Спринт престрелката и самиот спринт на СПА-Франкоршамп беа одложени поради дожд. Престрелката требаше да започне точно напладне, но беше одложена за 35 минути, а за исто толку беше одложен и спринтот.
Во спринт престрелката, Ферстапен го забележа најбрзото време, Пјастри го подели првиот стартен ред со него, Саинц Јр. и Леклер го започнаа спринтот од вториот, Норис и Гасли започнаа од третиот ред.
Нико Хулкенберг не комплетираше брз круг во спринт престрелката, но му беше дозволено да учествува во спринтот.
Непосредно пред стартот започна да паѓа силен дожд, па стартот на формацискиот круг, кој беше презакажан за 17:05 MK, повторно беше одложен.
Безбедносното возило во неколку наврати излегуваше на патеката, но со оглед на фаталниот инцидент што се случи пред неполн месец, тркачкиот директор не дозволуваше одржување на сесијата.
Откако времето се подобри, почетокот беше најавен на гуми за дожд и зад безбедносното возило.
По 5 формациски кругови и намалување на растојанието од 15 на 11 круга за Спринт, конечно беше дозволен летечки старт.
Макс Ферстапен го задржа водството, но повеќето возачи се решија за влез во бокс по зелените интермедија гуми на Пирели, бидејќи патеката забрзано се сушеше.
Ред Бул беше немоќен во однос на Холанѓанецот затоа што ќе останеше заглавен во својот бокс, поради густиот сообраќај. Па така, мораа да почекаат еден круг, како и останатите тимови кои имаа возачи со пласман еден позади друг.
Како резултат на тоа, водството на трката премина во рацете на Оскар Пјастри, а зад него го имавме следниот поредок по комплетната смена на пневматици: Ферстапен, Гасли, Перез, Хамилтон, Саинц Јр., Леклер, Норис.
Тркачкиот директор не дозволи користење на ДРС-системот, што ги ограничи можностите на Ред Бул.
Во четвртиот круг се случи речиси невозможното, искусниот Фернандо Алонсо, на својот роденден, излета од патеката и по неколку пируети заврши заглавен во чакалот покрај патеката.
Следуваше период на безбедносно возило, за отстранување на болидот на Астон Мартин.
При рестартот, Оскар Пјастри го задржа водството, но на Eau Rouge Ферстапен ја искористи заветрината на Мекларенот, по што Австралиецот мораше немоќно да гледа како Ред Булот пролетува покрај него.
Подолу во поредокот, Луис Хамилтон го нападна Серџо Перез за четвртото место и по првично неуспешниот обид, по кој дојде до контакт помеѓу двата болиди, во следниот Британецот излезе пред него, но набрзо тоа го направија и двајцата возачи на Ферари.
Неколку моменти подоцна, Мексиканецот имаше излетување надвор од патеката, па возењето низ чакалот го чинеше дополнителни места во поредокот.
Сепак, штетата на неговиот РБ19, беше преголема за нормално возење, па во 8-от круг му беше кажано да се повлече од спринтот.
За инцидентот, Луис Хамилтон доби казна од пет секунди, што на крај го чинеше пад од четврото на седмото место.
По претекнувањето на Пјастри, Макс Ферстапен лесно стигна до победата, со шест секунди предност во однос на Австралиецот, кој беше пресреќен и со второто место.
На некој начин ова беше негов деби пласман на подиумот, колку да ја почуствува победничката атмосфера и да се навикнува на она вистинското што треба да следи.
Пјер Гасли, со болидот на Алпин, беше трет и успеа да се одбраната од нападите на Луис Хамилтон.
Од викендот на СПА остана уште она вистинското, трката, која е закажана за 15:00 часот.
МАКС ГО ПРЕЛЕТА МЕКЛАРЕНОТ ЗА СПРИНТ ПОБЕДАТА
7/29/2023 04:38:00 PM
0
Share to other apps