Никогаш досега трката за Големата Награда на Јапонија не се одржувала толку рано, на пролет наместо на есен, па двете трки во Сузука ги делат само шест месеци. Јапонските Ф1 фанови брзо добија прилика за нова посета во живо на својот омилен мотоспорт.
Беше навистина интересно да се проценат промените во односот на силите на сложена патека за толку кратко време. Торо Росо (РБ) реши да има целосно јапонска постава за првиот тренинг, Ајуму Иваса седна зад воланот на болидот на Даниел Рикиардо, дебитирајќи на официјалната сесија на Формула 1.
Сепак, тој не можеше веднаш да замине во акција, механичарите работеа на неговиот болид во боксот повеќе од петнаесет минути. Тимовите ја започнаа сесијата со аеродинамички тестови на бели и жолти пневматици, а потоа преминаа на меки.
По втор пат во текот на сезоната, како и во Бахреин, најтврдата смеша C1 беше искористенa за белите гуми, C2 за жолти и C3 за црвени.
По половина час сесијата беше прекината со црвени знамиња. Логан Сарџент изгуби контрола врз својот болид во седмиот свиок и заврши во бариерите покрај патеката. Неговиот болид беше прилично оштетен, а механичарите на Вилијамс немаа можност да го поправат за втората тренинг сесија.
Вилијамс се уште нема резервна шасија и има недостиг на резервни делови. Возачите на тимот имаа тешки несреќи втор петок по ред, па Алекс Албон мораше да го вози болидот на Сарџент во Мелбурн, а сега Логан излета со истиот болид во Сузука.
По 12 минути, возачите можеа да продолжат со акција, но многумина се жалеа на сообраќајот.
Макс Ферстапен го забележа најбрзото време, кое е за секунда и половина побрзо од времето на првиот тренинг возен минатата година. Времињата од целиот грид ја покажуваат, пред се, еволуцијата на сите тимови во текот на зимата.
Серџо Перез, заостануваше 181 илјадитинки од времето на својот тимски колега и обезбеди 1-2 пласман за Ред Бул во домот на Хонда. Карлос Саинц Јр. беше трет најбрз возач, со двата Мерцедес АМГ зад себе, Џорџ Расел четврти и Луис Хамилтон петти.
Чарлс Леклер не можеше подобро од шестото место и финишира пред Фернандо Алонсо, кој со постарата спецификација на AMR24, беше седми најбрз возач, половина секунда од времето на Ферстапен.
Јуки Цунода беше деветти и ги раздели двата возачи на Мекларен, кои беа доста резервирани во овој прв обид со црвените гуми. Оскар Пјастри заврши осми, а Ландо Норис десетти, но јасно е дека потенцијалот на MCL38 е многу поголем.
По првиот тренинг во кој доминираше Ред Бул и со Карлос Саинц јр. на третото место, поважен беше вториот тренинг бидејќи се одржува во исто време како и квалификациите.
Но, непосредно пред почетокот на сесијата почна да врне слаб дожд, а асфалтот беше влажен во 08:00 часот по македонско време. Условите значеа дека никој не сакаше да излезе на патеката и да се вози, иако семафорот светеше зелено.
Првиот што го стори тоа беше Луис Хамилтон, со жолти гуми, по повеќе од 12 минути. Британецот извозе инсталациски круг и во вториот се врати во својата гаража. Веднаш потоа и Даниел Рикиардо излезе на истите гуми, но започна да врне повеќе и тој се врати во својата гаража.
Речиси на половина од сесијата, Оскар Пјастри излезе на зелените интермедиа гуми и се врати во својата гаража откако комплетираше инсталациски круг.
Неколку возачи решија да излезат на патеката за да ги почувствуваат условите: Џоу Гуанју Џоу, Валтери Ботас, Јуки Цунода, Даниел Рикиардо, сите на зелените гуми.
Првите времиња на сесијата, по повеќе од половина час, беа на Јуки Цунода и на Даниел Рикиардо. Немаше многу акција, не поради невозможните услови, туку поради штедење на зелените интермедија пневматици кои може да бидат потребни и во текот на целиот викенд.
Дождот запре да паѓа при крајот на сесијата, па одредени возачи се осмелија да стават гуми за сува патека, но до крајот имаше само неколку минути од тајмерот.
Оскар Пјастри беше еден од возачите кои први излегоа на патеката, што му помогна да го заврши вториот тренинг на врвот на табелата. Луис Хамилтон со круг во последните секунди заостана половина секунда. Австралиецот и Британецот се единствените кои се обидоа да направат нешто повеќе.
На патеката излегоа и возачите на Ферари, но не форсираа туку сакаа да ја "почувствуваат" патеката и направат пробен старт. Истата стратегија важеше и за Ландо Норис, Естебан Окон и другите возачи.
Макс Ферстапен, Пјер Гасли, Серџо Перез, Фернандо Алонсо, Ленс Строл и Џорџ Расел останаа во своите гаражи, додека Логан Сарџент и да сакаше да излезе не можеше, поради тоа што неговите механичари се уште го поправаа неговиот болид кој го оштети при излетувањето во првиот тренинг.
ДОЖД НА СУЗУКА, МАКС ФЕРСТАПЕН НАЈБРЗ НА ПЕТОЧНИТЕ ТРЕНИНГ СЕСИИ
4/05/2024 12:26:00 AM
0
Share to other apps