генерација на болиди, тие практично се поминуваат без пуштање на педалот за гас, што значи дека реално имаме дво-километарски правец до Les Combes свиокот. Сепак, и тоа не е лесна задача, кога имаме исклучително големо оптоварување за амортизацијата на болидите.
Првиот и третиот сектор на СПА побаруваат голема моќност од ПЕ и мал отпор на болидите. Спротивно на тоа, вториот сектор е бавен, со голема побарувачка за потисна сила, и всушност може да се спореди со Монако во некои аспекти. Ова создава голема главоболка за инженерите и нивниот компромис при подесувањето на болидите.
Трката за Големата Награда на Белгија се состои од 44 круга и секогаш е комплицирана за предвидување на стратегијата, поради најдолгиот и најпроменливиот круг во сезоната, со непредвидливи временски услови и голема веројатност за излегување на безбедносниот автомобил.
Од Пирели предвидуваат стратегија со едно или со две застанувања во бокс, иако постојат различни пермутации на едно застанување, заедно со поагресивна стратегија со две застанувања.
Досега временските услови беа променливи, но за денешната трка би требало да имаме малку потопло време.
Старт на трката на жолтите гуми е најфлексибилниот пристап, кој дава можност да се префрлите или на бели или на црвени гуми како дел од трка со еден пит-стоп, а со тоа се остава можност за премин кон стратегија со два пит-стопа.
Старт на црвените гуми не се исклучува како опција, но бара или рано запирање за промена кон белите гуми или внимателното менаџирање за да се префрлите на жолтите гуми.
Поинаков и поагресивен пристап би можело да биде користење на црвените гуми како дел од трка со две застанувања во бокс, можеби со два стинта на жолтите гуми.
Ова може да ја загрози позицијата на патеката, но може да биде добра опција за брз болид ако има излегување на безбедносниот автомобил, или деградацијата на најмеката смеша е доста висока.
Тоа во голема мера ќе зависи од временските услови, но трката најверојатно ќе се вози во услови какви што досега ниту еден од тимовите ги нема искусено во досегашниот тек од викендот.
Марио Изола, мотоспорт оддел на Пирели: "Саботата од Спринт викендот е секогаш многу возбудлива, уште повеќе ако дождот игра улога. Видовме три многу блиски сесии во Спринт престрелката, на зелените и на црвените, со навистина блиски разлики, особено кога се зема предвид должината на патеката."
"На Спринтот, практично беше невозможно да се оцени однесувањето на пневматиците за влажно, бидејќи штом безбедносното возило влезе во боксот, условите на патеката беа идеални за интермедија. Тие работеа на начинот на кој очекувавме од она што го видовме во петокот, со разумно ограничена деградација дури и на подолгите стинтови."
"За денешната трка, тимовите имаат многу информации за пневматиците за дожд, но тие ќе бидат прилично во темнина кога станува збор за пневматиците за суво време."
"Во случај на мешани услови во трката, времето на вкрстување од суви гуми на интермедија се проценува дека е помеѓу 1.54/1.55, додека од интермедија кон сините гуми за дожд е помеѓу 2.04/2.05 (времиња базирани на ниско оптоварување со гориво)."
"Ако не врне, тогаш сите ќе мора да ги засноваат своите стратегиски симулации на податоците собрани од минатите трки на оваа патека и на тоа како триото достапни смеши се однесуваа во претходниот дел од оваа сезона."
"Ние самите го правиме токму тоа и во моментов сè што можеме да направиме е да го потврдиме нашето претходно предвидување, кое укажува дека нема многу разлика помеѓу едно или две застанувања. И, без многу информации, ова станува уште пофина линија, па на трката има поголеми шанси за изненадувања."
Односот на силите е толку очигледен, така што нема потреба да разговараме за тоа. Дванаесет победи на еден тим по ред, ова никогаш не се случило во Формула 1. Веќе во втората трка по летната пауза, во Монца, Ред Бул може пред време да го освои шампионатот за конструктори.
Останатите тимови продолжуваат да се борат за второто место, но по летната пауза повеќето ќе го стопираат развојот на тековниот, со цел да се фокусираат на болидите за следната година.
Во време на ограничен буџет, едноставно нема смисла да се подготвуваат нови ставки. Повеќето од новите решенија ќе бидат тестирани како подготовка за 2024 сезоната.
Овогодинешниот викенд во СПА-Франкоршамп се одржува во Спринт Формат, но годинава времето не оди во прилог на ваковиот распоред. Логично е да се додадат спринтови на трки како Сингапур или Абу Даби, каде речиси ништо не се случува за време на трките.
Веројатно е дека спринтот во СПА е поврзан со проценка на комерцијалните перспективи пред евентуално продолжување на договорот, што може да предизвика проблеми.
Проблемите со договорот се чисто финансиски, иако посетата е прилично добра, над 250 илјади гледачи. За жал, средствата од продажбата на билети не се доволни за плаќање на ФОМ.
Главна тема во падокот е враќањето на Даниел Рикиардо во тимот на АлфаТаури. Прво, по разделбата со Мекларен, тој доби солидна парична отштета, затоа што тимот беше тој што го раскина договорот. Речиси веднаш, Австралиецот потпиша договор за резервен возач со Ред Бул, а сега го замени Ник де Врис во Алфа Таури.
Шефот на АлфаТаури, Франц Тост, во неколку наврати изјави дека на возачот му требаат најмалку две години за да се чувствува удобно во Формула 1.
Де Врис доби само десет трки и доби излезна карта, не дочекувајќи ја домашната трка за него, Големата Награда на Холандија, која ќе ја продолжи сезоната по летната пауза.
Одлуката е сосема во духот на Хелмут Марко, кој лесно дава откази на своите возачи, а понекогаш и неочекувано ги враќа. Со овој потег се девалвира и младинската академија на Ред Бул, каде нема возач кој се истакнува и кој би добил шанса за влез во Формула 1.
Сите си го поставуваат прашањето дали е ова подготвка за замена на Перез. Мексиканецот секако ќе биде под притисок да прикаже добри резултати, а Даниел Рикиардо ќе ја чека својата шанса за целосен кам-бек.
Трката започнува во 15:00 часот, кога температурата на воздухот ќе достигне до 17 степени со облачно небо и со слаб југозападен ветер. Веројатноста за врнежи за време на трката е повеќе од 40%.
Стјуардите на Големата Награда на Белгија го казнија Кевин Магнусен со губење на три позиции на стартот, па така, Данецот ќе стартува шеснаесетти. Возачот на Хас е виновен за блокирање на Чарлс Леклер во квалификациите од свиокот 11 до свиокот 15.
Макс Ферстапен загуби пет места на стартот поради петта промена на менувачот на неговиот болид. Со оглед дека го имаше најбрзото време на петочните квалификации, тој ќе стартува од шесттата позиција.
Пред почетокот на трката, Хас се реши да стави целосно нова ПЕ во болидот на Хулкенберг. Покрај тоа, Нико го доби шестиот од осумте дозволени издувни системи за оваа сезоната.
За да ги направат сите промени, механичарите на Хас мораа да го прекршат правилото "затворен паркинг", па Германецот, кој веќе се квалификуваше последен, ќе мора да стартува од пит-линијата.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА БЕЛГИСКОТО ГРАН ПРИ
7/30/2023 10:58:00 AM
0
Share to other apps