Второто место во саботниот спринт на Големата Награда на Катар му ја обезбеди третата последователна Шампионска Титула на Макс Ферстапен.
По финишот, возачот на Ред Бул, како што е обичај, одржа шампионска прес-конференција, одговарајќи на прашања од медиумите.
Макс Ферстапен, трикратен Формула 1 шампион. Колку убаво звучи тоа?
Макс Верстапен: "Звучи одлично. Никогаш не сонував за вакво нешто. Секако, ова е горд момент за мене, за моето семејство и најблиските."
"Сите во тимот со кој работам имавме неверојатно искуство. Ова веќе го кажав преки тимското радио во повратниот круг по финишот."
"Секако, кога станува збор за брзината на болидот, секогаш му благодариме на тимот, но, јас сум благодарен за атмосферата. Навистина уживам да работам со овие луѓе, а тоа е поважно. Многу е важно да дојдете на патеката и да знаете дека ќе работите со добри луѓе.
Од вашите три титули, каде се рангира оваа најнова титула?
Макс Ферстапен: "Оваа титула е најдобрата. Првата титула беше најемотивна, бидејќи токму во тој момент се оствари еден сон во Формула 1. Но, оваа титула е дефинитивно... Ја имам мојата најдобра сезона."
"Победите се редеа една по друга, самиот болид беше најдобар. Ова е титулата на која сум најмногу горд бидејќи покажав константни резултати."
Да се вратиме на почетокот на годината. Кога првпат го тестиравте RB19, дали веднаш сфативте дека овој болид може да ве однесе до трета титула?
Макс Ферстапен: "На почетокот на годината секогаш е тешко да се предвиди како ќе се развиваат настаните. Ми се допадна однесувањето на болидот, имаше добар баланс. Но, никогаш не знаете што прават другите тимови. Навистина мислевме дека ќе имаме многу тесна борба во Бахреин."
"Беше пријатно изненадување за нас колку е добар нашиот болид, но тоа беше само една патека. Кога отидовме на други патеки и видовме колку е брз болидот, особено во трката, сфативме дека ситуацијата изгледа ветувачка."
"Мислам дека имавме одлична сезона во тешки услови каде што е лесно да се прават грешки, дури и ако имате доминантен болид. Мислам дека направивме неверојатна работа на повеќето трки."
Во кој момент од сезоната сфати дека титулата е во твои раце?
Макс Ферстапен: "До денес сè уште имаше други опции, нели? Секако, разликата растеше со секоја трка, а јас се трудев да бидам фокусиран на себе и да давам се од себе секој викенд."
"За мене тоа беше поважно од сонувањето за титула, бидејќи соништата нема да те однесат никаде. Постигнувањето на целите секогаш бара труд и работа."
Кристијан Хорнер рече дека никогаш порано не видел возач да се претстави на такво ниво како тебе. Дали навистина се подобривте оваа година и достигнавте ново ниво?
Макс Ферстапен: "Се обидов да се подобрам. Се разбира, не мораше да размислувам како да станам побрз возач, бидејќи веќе имам доста искуство. Искуството ве прави подобар возач и подобра личност."
"Кога би го споредувал она што го имам сега, со она што го имав во мојата прва сезона во Формула 1, разбирам дека искуството ми помага многу подобро да се справам со притисокот за време на викендите и да преживеам тешки ситуации."
"На крајот се сведува на добри перформанси на секој тркачки викенд. Според мене, ова е најтешкиот дел од Формула 1."
Во која трка почувствувавте најголем притисок оваа сезона?
Макс Ферстапен: Добро прашање, на кое не го знам одговорот. Ваквите работи обично зависат од условите на патеката. На пример, како во Зандворт, кога морав да возам на лесен дожд."
"Вообичаено сакам да се тркам на влажна патека, но знаев дека сум лидер во шампионатот и ако направам грешка ќе изгубам многу поени. Обично се обидувате да возите до самиот лимит на болидот, што може да биде опасно."
"Веројатно, во моментот кога преминав на гуми за суво, почувствував мал притисок. Понекогаш противниците позади одат побрзо едноставно затоа што немаат што да изгубат. Возачот кој се бори за титула има многу поинаков начин на размислување."
Можете ли да го наведете вашиот најнезаборавен момент во сезоната? Најдобрата Победа?
Макс Ферстапен: "Имав неколку такви победи. Многу ми се допадна победата во Мајами. Можам да ги истакнам и СПА, Зандворт и Сузука, бидејќи на таа трка го освоивме шампионатот за конструктори, што беше фантастично. Тешко ми е да изберам само една победа."
Која Пол позиција ви приреди најголемо задоволство?
Макс Ферстапен: "Веројатно во Сузука. Всушност, имаше неколку такви Пол позиции. Уживав во таа на СПА, кога навистина морав да "исцедам" сè од болидот. Во Сузука болидот возеше како на шини, чувтвото беше неверојатно. Знаете, кога возев се смеев, што е доста ретко за време на квалификациски круг."
