Ландо Норис го приреди изненадувањето на денот, забележувајќи го најбрзото време на вториот тренинг за Големата Награда на Холандија.
Британецот го победи Макс Ферстапен за 0.023 делови од секундата и беше најбрз на петочните тренинг сесии.
Алекс Албон одличен со болидот на Вилијамс, трето место на табелата, пред Луис Хамилтон со Мерцедес АМГ. Двајцата возачи на Ферари надвор од Топ 10 пласман.
И покрај прогнозата, дождот во петокот го спречи само тренингот во Формула 2, а потоа патеката беше сува цел ден, на радост на Ф1 фановите кои ги наполнија трибините во Зандворт.
Од Астон Мартин го поправија болидот на Ленс Строл, кој го загуби првиот тренинг поради проблеми со Мерцедес ПЕ, но веќе во десеттата минута сесијата беше прекината.
Црвени знамиња беа развеани кога, најпрвин, Оскар Пјастри изгуби контрола врз својот Мекларен и удри во заштитните бариери на закосениот трет свиок, а по неколку секунди и Даниел Рикиардо, кој не го забележа навреме и се обиде да го избегне Мекларенот.
Двата болида мораа да бидат отстранети, а прекинот траеше 12-тина минути. Сесијата за Оскар Пјастри и Даниел Рикиардо беше завршена.
Австралиецот во овие моменти мораше да биде однесен во болница на дополнителни испитувања, бидејќи по тимското радио се пожалил на болки во раката.
АЖУРИРАЊЕ: Даниел Рикиардо има скршеница на метакарпална коска на неговата дланка, па како негова замена во останатиот дел од викендот ќе биде Лиам Лосон.
На средината од сесијата, возачите ги комплетираа своите брзи, квалификациски, кругови, време кога беа поставени најбрзите времиња. Потоа сите се префрлија на долги стинтови и евалуација на гумите на Пирели.
Алекс Албон ја продолжи импресивната форма забележувајќи го третото најбрзо време, нешто помалку од три десетинки од најбрзиот круг на Ландо Норис, но Логан Сарџент беше само 12-ти со вториот болид на Вилијамс.
Ферстапен имаше два обиди да го победи Мекларенот, во вториот круг беше многу блиску, но не доволно за врвот на табелата. Но, за време на долгите стинтови, Ред Булот на Макс Ферстапен изгледаше застрашувачки брз во споредба со Мекларен.
Луис Хамилтон беше четврти најбрз, пред Јуки Цунода и Пјер Гасли и Серџо Перез. Надградените болиди на Астон Мартин на Ленс Строл и Фернандо Алонсо, беа разделени од Алфа Ромеото на Валтери Ботас за заокружувањето на Топ 10 пласманот.
Чарлс Леклер беше само 11-ти со болидот на Ферари, но близу шест десетинки зад најбрзото време. Карлос Саинц Јр., кој го пропушти првиот тренинг, беше само 16-ти, со повеќе од седум десетинки заостанување. Тој имаше и неколку излети низ чакалот покрај патеката.
Естебан Окон и Џорџ Расел, исто така, не успеаја да влезат во топ 10 пласман, нешто што лесно им успеа на нивните тимски колеги. Надградените болиди на Хас на Кевин Магнусен и Нико Хулкенберг беа на 17-то и 18-то место.
Хулкенберг е под истрага за попречување на болидот на Макс Ферстапен на почетокот од сесијата. Холанѓанецот мораше да притисне на сопирачките за да го избегне болдиот на Хас кој движеше бавно во претпоследниот свиок.
ЛАНДО НОРИС И МЕКЛАРЕН НА ВРВОТ
8/25/2023 03:43:00 PM
0
Share to other apps