Дојде време за прогласување на најдоброто од најдобрите за 2023 сезоната, избор кој беше лесен како никогаш досега.
МАКС ФЕРСТАПЕН - НАЈДОБАР ВОЗАЧ ЗА 2023 ГОДИНА
Рекордна сезона на Макс Ферстапен од почеток до крај. Холанѓанецот возеше речиси перфектно, без нити една грешка. Мирното, одмерено, зрело возење му донесе рекордна сезона по број на вкупни и последователни победи во текот на 2023 сезоната, како и четири дополнителни победи на спринтовите и екстремна разлика од 290 поени во однос на неговиот најблизок ривал.
Со годинешните настапи, Летечкиот Холанѓанец си го обезбеди местото како еден од најголемите возачи во историјата на Формула 1 Шампионатот. Не само што постави рекордни достигнувања кои веројатно никогаш нема да бидат победени, тој го направи RB19 најуспешниот Формула 1 болид некогаш направен, речиси самостојно.
Во 2023 година, победувањето стана "едноставна" рутина за Макс, што на нас фановите ни одзеде голем дел од возбудата на трките, но во нити еден момент не може да се намали вредноста на една посебна сезона за Холанѓанецот, која тешко може да биде повторена.
Одредени Ф1 фанови ќе "пукнат" од мака и нема да уживаат што беа сведоци на оваа рекордна сезона на Формула 1, но и повеќето од нив понизно ќе признаат дека Макс Ферстапен беше најдобриот возач на гридот во 2023 година и дека го даде еден од најдобрите возачки перформанси во историјата на Формула 1 шампионатот.
РБ19 - НАЈДОБАР БОЛИД НА СЕЗОНАТА
Најдобриот Ф1 болид во 2023 сезоната е РБ19, кој ја помести статистиката на некое друго ниво, кое тешко може да биде надминато во иднина.
Уште од зимската тест сесија беше невестено дека РБ19 е фаворит кој треба да се победи во 2023 година. Ферстапен изјави дека болидот е подобар со секој поглед од неговиот претходник, што е сосема извонредно со оглед на успешноста на РБ18, кој победи на 17 од 22-те трки во 2022 година.
Како што одминуваа викендите, беше јасно дека РБ19 е "чудовиште" од болид, победник на воведните 14 трки, вклучително и 10 рекордни по ред. Низата беше прекината во Сингапур.
РБ19 се врати на победничките патеки набргу потоа, бидејќи Ферстапен беше победник на следните седум трки од шампионатот. Дополнително РБ19 беше победник на 5 од 6 Ф1 Спринта, единствено препуштајќи му ја на Мекларен победата во Катарскиот спринт.
РЕД БУЛ РЕЈСИНГ- НАЈДОБАР ТИМ НА СЕЗОНАТА
Листата е неверојатна, 21 Победа во 22 трки. Ред Бул, единствено на трката во Сингапур не успеа да ги пронајде вистинските поставки и стратегија, се мачеше да го направи својот болид да функционира.
2023 сезоната на Ред Бул е полна со звездени моменти, но, настрана од највредното, обезбедување на двете титули, еден од моментите што се истакнаа беше кога тие го надминаа рекордот на Мекларен по бројот на последователни победи од 1988 година, 12 по ред во Унгарија и на крајот запирајќи на 15 во Монца на храмот на брзината.
Кристијан Хорнер, тимски шеф на Ред Бул: "Како мал се сеќавам дека ги гледав Мекларените на Алaн Прост и Аиртон Сена како го постигнуваат тој неверојатен подвиг. Тие беа неверојатен тим, а Рон Денис беше неверојатен тимски шеф."
"Сега ние го подобривме тоа, а тоа е заслуга на целиот тим, сите вработени работеа толку напорно, и тоа ни значи и не прави многу, многу горди."
Дамка на сезоната беше Сингапур. Ред Бул едноставно не можеше да го најде вистинскиот сет-ап што ќе функционира низ улиците на Марина Беј.
На хартија, нема многу што Ред Бул може да го подобри за 2024 година, освен да остане непоразен на сите 24 трки и шест Спринта.
Макс Ферстапен: "Секако дека имаме слабости. Погледнете го нашиот викенд во Сингапур. Во принцип, на уличните патеки, мислам дека се мачиме малку повеќе, како и во Вегас."
"Ниската брзина дефинитивно не е нашата најсилна страна, нерамнините на патеките, рабниците, така што тоа е дефинитивно голема област каде што можеме да се подобриме."
Мерцедес АМГ, Ферари, Мекларен и Астон Мартин ќе имаат амбиции да го соборат Ред Бул и да се борат во новата сезона. Задачата пред нив во услови на непроменети правила се чини дека е прилично застрашувачка, но возможна!
ГОДИШНА АНКЕТА
ГЛАСАЈТЕ ВО ШТО ПОГОЛЕМ БРОЈ!!!
ГОДИШНА АНКЕТА
ГЛАСАЈТЕ ВО ШТО ПОГОЛЕМ БРОЈ!!!
ГОДИШНА АНКЕТА