Чарлс Леклер конечно успеа да го скрши "проклетството" што го имаше на улиците на својот дом и забележа Победа на Големата Награда на Монако, во досадна трка и без поголеми случувања по црвените знамиња во првиот круг.
Моначанецот го победи Оскар Пјастри за својата шеста победа во Формула 1. Карлос Саинц Јр. го комплетираше подиумот, по дадената втора шанса.
Лошата среќа на Леклер во Монако веќе беше тешка работа за разбирање. Ја имаше Пол позицијата во 2021 и 2022 година, но од една или друга причина никогаш не успеа да состави викенд без проблеми и, всушност, до сега не ни стапнал на подиумот.
Но, сè се смени овој викенд. Тој беше јасен фаворит на тренинг сесиите, вчера забележа брилијантна Пол позиција и водеше во трката од почеток до крај во трка со голем инцидент на стартот.
Серџо Перез и Кевин Магнусен се допреа на Бо Риваж, но тоа го спаси Карлос Саинц Јр., кој по контактот со Оскар Пјастри на излезот од Сан Девот заработи дупната гума и падна на дното на табелата.
Но, ништо не можеше да го спречи Леклер, кој имаше два добри старта и во секое време го насочуваше темпото кон победата. Оскар Пјастри, во трка во која белите гуми издржаа од вториот круг до крајот, беше втор, додека Карлос Саинц Јр. го комплетираше подиумот.
Џорџ Расел успеа да го задржи Макс Ферстапен зад себе и со огромна разлика во староста на пневматиците. Холанѓанецот, како и Ландо Норис, иако имаа темпо едноставно не беше возможно претекнување на оваа тесна патека.
Чарлс Леклер имаше добар старт и мајсторски го одбрани првото место по првиот свиок. Карлос Саинц Јр. го нападна Оскар Пјастри во истиот, но при излез од свиокот имаше контакт помеѓу двата болиди, по кој Шпанецот заработи дупната гума, што беше причина да излета надвор од патеката во Казино свиокот.
Ландо Норис веќе беше трет, пред Џорџ Расел, Макс Ферстапен, Луис Хамилтон и Јуки Цунода. Карлос Саинц Јр. се врати на патеката, но на последното место. Неколку моменти подоцна беа развеани црвените знамиња.
Трката беше стопирана по "страшениот" инцидент помеѓу Серџо Перез и Кевин Магнусен во Бо Риваж. На повторената снимка се виде дека Данецот во болидот на Хас, прво го престигна својот тимски колега, за потоа да го нападне и Мексиканецот.
Тој проба да се протне каде не го собираше неговиот болид, и по минималниот контакт со заштитните бариери, заврши во Ред Булот на Серџо Перез. Карамболот на тесната патека го зафати и Нико Хулкенберг кој за малку не успеа да ги претекне двата болиди, па РБ20 заврши во задниот дел на болидот на Хас.
За среќа, сите тројца возачи беа добро, и покрај тоа што местото на инциденотот изгледаше апокалиптично.
За да се стартува од тековниот редослед, мораше сите болиди да ја поминат мерната точка на првиот сектор и втората линија која го означува местото на влез на безбедносното возило.
Тоа не беше случај, што им овоможи да механичарите на Ферари да сменат пневматици на болидот на Карлос Саинц Јр., по што Шпанецот при рестартот на трката, иако веќе беше на дното на поредокот, се врати на третата стартна позиција.
Непосредно пред развејување на црвените знамиња, возачите на Алпин имаа сериозен инцидент во Портие, свиокот пред тунелот, по агресивниот маневар на Окон врз Гасли.
Новиот старт на трката беше закажан за 15:44 часот. Тркачкиот директор го објави стартниот редослед за вториот старт: Леклер, Пјастри, Саинц Јр., Норис, Расел, Ферстапен, Хамилтон, Цунода, Албон, Гасли, Окон, Строл, Рикиардо, Алонсо, Сарџент, Ботас и Џоу.
