Летото 2021 година, раководството на Формула 1 ги завршуваше преговорите со Катар за десетгодишен договор, со трки на друга патека, која ќе биде наменски изградена, но промоторите од Катар понудиле да се одржи трка на патеката Лусаил, доколку дојде до откажување на одредени настани.
Па така, Големата Награда на Катар дебитираше таа година. Минатата година имавме пауза поради светското првенство во фудбал. Од оваа 2023 година продолжуваме со тркање на Лусаил интернационалната патека.
Откако ја изразија идејата за формат со саботен спринт, Либерти Медија увери дека воопшто нема да ја нарушат традицијата на неделната трка, дека додавањето спринт ќе ја подобри забавата и ќе ја зголеми публиката, вклучително и младите, особено оние кои сметаат дека двочасовна трка е предолга.
Потоа беше прилагоден форматот со спринт, почнаа да се доделуваат повеќе поени, и веќе оваа сезона, во втората година на експерименти, долгогодишните традиции беа прекршени со освојувањето на шампионската титула од страна на Макс Ферстапен врз основа на резултатите од спринт, а не традиционално на неделната трка.
Минатата година, Ферстапен ја освои титулата на петтата трка пред крајот на сезоната, во Сузука на 9 Октомври, оваа година Титулата беше обезбедена со пет трки до крајот, но два дена порано, на Спринтот во Катар, 7 Октомври. Фантастична конзистентност.
Макс Мозли, како претседател, авторитарно ги водеше своите мандати, неговата замена, Жан Тод, постепено ја губеше иницијативата и сега, под Мохамед бин Сулејем, федерацијата е речиси целосно лишена од донесување самостојни одлуки.
Чарли Вајтинг почина, Еклстоун беше отпуштен, а Стефано Доменикали, Рос Браун и други поранешни вработени во тимовите, иако искусни, се целосно зависни од Либерти Медија. Како што неодамна рече Берни, "Во мое време јас решив сè сам, но не знам дали денешното раководство е независно."
Сегашните прописи беа напишани од Либерти Медиа заедно со тимовите, ФИА само ги одобри, а кога ФИА неодамна ја одобри апликацијата на Андрети, главниот гласноговорник на Формула 1, официјалната веб-страница на шампионатот, не реагираше на оваа вест.
Па можеби реалните шанси на Андрети да дебитира во Формула 1 шампионатот во оваа ситуација може да се споредат со шансите на Серџо Перез да ја освои шампинската титула. Тие теоретски се остварливи, но реално можеби не.
Овогодинешната трка во Катар ќе биде прва од десетгодишниот договор. На патеката Лусаил важна е стартната позиција, па работата требаше да се заврши на квалификациите. Топлото време повторно ќе претставува сериозен тест за болидите, но како што се покажа по првиот тренинг и за гумите на Пирели.
Поради безбедносни причини, веќе беше променет саботниот распоред на сесии, заедно со промените на патеката.
Лусаил е релативно тесна патека првенствено наменета за трки со мотоцикли, на која доминираат брзи и медиум свиоци. Формула 1 болидите кои имаат чувствителна аеродинамика значи дека престигнувањето ќе биде тешко изводливо, а како единствено погодно место за борба за позиција е километарскиот правец и сопирањето пред првиот свиок.
Стартно/целниот правец е надополнет со шеснаесет брзи свиоци кои наизменично преминуваат од еден во друг, при што гумите ќе работат интензивно и брзо ќе се трошат. Традиционално, тимовите ќе треба да го најдат вистинскиот компромис помеѓу потисната сила и брзината.
Макс Ферстапен на трката ќе влезе со обезбедена шампионска титула, но веќе најави дека со тоа нема да се намали жедта за Победи.
Оптималната стратегија за трката за Големата Награда на Катар, која се состои од 57 круга, требаше да биде со две застанувања во бокс.
Но, ФИА по консултации со Пирели и анализа на гумите користени на патеката Лусаил во петокот и саботата, одлучија да го ограничат максималното растојание за секој нов комплет гуми на 18 круга од безбедносни причини.
Како резултат на тоа, секој возач ќе мора да направи најмалку три застанувања во боксот. Ако возачот ја надмине должината на сегментот, ќе му се покаже црно знаме.
Не секој возач има три комплети на нови гуми, па тимовите ќе мора да комбинираат и стари сетови на пневматици.
Најдобрата варијанта на хартија би вклучувала почетен стинт на жолтите гуми, проследен со стинт на белите и последен стинт повторно на жолтите гуми.
ФИА и Пирели издадоа подетално објаснување за тоа како тимовите треба да ги користат преостанатите пневматици што ги има на располагање секој ов возачите:
1. Воспоставена е задолжителна граница од 18 круга на вкупниот работен век за секој комплет гуми;
2. ФИА и Пирели ги информираа тимовите за бројот на преостанати кругови за секој комплет користени гуми што им се достапни за трката, како и за критериумите за оваа пресметка;
3. Нема изрично барање за три застанувања во бокс, но тоа логично произлегува од горенаведеното барање доколку се заврши целото планирано растојание на трката;
4. Секој болид што го надминува дозволениот број кругови ќе биде пријавен кај стјуардите. Болидот ќе се смета дека е во небезбедна состојба на патеката и ќе му биде покажано црно знаме.
Во тимот на Ред Бул се решија да извршат промена на елементите на Хонда ПЕ во болидот на Серџо Перез, па Мексиканецот ќе стартува од пит-линијата.
"Поради проблеми со системот за гориво, Карлос нема да учествува на Големата Награда на Катар“, соопшти Ферари.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА КАТАРСКОТО ГРАН ПРИ
10/08/2023 05:37:00 PM
0
Share to other apps