Што го сметате за најдоброто претставување на тимот за оваа година?
Макс Ферстапен: "Искрено, скоро секој тркачки викенд. Не можам да изберам едeн бидејќи се натпреварувавме на многу различни патеки во различни услови. Мислам дека завршивме одлична работа, па не можам да издвојам една трка."
Кои други резултати можете да ги постигнете? Уште колку титули можете да освоите?
Макс Ферстапен: "Во голема мера зависи од болидот, сите се согласувате околу тоа, нели? Така функционира Формула 1."
"Веќе поминав многу години во шампионатот, но сè уште сум млад. Дефинитивно имам уште неколку години пред себе, во кои можам да работам со полна сила. Ајде да видиме колку долго ќе трае."
"Да бидам искрен, мислам дека во голема мера зависи од тоа колку долго сакам да се натпреварувам во Формула 1. Тоа ја прави целата разлика."
Има уште пет трки, но титулата е веќе во вашиот џеб. Дали на некој начин ќе го промените пристапот кон преостанатите трки оваа сезона?
Макс Ферстапен: "Не! На пример, денес знаев дека ми требаат само три бода за да станам шампион, но сепак сакав да победам и направив се што можев да нападнам. Така ќе биде и на секоја следна трка."
"Знам дека ривалите ја намалуваат разликата, па на некои патеки битката може да биде тесна, но моето расположение нема да се промени. Одеднаш нема да преземам повеќе ризици во борбата. Јас сум прилично задоволен од тоа како настапувам во моментов."
ПРАШАЊА ОД ПРИСУТНИТЕ НОВИНАРИ
Како што знаеме, ништо не ве радува повеќе од победата, а со оглед на тоа што имате одличен болид, можете да ги надминете Ален Прост и Себастијан Ветел по бројот на победи. Дали сега си поставуваш таква цел?
Макс Ферстапен: "Секако, сакам да извојувам што повеќе победи. Но, знам дека има многу голема разлика помеѓу второто и третото место на ова рангирање. Затоа, се надевам дека со текот на годините на мојата кариера можеби ќе можам да се најдам некаде помеѓу Себастијан Ветел и Михаел Шумахер. Би било одлично."
"Но, тоа зависи од многу фактори, како ќе поминат следните неколку трки и следните неколку години. Не знам колку долго ќе потрае ова. Но, засега уживам во моментот, а ова, според мене, е исто така многу важно. Веќе имам освоено повеќе трки отколку што сум сонувал, така што во моментов сум само среќен."
Како го оценувате придонесот на Хонда во освојувањето на овој шампионат?
Макс Ферстапен: Тој е многу значаен. Таков успех може да се постигне само ако имате одлична шасија во комбинација со одличен мотор."
"Навистина уживам да работам со Хонда, тие имаат одлични луѓе, секогаш се исклучително љубезни, кои се стремат кон совршенство во работата. Тие секогаш се подготвени да ве слушаат и, се разбира, секогаш се стремат да се подобрат."
"Тие засекогаш ќе останат во моето срце, дури и кога ќе се разделиме со нив на крајот на 2025 година. И сега сум многу горд на нив, ако се потсетиме од каде почнавме и што постигнавме."
Имаше ли моменти во текот на сезоната кога конкретно сакавте да ја покажете својата супериорност кон вашите противници? На пример, по не многу успешен викенд во Баку, имавте огромна предност на трката во Мајами. И по поразот во Сингапур во Сузука, бевте во предност уште од првиот круг на првиот тренинг...
Макс Ферстапен: Воопшто не. Секогаш се трудам да се претставам што е можно подобро. Секако, понекогаш сум незадоволен од мојата брзина или од начинот на кој минува викендот, но секогаш се трудам да работам перфектно и да бидам подобар со секоја трка."
"Се согласувам, можеби не беше сè добро во Баку, и тогаш не победив на трката, но разбрав многу, а тоа понекогаш е поважно од победата. Затоа што тогаш започна извонредно успешна серија."
"Викендот во Сингапур исто така не беше добар, но бевме борбени, сакавме да настапиме што подобро во Јапонија, бидејќи знаевме дека имаме одличен болид."
Кристијан Хорнер, честитајќи ви по финишот на трката, ги наведе имињата на другите трикратни Ф1 шампиони и рече дека тоа не е лошо друштво. Не обрнувате многу внимание на рекордите, но дали генерално размислувате за тоа какво наследство ќе оставите во Формула 1?
Макс Ферстапен: "Секогаш ми е тешко да одговорам на вакви прашања, бидејќи не се натпреварувам во Формула 1 за да оставам некакво наследство. Тука сум да победам, да постигнам најдобри можни резултати и да се обидам да уживам во овој момент со луѓето кои ми помагаат да го постигнам сето ова."