Иако излезе на патеката, Естебан Окон, не можеше да ја продолжи трката поради оштетувањата на неговиот Алпин. Очекувано, скоро сите возачи, освен Логан Сарџент, стартуваа со поинаква смеша од онаа што ја имаа на првиот старт, за да не мораат да менуваат до крај на трката.
По којзнае кој пат се покажа дека, во Монако, позицијата на патеката е поважна од се, бидејќи претекнувањето е практично невозможно. Тие што беа на бели гуми ставија жолти и обратно.
Вториот старт беше чист, без никакви инциденти. Чарлс Леклер уште еднаш имаше добри први метри и не дозволи да биде нападнат од Оскар Пјастри, а немаше промена на места во Топ 10 поредокот.
По пет круга, Оскар Пјастри заостануваше помалку од една секунда зад Чарлс Леклер, па можеше да го користи ДРС-системот во секое време. Но, тој на оваа патека се покажа бескорисен.
Карлос Саинц исто така беше многу блиску до возачот на Мекларен и малку се дистанцираше од Норис, кој стрпливо чекаше своја шанса. Џорџ Расел мораше да ги менаџира своите жолти пневматици за да траат до финиш на трката, по што возачот на Мерцедес АМГ започна драстично да заостанува зад првата четворка. Макс Ферстапен и Луис Хамилтон веднаш зад него, но со иста стратегија и жолти гуми.
Како изминуваа круговите, ништо не се случуваше на патеката. Чарлс Леклер водеше со Пјастри непосредно зад себе, ниту пак Ландо Норис не беше далеку од Карлос Саинц Јр.
На половина од трката, првата четворка сè уште беше распоредена еден позади друг во непосредна близина, а Расел на П5 веќе заостанување над 10 секунди и го предводеше возот на жолти гуми, кој пак имаше значителна предност зад 8-от Јуки Цунода со болидот на РБ.
Во втората половина од трката возачите кои имаа безбедна предност пред болидот зад себе, се решија да направат нешто на нов сет пневматици. Прв во бокс се упати Ленс Строл, во 43-от круг и излезе на патеката со бели гуми и без загубена позиција, во обид да атакува на 10-тото место на Пјер Гасли.
Сепак, сè беше за бадијала кога седум круга подоцна, Канаѓанецот, удри во бариерите покрај шиканата на излезот од тунелот, по што заработи дупната гума и беше принуден уште еднаш да замине во бокс.
Набргу потоа, Луис Хамилтон ги разбранува случувањата на патеката. Британецот се упати во бокс во 53-от круг, на што реагираше и Макс Ферстапен веќе во следниот. Немаше промена на позиции.
Џорџ Расел остана на патеката, а на Макс му беа потребни 12 круга да ја намали разликата од над 20-тина секунди, и да се залепи зад болидот на Мерцедес АМГ. Но, едно е да стигне, друго е да престигнеш, особено во Монте Карло. Иако разликата во старота на гумите беше очигледна, Холанѓанецот не можеше да направи ништо. Едноставно во Монако нема место за претекнување.
Во меѓувреме, Саинц Јр. се обидуваше да го забави Норис за да Мекларенот нема шанси за слободен пит-стоп. Иако во последните кругови повеќе возачи беа залепени еден зад друг, никој не успеа да изведе ни обид за претекнување, а камоли да се претекне.
Па така, Чарлс Леклер конечно ја забележа прва победа на домашен терен, негова шеста во Формула 1. Возачот на Ферари, по пауза од 93 години, стана само вториот Моначанец кој победил на Големата Награда на Монако, по Луис Кирон.
Оскар Пјастри и Карлос Саинц Јр. го комплетираа победничкиот подиум, додека Ландо Норис не можеше да го направи дополнителното застанување и мораше да се задоволи со четвртото место и без поенот за најбрзиот круг.
Џорџ Расел, издржа во битката против Макс Ферстапен и Луис Хамилтон за петтото место, а Топ 10 поредокот го заокружија Јуки Цунода, Алекс Албон и Пјер Гасли.
КОНЕЧНО, ЧАРЛС ЛЕКЛЕР ПОБЕДНИК ВО МОНАКО
5/26/2024 02:37:00 PM
0
Share to other apps