Макс Ферстапен победи на трката за Големата Награда на Кина, забележувајќи ја четврта победа сезонава, 58-ма во неговата кариера и прва во Шангај.
Ландо Норис заврши на второто место, постигнувајќи го својот најдобар резултат во сезоната. Серџо Перез се искачи на третото скалило на подиумот.
За две недели Формула 1 се сели во САД со трката за Големата Награда на Мајами.
Две излегувања на безбедносното возило на средината од трката не ја спречија победата на Макс Ферстапен, кој имаше добар старт и го зачува водството по првиот свиок и потоа започна да создава разлика со незамисливо темпо, кое беше над 20 секунди кога за прв пат излезе БВ на патеката
Уште еднаш гледавме монолог на возачот на Ред Бул од почеток до крај, кој веќе ја додаде и патеката во Шангај во списокот со победи.
Двете последователни излегувања на безбедносното возило, беше нешто што Ландо Норис можеше да го искористи, освојувајќи го второто место, победувајќи ги, не само Ферари, туку и Серџо Перез со вториот Ред Бул, кој се искачи на последното трето скалило од победничкиот подиум.
Ферари беше тимот кој имаше несфатлив пад во перформанси и по прв пат оваа сезона немаше нивни возач на подиумот во Кина. Мекларен, со добра стратегија, успеа да ја одземе оваа привилегија од тимот од Маранело.
Фернандо Алонсо загуби четири места во однос на неговата трета стартна позиција. Во Астон Мартин избраа да ризикуваат со црвените гуми, за да нападнат по безбедносното возило, но веднаш следуваше ново излегување на БВ, нешто што ги помати плановите на Шпанецот.
Седмото место, по камбекот во последните кругови со жолтите гуми, беше максималниот учинок што AMR24 можеше да го добие во оваа прилика.
Двократниот шампион беше протагонист на стартот на трката. Кога се изгасна семафорот, тој ја нападна втората позиција на Мексиканецот, кој потклекна на предизвикот на Астон Мартин. Алонсо се обиде да го нападне и прво место, но немаше шанса. Ферстапен уште еднаш ја покажа својата супериорност.
Ако Алонсо нешто знаеше од моментот кога го престигна Ред Булот, тоа беше дека кога тогаш ќе мора да го предаде второто место. И така беше, можеше да издржи само пет круга не ризикувајќи борба како би ги зачувал гумите.
Мексиканецот не беше во можност да го следи темпото на неговиот тимски колега, но беше безбеден на второто место.
Поназад возачите на Ферари имаа лош старт, па беаза момент претекнати од Нико Хулкенберг и Џорџ Расел. Со болидот на Хас беше лесно да се справат, но за Мерцедесот беше потребен поголем напор.
Во меѓувреме Ландо Норис имаше одличен потег со претекнување на Фернандо Алонсо, што беше клучно за да ја финишира трката како најдобар од останатите. Се чинеше дека шпанецот ќе се обиде да го следи во ДРС зоната, но Мекларен имаше повеќе темпо.
Наскоро пристигна време за први влегувања во бокс по нови пневматици. Деградацијата е висока на патеката во Шангај, но веројатно не повеќе од очекуваното. Во 10-от круг, Строл, Ботас, Хулкенберг, Окон, Албон, Џоу и Хамилтон менуваа гуми.
Во 12-от круг, Алонсо и Расел од водечките. Ферстапен и Перез имаа двојно застанување во бокс на крајот од 14-от круг, Карлос Саинц Јр. во 18-от.
Во 19-от круг, Ферстапен го престигна Норис, кој се уште не беше во боксот, повторно водејќи во трката.
Ферари ПЕ во Зауберот на Валтери Ботас откажа во 21-от круг. Финецот го паркираше неговиот болид во безбедносните зони, но стјуардите имаа проблем во негово отстранување.
Најверојатно беше заглавен во брзина. Беа развеани двојни жолти знамиња, потоа следуваше период на Виртуелно безбедносно возило.
Ландо Норис и Чарлс Леклер, кои сè уште немаа сменето гуми, ја искористија оваа можност да се упатат во бокс. Но, набргу што се вратија на патеката се појави безбедносното возило.
Периодот на БВ најави нови влегувања во бокс за промена на гуми. Ферстапен, Перез, Алонсо, Расел, Хулкенберг, Окон, Цунода, Албон, Џоу, Албон, Џоу, Гасли, Пјастри и Сарџент менуваа гуми.
