Можеби тоа не беше победата што ја посакуваше, но Чарлс Леклер до самиот финиш успеваше да врши притисок врз Ред Бул, водејќи голем дел од трката, а потоа ги подели нивните возачи со претекнување на Серџо Перез во последниот круг за да го освои второто место за Ферари.
Ферари не комплетираше совршен викенд во Лас Вегас, но барем заминуваат од Градот на Гревовите задоволни од перформансите што ги прикажаа во текот на целиот настан.
Чарлс Леклер беше во игра за Победата, особено изненадија со тркачкото темпо на жолтите пневматици, а три пати да се престигне супер болидот на Ред Бул на една трка не е мала работа. Всушност, досега тоа му нема успеано на никој оваа сезона.
Фредерик Васер, тимскиот шеф на Ферари, исто така го истакна настапот и на Карлос Саинц Јр., кој со старт од П12 успеа да стигне до шестото место во трката.
"Чарлс беше одличен. Денеска три пати ги престигна возачите на Ред Бул, а тоа никој не го направи оваа сезона. Карлос исто така имаше добар кам-бек."
"Безбедносното возило ни помогна со неговата стратегија, но ни одмогна на другата страна од гаражата. Денес можеме да бидеме задоволни од возачите и работата на тимот."
Викендот за Големата Награда на Лас Вегас започна со "малер" за Ферари. За време на првиот тренинг, Карлос Саинц Јр. премина над одводна шахта, која го уништи неговиот болид.
Откако ги замени шасијата, моторот и акумулаторите, ФИА го казни Шпанецот со десет позиции на гридот за неделната трка. Без разлика дали е нефер или не, Саинц мораше да стартува дванаесетти и покрај тоа што беше втор најбрз во квалификациите зад неговиот тимски колега Чарлс Леклер.
Моначанецот беше блиску до победа на улиците на Лас Вегас, а доколку беше неговиот тимски колега зад него, тоа можеби ќе беше друга приказна. Мерцедес АМГ беше категорично против "помилување" на Шпанецот поради виша сила.
Макс Ферстапен, иако ја има обезбедено шампионската титула, не попушта и на стартот ги прецени можностите на сопирање на РБ19 и го исфрли Чарлс надвор од патеката, маневар кој заврши со казна од пет секунди за актуелниот шампион.
Тоа му овозможи на Леклер да има значајна предност во однос на Холанѓанецот, но излегувањето на безбедносното возило беше во најнезгоден момент по неговата стратегија, а потоа перфомансите на белите гуми не му дозволија да направи нешто повеќе во однос на Макс Ферстапен, но успеа да се избори за среброто со Серџо Перез.
Дека Чарлс Леклер имаше реална шанса за Победа го покажуваат и податоците од телеметријата при престигнувањето на Перез: Моначанецот достигнува 354 км/ч со помош на заветрина и ДРС-системот и има +22 км/ч предност во однос на Чеко, плус започнува да сопира 3-5 метри подоцна од Мексиканецот. Во моментите на сопирање тркпи оптеретување до 7Г.
Сега, со уште една трка до завршување на 2023 сезоната во Формула 1 шампионатот, борбата за второто место кај конструкторите станува многу интересна и ќе се одвива помеѓу тимовите од Маранело и Бракли.
ЗАСЛУЖЕНО: ЧАРЛС ЛЕКЛЕР ВОЗАЧ НА ДЕНОТ
11/19/2023 09:08:00 PM
0
Share to other apps