Новата ѕвезда во Формула 1, Оливер Бeрман, блесна на трката за Големата Награда на Саудиска Арабија на градската патека во Џеда, забележувајќи добри поени во својата дебитантска трка за Ферари, заменувајќи го Карлос Саинц Јр., кој мораше да биде опериран ден претходно, со што беше исклучен од трката овој викенд.
На Берман му беше кажано три часа пред почетокот на последната тренинг сесија дека ќе го вози болидот на Карлос. За време на квалификациите многумина мислеа дека можеше и мораше многу повеќе од П11, а финалниот сегмент му избега за само неколку стотинки.
На трката импресионираше со смиреноста и напредокот низ гридот, иако на самиот почеток, како што и тој самиот призна, му беше тешко да се справи со претекнувањето на Јуки Цунода и Нико Хулкенберг, но финишот беше достоен за респект.
Да не заборавиме дека Оливер не можеше да ги тестира белите гуми, а по раното излегување на безбедносното возило мораше да извози повеќе од 40 кругови до крајот на трката со таа смеша.
Исто така, многумина веруваа дека може да го "уништи" болидот поради блиските бариери, но тој не погреши, ја заврши трката и забележа шест вредни поени за Ферари. Други возачи, со многу поголемо искуство, денес беа понепредвидливи.
Најдобар дел од неговото претставување беше финишот на трката, кога се доби впечаток дека, како што одминуваа круговите, Британецот успеа повеќе да се усогласи со SF-24 и да го зголеми темпото.
Ландо Норис и Луис Хамилтон кога ги добија црвените гуми, на сите помислата им беше дека ќе го пристигнат по брза постапка, но тоа не беше така! Дури и од пит-ѕидот на Ферари му кажаа дека ќе биде стигнат за четири круга, но потоа, гледајќи го неговото темпо, мораа да се корегираат.
Возачот на Ферари успеа да ги задржи двајцата свои сонародници на безбедно разстојание зад себе и го обезбеди седмото место. Не е изненадување што ја однесе дома наградата за возач на денот. Многу заслужено.
Впечатлива е и неговата смиреност во изјавите. На крајот од трката, тој на радио врската рече дека "не била лоша трка", а подоцна, во изјавите за медиумите, дури изгледаше разочаран што не го престигна побрзо Нико Хулкенберг, бидејќи можеше да има подобри опции.
"Беше тешко да се справам со претекнувањето, мислам дека денес сите имавме проблеми во тој ДРС воз. Имавме тешки моменти кога го претекнувавме Нико, тој го искористи своето искуство за да ме држи подалеку, користејќи ја целата енергија на правците, а потоа имав двајца момци со црвени гуми зад мене и беше комплицирано, морав многу да притискам до крајот на трката."
"Штета е што изгубив многу време зад Нико. Да бев поефикасен при претекнувањето, можев да влезам во ДРС зоната на Расел и можеби ќе имав подобар пласман, но мислам дека го максимизирав мојот настап колку што можев."
"Чувствував дека сум малку побрз од Алонсо и Расел напред, но не доволно за да ги фатам бидејќи разликата беше доста голема. Бев шокиран од тоа колку е брз Ф1 болидот, станувајќи се побрз со секој круг. Физички тоа беше навистина тешка трка."
"Особено на крајот кога ме нападнаа двајца момци на црвени гуми и морав да нападнам со речиси се што имав. Не можев да се опуштам, постојано гледав во ретровизорите и давав се од себе. Но, тоа беше навистина возбудлива и забавна трка."
"Со толку блиски бариери, потребна беше голема прецизност, но уживав во секој момент од трката. Целото тело ме боли, особено долниот дел на грбот и вратот. Потребна ми е поголема физичка подготвеност, на моето работно место во Ф2 е потребен помал напор, но сме на почеток од сезоната и немав време да се фокусирам на тоа."
Накратко, спектакуларно деби на Берман. Сите се надеваме дека Карлос Саинц Јр. ќе закрепне што е можно поскоро и дека ќе може да биде на трката за Големата Награда на Австралија, но Ферари веќе знае дека има загарантирана замена и возач за иднината со огромен потенцијал.
ОЛИВЕР БЕРМАН ИМПРЕСИОНИРАШЕ НА СВОЕТО Ф1 ДЕБИ
3/10/2024 01:00:00 PM
0
Share to other apps