Топ 10 поредокот беше Ферстапен, Норис, Леклер, Перез, Саинц Јр., Алонсо, Расел, Пјастри, Рикиардо, Строл. Шпанецот во болидот на Астон Мартин се одлучи за црвените гуми, единствен возач со поинаква одлука од онаа на останатите возачи, кои се одлучија за жолти и бели гуми.
Трката беше рестартирана во 27-от круг. Ферстапен остана во водство без поголеми проблеми, а Норис повеќе гледаше во ретровизорот, од колку да мисли за напад.
Алонсо со цревени гуми го претекна Карлос Саинц Јр.. Ферстапен, Норис, Леклер беа на подиумот, и повторно жолти знамиња.
Ленс Строл го удри Рикиардо, кој во тоа време се држеше на деветтото место, а Цунода заработи дупната гума по контактот со Магнусен.
Како последица на хаосот во тој дел од поредокот Безбедносното возило мораше да се врати на патеката, за безбедно да се отстрани болидот на Јуки Цунода.
Трката беше рестартирана пет круга подоцна, но работите беа многу помирни отколку во првата прилика.
Настаните оставија многу работа за стјуардите кои во момент на пишување на овој извештај се уште ги немаа донесено конечните резултати на трката. Најголем губитник беше тимот на РБ (Торо Росо).
Покрај Цунода, од трката мораше да се повлече и Даниел Рикиардо. Строл беше казнет со 10 секунди.
Фернандо Алонсо, со црвените гуми се обиде да го нападне Перез, кој го бркаше Леклер. Напред Ферстапен и Норис делуваа како да се во друга лига. Мексиканецот конечно го претекна Ферарито на Леклер во 39-от круг, но по цена на зголемено абење на гумите па не можеше да се надева на потера по Норис за второто место.
Моначанецот успеваше да се држи во близина на Перез. Луис Хамилтон, кој стартуваше од П18, во целиот хаос стигна до пласман кој носи поени. Беше на деветтото место, со бели гуми и веднаш зад Пјастри, кој имаше одредена штета по контактот со Рикиардо.
Со второто излегување на БВ, планот на Алонсо со црвените гуми падна во вода и тој мораше во бокс по нови гуми. На патеката се врати на 12-то место по неговото застанување во 44-от круг.
Со значително понови гуми од останатите возачи започна кам-бек низ поредокот, и по само два круга, со најбрзиот круг на трката, тој веќе се најде на десеттото место, откако ги претекна Албон и Окон.
Напред, Саинц Јр. беше во слична ситуација, но не толку критична, па возачот на Ферари се обиде да ја минимизира штетата. Шпанецот, на петтото место, далеку зад својот тимски колега, се посвети во последните кругови да го држи Расел на безбедно растојание.
Брзината на Алонсо ги исплаши и во тимот на Ферари. Саинц Јр. беше предупреден по радио врската дека сонародникот, и покрај сообраќајот, може да го нападне петтото место.
На шест круга до крајот, Хамилтон исто така беше жртва на таа брзина, на која лесно можеше да се случи да биде и самиот Алонсо, кој во желбата да се залепи што поблиску до болидот на Мерцедес АМГ, на влез во стартниот правец со едното тркало влезе во чакалот покрај патеката и за малку ќе го изгубеше болидот. Нешто слично на Карлос Саинц Јр. во квалификациите.
По Хамилтон лесна цел беше и Оскар Пјастри, а следен беше Расел со повеќе од десет секунди предност. Наскоро стана јасно дека Алонсо ќе мора да се задоволи со тоа седмо место, не можејќи да ја намали разликата со Мерцедес АМГ. На еден круг до крајот, Шпанецот беше уште пет секунди зад Расел.
Напред Ферстапен веќе возеше кон нова победа со повеќе од 13 секунди предност пред Ландо Норис, како втор. Серџо Перез финишираше трет пред возачите на Ферари, Леклер и Саинц Јр. Џорџ Расел го зачува шестото место пред Фернандо Алонсо, Пјастри, Хамилтон и Нико Хулкенберг на последното место што носи поени.
Ландо Норис: "Ако видите ист возач како победува секој пат без борба, тогаш се разбира дека почнува да станува досадно. Имате еден од најдобрите возачи досега, во еден од најдоминантните болиди. Тоа е смртоносна комбинација."
Со други зборови, можеби е досадно за првото место, но ја имаме привилегијата да ги следиме во живо еден од најдобрите возачи и болиди во историјата на Формула 1 Шампионатот. Ако го елиминираме Макс од резултатите, борбата во шампионатот е многу интересна.
ДЕБИТАНТСКА ПОБЕДА ЗА МАКС ФЕРСТАПЕН ВО ШАНГАЈ
4/21/2024 01:42:00 AM
0
Share to other apps