Макс Ферстапен се врати на врвот на табелата на последната тренинг сесија во Џеда и стана првиот возач што ја повторил првата позиција на тренинг сесиите во оваа година.
Чарлс Леклер ги подели двата болиди на Ред Бул, со Серџо Перез на третото место.
Во остатокот од викендот имаме нов возач во Ферари, Оливер Берман ќе го замени Карлос Саинц Јр. во остатокот од овој викенд. Младиот Британец го избра бројот 38 за својот болид.
Шпанецот нема да учествува на Големата Награда на Саудиска Арабија откако му беше дијагностициран апендицитис, т.е. воспаление на слепото црево.
Затоа, младиот Британец дебитираше во Формула 1 и со 18 години и 10 месеци станува најмладиот возач што се тркал за Ферари. Роберт Шварцман и Антонио Џовинаци, примарните резервни возачи не беа присутни во Џеда.
Логан Сарџент ја мина речиси целата сесија во својата гаража, бидејќи во првиот брз круг ја скрши амортизацијата на својот болид поради помал допир со заштитните бариери. Механичарите на Вилијамс не беа во можност да го вратат во акција пред крајот на тренингот.
Во 43-та минута Џоу Гуанју изгуби контрола врз својот Заубер во седмиот свиок, по заврши во заштитните бариери покрај осмиот свиок. Сесијата беше прекината со црвени знамиња.
Кинезот беше добро, но мораше на превентивен преглед во медицинскиот центар бидејќи се огласи сензорот за преоптоварување. Болидот е сериозно оштетен, па механичарите на Заубер ќе треба да го направат невозможното за да го вратат во квалификациите. Паузата траеше десет минути, а возачите повторно излегоа на патеката за кратка акција.
МАКС СЕ ВРАЌА НА ВРВОТ, СИТЕ ОЧИ ВПЕРЕНИ КОН НОВИОТ ВОЗАЧ НА ФЕРАРИ
3/08/2024 02:11:00 PM
0
Share to other apps