"За мене тоа е поважно од оставање некакво наследство. Но, никогаш не помислив дека можам да се најдам на листата на трикратни шампиони. Кога ги гледам овие имиња, мислам дека овие луѓе постигнале голем успех и сега се наоѓам покрај нив. Се разбира, ова носи неверојатна радост!"
Како ќе го прославите освојувањето на Титулата? И дали тоа некако може да влијае на вашиот настап на трката? И уште едно прашање: освоивте три титули за три години и сега веројатно мислите дека во иднина не само што можете да се израмните со Михаел и Луис, туку дури и да ги надминете и да станете осумкратен Ф1 шампион?
Макс Верстапен: "За да одговорам на првото прашање, ќе си дозволам неколку чаши газиран пијалок, но, секако повторно ќе бидам спремен на стартната линија!"
"Што се однесува до второто, Формула 1 се разликува од некои други спортови каде што можете да си поставите одредени цели."
"Тоа не секогаш функционира овде, затоа живеам само за денес. И како што реков, веќе постигнав поголем успех отколку што некогаш сум замислувал."
Штотуку ја освоивте титулата и веќе зборувате за трката, за преостанатите трки на кои исто така сакате да победите, и тоа е разбирливо. Зарем не се плашите дека може да дојде момент кога ќе почувствувате дека веќе ја немате таа ненаситна жед за успех?
Макс Ферстапен: "Се разбира, се плашам и мислам дека тоа е природно. Се разбира, сè уште сум многу млад, но во одреден момент ќе сфатам дека ми е доста."
"Мислам дека во одреден момент секој може да почувствува дека нивното тело повеќе не може да се справи со такви оптоварувања, и тоа ќе мора да се прифати."
"И тогаш само ќе треба да ја завршите кариерата, а покрај тоа, во одреден момент, се разбира, можеби ќе имате желба да правите нешто друго или да се тркате поретко. Но, ова е уште многу далеку."
Дали мислите дека може да се случи да се вратите поблиску до средината на поредокот, но сепак да уживате во тркањето во Формула 1? Или само победите можат да ве задоволат сега?
Макс Ферстапен: "Зависи на кои позиции ќе се искачам... Секако, ќе дојде момент кога ќе престанам да победувам, но ако се борам за позиции во долниот дел на поредокот, тогаш можеби нема да биде забавно."
"Но, ако продолжам да бидам во првите редови, да се борам за победи, и имам шанса да се вратам на врвот, тогаш тоа е сосема можно."
Дали е можно да се споредат вашите чувства сега со оние што ги доживеавте во 2021 година, кога требаше да чекате да видите дали Мерцедес АМГ ќе поднесе приговор? И минатата година имаше шпекулации за прекршување на финансиските прописи и други глупости. Но, какво е вашето расположение сега кога победивте толку самоуверено?
Макс Ферстапен: "Да бидам искрен, моето расположение во никој случај не зависи од тоа, затоа што треба да ги погледнете резултатите во текот на сезоната како целина, а во 2021 година луѓето секогаш зборуваат само за последната трка."
"Но, да се разбереме, Титулите се освојуваат со добри перформанси во текот на целата сезона. Истото се случи и во 2022 година. Да, имаше благ проблем во Јапонија и морав да почекам неколку минути пред да стане јасно дали станав шампион или не. За мене лично, таквите работи не играат некоја посебна улога."
"Ги анализирам моите перформанси не само по секоја трка, ги анализирам подготовката за трките и како настапувам надвор од патеката. Истото важи и за оваа година и мислам дека според резултатите и мојата работа е дефинитивно најдобра. Но, првата победа во шампионатот донесе најсилни емоции."
Има разлика помеѓу вашите три титули. Во 2021 година се боревте со Мерцедес АМГ до последната трка, лани против Ферари, но во одреден момент тие испаднаа од борба. Годинава единствениот противник ви беше тимскиот колега, но тоа не траеше долго...
Макс Ферстапен: "Се разбира, би сакал да видам поголема конкуренција во Формула 1, но не ми треба конкуренција со друг тим или тимски колега за да го дадам најдоброто од себе."
"Вршам притисок врз себе и секогаш се трудам да дадам се од себе, се трудам да се подготвам што е можно подобро. Тоа е она што ми се допаѓа и тоа е единственото нешто на што обрнувам внимание."
Макс, дали е штета што нема да го добиеш шампионскиот трофеј уште шест недели? По завршувањето на спринтот, Претседателот на ФИА ви врачи плакета со бројот два на неа, но можеби го сакавте шампионскиот трофеј?
Макс Верстапен: "Не го гледам ова како проблем бидејќи пехарите изгледаат исто. Дома, веќе имам два, тие не се менуваат, само се додава име. Така што се е во ред, можам да почекам малку. Еден шампионски пехар стои до мојот симулатор, а вториот до телевизорот."
ШАМПИОНСКО ИНТЕРВЈУ НА МАКС ФЕРСТАПЕН
10/08/2023 10:46:00 AM
0
Share to other apps