Карлос Саинц Јр. со Пол позиција го круниса брилијантниот почеток на викендот во Монца, забележувајќи го најбрзото време на квалификациите за Големата Награда на Италија.
Шпанецот го победи Макс Ферстапен за само 13 илјадити дел од секундата, кој ќе стартува покрај него на првиот стартен ред на утрешната трка, закажана за 15:00 часот по македонско време.
Чарлс Леклер заостана 67 илјадити делови од секундата, што беше доволно за трето најбрзо време, а покрај него на вториот ред ќе стартува Џорџ Расел кој веќе доцнеше близу 4 десетинки.
Гледавме многу интересни и блиски квалификации. Ферари и Ред Бул се чинеше дека се во сличен ранг на перформанси, но Макс Ферстапен како да имаше нешто повеќе откако ги постави најбрзите времиња во Q1 и Q2.
Сепак, Карлос Саинц Јр., понесен од тифозите, извади и повеќе од максимумот на Ферари болидот и забележа недостижно време, кое му ја донесе неговата 4-та Пол позиција во Формула 1.
Џорџ Расел успеа да извози побрз круг од Серџо Перез за четвртата позиција, па Мексиканецот се сели ред погоре заедно со Алекс Албон на П6. Топ 10 пласманот го комплетираа Оскар Пјастри, Луис Хамилтон, Ландо Норис и немоќниот Фернандо Алонсо со Астон Мартин.
Во Q1 сесијата беше задолжително борбата да се одвива на белите пневматици на Пирели. Најтврдата смеша е најлоша за поставување на најбрзи времиња, но екологијата е задолжителен тренд кој мора да се следи во Формула 1, па возачите мораа да се прилагодат.
На неколку возачи, меѓу кои и Ферстапен, Алонсо, Окон, Строл и Гуанју, најбрзите времиња им беа избришани поради излегување надвор од границите на патеката.
Естебан Окон влета во чакалот покрај патеката со голема брзина, но ја задржа контролата над болидот на Алпин и продолжи да се движи.
Макс Ферстапен го имаше најдоброто време, за стотинка побрзо од тоа на Алекс Албон. Болидот на Вилијамс беше одличен, но пред се конкурентен на белите гуми.
Од понатамошната борба отпаднаа: Џоу Гуанју, Пјер Гасли, Естебан Окон, Кевин Магнусен и Ленс Строл.
Во Q2 сесијата на патеката сите мораа да бидат на жолтите пневматици на Пирели. Овие гуми се загреваа побрзо и обезбедија подобар грип, па возачите можеа да возат побрзи кругови.
По првите брзи круга најбрз беше Карлос Саинц Јр., но во вторите обиди Чарлс Леклер го победи неговото време за 14 илјадитинки, но уште побрз, за четири стотинки, беше Макс Ферстапен.
Јуки Цунода, Лиам Лосон, Нико Хулкенберг, Валтери Ботас и Логан Сарџент не се пласираа во финалниот сегмент од квалификациите.
Во Q3 борбата се одвиваше на црвените, најмеки и најбрзи, пневматици на Пирели. Во првиот брз круг, Макс Ферстапен погреши, зафаќајќи дел од чакалот на излезот од свиокот Роџа, па Саинц Јр. го имаше најбрзиот круг, пред Чарлс Леклер.
Последните брзи круга, тифозите ги дочекаа на нозе, бодрејќи ги френетично своите миленици, кои се наоѓаа на првите две позиции.
Сите возачи од врвот се подобрија, но Саинц Јр. беше најбрз. Тифосите имаа причини за радување, кое ќе беше уште поголемо доколку Чарлс Леклер ја одбранеше втората позиција од Макс Ферстапен!
КАРЛОС САИНЦ ЈР. ЗА ВООДУШЕВУВАЊЕ НА ТИФОЗИТЕ
9/02/2023 03:48:00 PM
0
Share to other apps