Новата регулатива на Формула 1 шампионатот која треба да стартува од 2026 година наидува на првите проблеми, иако се уште не е ништо дефинитивно потврдено.
Се со цел да не се започне со работа на нив уште од сега, па некој тим повторно да "забега" осамен на врвот на табелите.
Формула 1 ги објави основните принципи на новите прописи за погонските единици пред две години, но прописите за шасијата сè уште не се одобрени.
Моќноста на ПЕ треба да биде над 1000 КС, додека потисната сила генерирана од 2026 болидите треба да се намали, за тие да не се толку стабилни во свиоците, повеќе да пролизгуваат и со тоа возачките способности да дојдат до поголем израз.
Од ФИА и Формула 1 велат дека се залагаат за висока технологија по разумна цена. Всушност, овој фактор го сметаат за клучен за иднината на овој мотоспорт и дека тоа е чекор во вистинската насока.
За ова, се согласуваме. До воведувањето на ограничените буџети, имавме повеќе тимови кои се бореа за опстанок, барајќи начини како да преживеат, додека сега повеќе можат да се посветат на развојот и атак на резултати што повеќе зависи од "паметот" на ангажираните стручни лица, а помалку од финансиите.
Во 2026 година ќе се намали моќноста на моторот со внатрешно согорување од 550-560 киловати на 400, но ќе се зголеми моќноста на електричниот дел од 150 на 350 киловати, така што вкупната моќност на ПЕ малку ќе се зголеми.
Но, во пракса не е се така лесно! Откако одредени тимови ги тестирале карактеристиките на новите ПЕ во нивните симулатори, се дошло до заклучок дека за да се наполнат акумулаторите, возачите ќе треба да ја намалат брзината на правците, што ќе ја намали можноста за претекнување.
Ако моментално енергијата складирана во акумулаторите се троши во половина круг, а возачот кој напаѓа не може да ја има целосната моќност на електричниот дел во повеќе круга и треба да напаѓа во серии откако претходно добро ќе ги наполни акумулаторите, што би се случило во 2026 година кога ќе имаме тројно зголемување на електричниот капацитет.
Луѓето од ФИА велеа дека тоа нема да биде случај, но, според најновите промени во правилата за менаџирање со електричната моќност на новите 2026 ПЕ се чини дека гласините имале оправданост.
Најновата идеја води кон тоа возачите да го имаат на располагање целосниот потенцијал на електричната моќност при помали брзини, давајќи приоритет на забрзувањето, а не на максималните брзини на болидите.
Во најновите одредби, се вели дека при излегување од свиоци и забрзување, електричниот дел треба да испорачува најмалку 200KW од првата секунда. Плус со зголемување на брзината ќе се намалува достапноста на моќноста од електичниот дел на ПЕ. Вкупните 350KW ќе бидат достапни до 280 км/ч, а над таа брзина ќе се намалува и над 340 км/ч нема да биде достапна за користење.
На крај, се ова може да доведе до уште многу комплицирани прописи кои се тешко разбирливи за фановите! Ова ни изгледа дека работата оди од лошо кон полошо. Дали следно нешто ќе биде да се присили возачот кој се брани да се тргне настрана за возачот кој е залепен зад него да го претекне, само да се зголеми бројот на претекнувања на "вештачки" начин?
Патеки од типот на Монца, храм на брзината, ќе ја изгубат смислата на нивното постоење, бидејќи патеките со големи и долги правци ќе донесат забавување на болидите, а не основната ДНК на тркањето претекнување на најбрзиот болид!
Максималните брзини ќе бидат помали од сегашните и, пред сè, нема да се појават на крајот од правците, освен ако некој инженер од типот на Адријан Њуи не измисли аеро решение на нулти отпор на болидот.
Да се анулира оваа појава се воведува поимот "overdrive". Режим кој ќе биде активен доколку возачот да прави маневар на претекнување, па максималните 350 KW може да ги одржува до 335 км/ч.
И да не биде само тоа, дури ќе се регулира како ќе се полнат акумулаторите, на правците ќе се полнат со помало темпо и во зависност од типот на патеката! И ако ова не ви е доволно, имаме и бонус правила околу протокот на гориво во зависност од тоа колку е притиснат педалот за гас. Во новите правила е наведено дека нема да може да се користат суперкондензатори, туку обични акумулатори.
НОВАТА РЕГУЛАТИВА НА ФОРМУЛА 1 ОДИ ОД ЛОШО КОН ПОЛОШО?!?
3/31/2024 01:44:00 PM
0
Share to other apps